Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


45

ДЕТРОНИЗИРАЊЕ НА ИСТОРИЈАТА

25.08.2003


 

Цицерон вели: “Историјата е животот на сеќавањето.” Секоја заедница, па и нашата, луѓето кои живеат во Република Македонија, со сите различности што виреат во неа, втемелена е во сеќавањето. Нашата заедница на сеќавањето дополнително треба да биде обединета токму низ раскажувањата и согледувањата на заедничкото минато.

Тоа е, да речеме, една од добрите страни на историјата. Но, можеби токму во светлината на одбележувањето на стогодишнината од Илинден, денес е потребно да се каже дека е созреано времето, дури и на Балканот, историјата делумно да се детронизира, на начин да се намалат нејзините деструктивни потенцијали, нејзината стереотипност и едностраност.

Различни луѓе имаат различна слика за минатото, што значи дека историјата делумно е артифициелно утврдување на знаењето за минатото, некаков вид уредено сеќавање.

Значи, традиционалното сфаќање според кое помнењето го одразува она што навистина се случило, а историјата го одразува помнењето, денес изгледа премногу едноставно. И историјата и помнењето денес сè повеќе изгледаат проблематично, вели Питер Берк. Сеќавањето на минатото и пишувањето за него веќе не изгледаат толку невини чинови, како што некогаш се сметало. Во дословна, физичка смисла, помнат поединците. Меѓутоа, општествените групи одредуваат што е “достојно за помен” и како тоа ќе биде запаметено. Нашите обреди и празници се своевидни оживувања на минатото, тие се чинови на сеќавање, но исто така се и одраз на желбата минатото да се толкува на одреден начин и помнењето да се обликува. Тие во секоја смисла ре-презентираат нешто за колективот.

Ова, се разбира, не значи дека треба да се залагаме за тотален историски релативизам. Приказите на минатото се разликуваат по многу нешта: по сигурноста на изворите, веродостојноста, разборитоста, слоевитоста... Некои истражувачи се подобро информирани од други. Но, суштината е во тоа дека на минатото (како и на сегашноста) им приоѓаме само преку категориите и схемите на нашата култура.

Значи, ексклузивните етнички, религиозни и национални идентитети ни на еден начин не можат да ги разрешат комплексните проблеми со кои се соочуваат повеќето луѓе и повеќето држави во поглед на непредвидливата и опасна иднина. Се чини дека излезот лежи во сосема поинаква насока: токму признавањето на хетерогените културни сеќавања на планетата која зоврива од конфликтности може да биде дел од решението. Плуралитетот на сеќавањата треба да се подразбира, а можноста да се зачуваат културните баштини на различието на човечкото минато (или “човечките мината”, да употребиме една неправилна множина) е основен услов за опстојување на човечките заедници. Тоа, меѓу другото, подразбира преиспитување и на нашите сеќавања и на националните идентитети.

Зaтоа, токму низ призмата на стогодишнината од Илинденското востание, но и во согласие со некои нови европски интегративни начела, ми се чини дека во мугрите на еден нов век конечно е созреано времето на Балканот да се сврти нов лист. Никогаш веќе да не ни се повторат, на пример, двете Балкански војни, кои беа своевиден увод во еден фатален и фанатизиран европски и светски колеж што го донесе Првата светска војна и чиешто ехо влијаеше и на уште покрвавата Втора светска војна. Без да алудирам на безумното распаѓање на СФРЈ и на војните во деведесеттите, ги спомнувам балканските војни од почетокот на 20-иот век затоа што и ден-денес застрашувачки е поучна леснотијата со која оние што ги водеа војните манипулираа со претставата за непријателот во главите на своите војници. Помалку од еден месец пред да избие едномесечната Втора балканска војна, Србите и Грците се бореа на иста страна со Бугарите. Веднаш потоа Србите и Грците ги повикаа локалните Турци да им се придружат во ѕверствата над бугарските и македонските селани, а грчката и српската војска пустошеа низ некои делови на Македонија и Тракија и ги убиваа беспомошните жители.

Кога велам дека ни е потребно вртење нов лист на Балканот, мислам и на тоа дека можеби треба малку пошироко и не исклучиво за сопствени цели да ù приоѓаме на историјата. Меѓу другото, тоа е важно и како превентива на некои идни конфликти. Затоа што, ако сеќавањето на сопствените страдања е корен на сите конфликти, можеби може да помогне ако почнеме да ги негуваме сеќавањата и на страдањата на другите?

Балканот сепак не е диво подрачје предодредено за етнички нетрпеливости. Балканскиот национализам и милитаризам, на пример, беа во многу потесна врска со постапките и моралот на империјализмот на големите сили отколку што западните земји тоа сакаа да го признаат. Балканските војски беа финансирани од заеми добиени од западните влади, западните фирми беа снабдувачи со оружје и друга технологија, а нивните офицери беа школувани од Французи, Германци, Руси и Британци. Нагонот на новите држави да грабаат територии, без многу да водат сметка за демографските или историските факти, ги одразуваше постапките на нивните соседи, големите сили, чии произволни одлуки на Берлинскиот конгрес направија спорни многу територии.

Балкан не беше буре барут, како што обично се верува. Оваа метафора не е прецизна, вели Миша Глени. Балкан беше само трага од барутот кој големите сили го беа оставиле зад себе. Бурето барут беше Европа, и тоа најдобро го покажа Првата светска војна.

Низ идејата на ЕУ Европа сепак покажува дека постојат начини да се надминат историските фрустрации. Да се надеваме дека ЕУ ќе знае да помогне и во надминувањето на балканските фрустрации во кои “македонското прашање” има значајна улога. Дотолку повеќе зашто многумина историчари сметаат дека Македонија била клучната точка на Отоманското царство исто онака како што Босна била за Австроунгарското царство; а и едната и другата провинција за покажаа кобни за империите. Белки и таа накнадна историска памет на Европјаните ќе нè заштити, кога веќе самите немаме доволно ни ум ни сила ни волја (а можеби ни можности) порадикално да зафатиме нови, ненационалистички насоки во развојот на нашите држави; една од тие насоки може да биде славната мисла на Агнес Хелер: “Демократската нација мора да се конституира во дисконтинуитет со својата сопствена историја”.