46
ПОЛИТИКА И ТЕРМИНОЛОГИЈА
16.09.2003
Една од работите со
кои не се снаоѓа ниту македонската власт ниту македонската јавност е
терминологијата, посебно кога станува збор за именување и опишување
на конфликтот од 2001 години и за неговите последици кои сè уште
траат.
И покрај тоа што
полицијата презеде одредени активности после низата киднапирања и
бомбашки напади, и покрај тоа што премиерот и министерот за
внатрешни работи го куражат народот и се обидуваат да ја намалат
тензијата (демек, целиот проблем е во пет-шест криминализирани и
политизирани типоси што читаат весници и интернет), власта нема
кохерентен и логичен терминолошки пристап кон сериозните проблеми
што ја дестабилизираат земјава, а тоа всушност значи дека таа нема
ниту кохерентна и логична политика.
Се разбира дека
пасивноста и контрадикторноста на власта најдобро се гледаат во
нејзината неспособност да ги разоткрие оние што толку ноншалантно ги
потценува и во слабоста на целокупниот државен систем (од
образованието до, особено, судството) да се справи и со хроничните
предизвици (потребата од длабоки реформи) и со акутните кризи од
безбедносен или од поинаков карактер; но, велам, конфузноста на
политиката на власта (па и на пошироката јавност) меѓу другото се
гледа и во терминологијата.
Терористи, герилци или криминалци?
Сепак, мора да се
признае дека воопшто не е лесно еднозначно да се одговори на некои
клучни терминолошки (што автоматски значи: еминентно политички)
прашања што ја засегаат нашата земја.
На пример, дали
македонското население и македонските власти се загрозени од
терористи, од герилци или од криминалци? И со кого војуваше
регуларната вооружена сила на државава пред две години: со цела
етничка заедница крената на востание, со групи уфрлени од соседна
држава, со инфилтрирани и домашни терористи, со организирана герила
која има политички цели или со криминализирани картели за шверц со
дрога, оружје, бело робје?
За жал, на овие
прашања нема јасен одговор, што делумно значи и дека нема јасна
политика. Веројатно дека прецизниот фото-робот на државниот
непријател број 1 е комбинација од криминалец, герилец и терорист,
кој згора на сè е под јако влијание на разноразни соседски и светски
служби што оперираат на подрачјево.
Што го разликува
терористот од герилецот? Под терминот герила - како што вели
стручњакот за тероризам, Брус Хофман - обично се подразбира бројно
поголема група од вооружени поединци кои функционираат како воена
единица, ги напаѓаат непријателските воени сили, освојуваат и држат
територија (иако тоа може да биде, на пример, само денски), имаат
некаков вид суверенитет или контрола на одредено географско подрачје
и над населението. Терористите, за разлика од нив, не
функционираат отворено како вооружени единици, обично не се стремат
да заземаат или држат територија, избегнуваат судири со
непријателските воени сили и ретко вршат директна контрола над
териториите и населението.
Хофман смета дека е
важно да се повлече разлика и помеѓу терористот и обичниот
криминалец. Терористот има идеали, обично политички, а криминалецот
дејствува од себични, лични мотиви, иако нивните чинови се слични:
киднапирање, пукање, предизвикување опасност. Важно е да се напомене
и дека насилниот чин на самиот криминалец нема за цел да создаде
последици, особено не психолошки, вон самиот криминален чин.
Пропагандната
функција, пак, на тероризмот има огромно значење. Всушност,
тероризмот е експлозивна смеша од насилство, политика и пропаганда.
Дури би можело да се каже дека тероризмот е некаква
рудиментарна, сирова политика, со оглед на тоа што постојат бројни
примери на терористи кои станале угледни политичари; на пример,
бившиот премиер на Израел (1977-1983), Менахем Бегин, бил водач на
терористичката група Иргун која во четириесеттите години преземала
спектакуларни акции против тогашните управувачи со Палестина,
Британците. Нивна најтрагична акција било минирањето на хотелот
Кралот Давид во Ерусалим во јули 1946 година, при што настрадале
над сто луѓе. Иронично е, се разбира, што државата која настанала и
со помош на тероризам денес токму страда од арапскиот тероризам.
Борба за држава - да, држава – не
Ние го имаме
примерот на Али Ахмети, кој за само две-три години од
герилец-терорист стана еден од највлијателните политичари во
Македонија и, дури, во регионална смисла, како што сметаат некои
странски дипломати, фактор на стабилност.
Се разбира, сите тие
преобразби, претопувања и лупинзи не се случуваат туку така и без
последици. Напротив, последиците од мрачните врски помеѓу тероризмот,
криминалот и политиката имаат потенцијал со децении да го
контаминираат општествениот живот.
Во моментов, се чини
дека е мошне важно да не се дозволи психозата на несигурноста и
насилството да завладее со општеството. Важно е борбата против
дестабилизаторите на земјава да не стане почеток и крај на
политиката воопшто, важно е ионака скудните капацитети со кои
располага Македонија да се стават во служба на реформите, на
поефикасното работење, на демократизацијата...
Порано имаше една
шега за италијанските комунисти; се зборуваше дека нивната парола е:
Борба за социјализам - си, социјализам - но. Во сличен филм денес е
Србија во однос на Косово: Борба за Косово - да, Косово - не.
Таа лекција
Македонија мора да ја научи. Џабе големиот патриотизам и
декларативноста ако немате идеја што сакате самите со себе. А за да
знаете што можете да направите со себе, за да можете да креирате
визии и да реализирате зацртани цели меѓу другото ви треба
кохерентна и логична терминологија. Јасната мисла води кон јасен
говор.
Нашата криза, меѓу
другото, е и криза на именување и артикулирање на стварноста. А за
да дојдеме до некаков поопшт консензус за магистралните насоки на
државава ќе треба да се поработи и на тоа поле. |