Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


42

ПОСТКОЛОНИЈАЛИЗАМ, МАКЕДОНИЈА, БАЛКАН

14.07.2003


 

Пред неколку дена, од 6 до 9 јули, во Скопје гостуваше Гајатри Чакраворти Спивак, една од највлијателните мислителки на современото време, жена која многу придонесе да се етаблира таканаречената постколонијална критика, една важна академска дисциплина која има сè повеќе застапници не само во Третиот свет туку и на големите западни универзитети. Продлабочено и критички црпејќи ги ресурсите во прв ред на феминизмот, марксизмот и деконструкцијата, на трагата на Маркс, Дерида, Фуко, Лакан, Фројд, Спивак успева да втемели едно учење кое, како што вели самата, пред сè служи за да развие метод на читање (на книгите и стварноста) кој во прв ред ќе биде чувствителен на проблемите на родот, расата и класата.

Посетата на Спивак, за жал, не предизвика некаков посебен интерес во Скопје, иако релативно добро беа посетени конференцијата на која таа учествуваше, “Постколонијалниот дискурс и разбирањето на Балканот” и промоцијата на нејзината книга во културниот центар Точка. На двата настани присуствуваа стотина главно помлади луѓе, но изостанаа академскиот и медиумскиот овдешен естаблишмент, што само зборува - и тоа по илјадити пат - за страшната игноранција и провинцијална затвореност на нашите интелектуални арбитри.

Нејсе. Текстов сака да каже и нешто повеќе, особено во оваа атмосфера на илинденски реминисценции и симболички преиспитувања на за нас крупните нешта, прашањата на идентитетот, историјата, државноста...

Значи, во духот на “постколонијалната критика” која има нагласен осет за политичкото и историското, ќе започнам со тврдењето дека Република Македонија е квинтесенција на Балканот, точка на сосредоточување на сите балкански премрежиња. Ќе наведам само неколку причини зошто сметам дека оваа територија е своевидна метафора за целиот Балкан. Најпрвин, затоа што, како што вели Миша Глени, “македонското прашање е посложено од албанското и понејасно од босанското, тоа е камен на мудроста на балканските национализми”. Потем, затоа што, на пример, Македонија беше мошне важна за Отоманското царство исто онака како што Босна беше клуч за Австроунгарското царство, а двете се покажаа кобни за империите. Најпосле, во Македонија, како квинтесенција на Балканот, најдолго се задржала најсложената мултикултурна заедница во Европа. Освен тоа, Македонија е точка во која понекогаш драматично се отвораат прашањата на идентитетот, на верската испреплетеност, на односите меѓу националното и империјалното итн.

Со сите тие прашања меѓу другото се занимава и пост-колонијалната критика. Се разбира, постколонијалната критика во голема мера се занимава со промислување на политиката и политичкото. Но, погледот со кој се допира политичкото главно доаѓа од аголот на културата; на пример, најважните точки во корпусот на постколонијалното знаење се: сместувањето на културата, лоцатион оф цултур, и нејзиното картографирање, цултурал маппинг. Тоа се токму важни прашања и за македонската култура и политика, но и воопшто за промислување на нашиот регионален балкански, европски и глобален контекст.

Затоа сметам дека во кризата што ја живееме (која се случува и на самиот “терен”, но и во форма на криза во промислувањето на кризата), корисни можат да се покажат некои нови рефлексивни начела и нови “методи на читање”.

Но, особено затоа што Македонија реално се наоѓа на простор кој снажно е обележан со мошне хетерогени културни, дури и цивилизациски парадигми, важно е да бидеме во контакт со актуелното знаење коешто токму ги спротиставува но и ги облагородува на прв поглед разнородните нешта (еден од начините за суштинско културно проникнување е концептот на многубројни точки на допир, каква што е или може да биде нашата земја).

Културната различност на нашата земја, значи, може да биде голема развојна предност, а не тег за патот во амбис. За тоа да стане така, потребни се, меѓу другото, и нови, похрабри теориски, интелектуални исчекори.

Наша задача е да се вклопиме во новите зададени рамки, не само во гео-стратегиската и политичката сфера туку и во културната и теориската сфера кои секогаш ги навестуваат следните констелации на силите. Да се биде чекор напред, или барем да се држи чекор, тоа станува културен, технолошки, државен, регионален, континентален, светски императив од највисок ред. Меѓу другото и затоа е битно да го владееме вокабуларот на постколонијалното знаење.

Колега на Спивак (врата до врата на универзитетот Колумбија во Њујорк) е и Едвард Саид, еден од втемелувачите, заедно со Спивак, на постколонијалната критика. Саид е Палестинец-христијанин што живее во САД, а неговите согледби (посебно во книгите “Ориентализам”, 1978 и “Култура и Империјализам”, 1994) на мошне снажен начин постојано ги држат отворени тешките прашања за политиката на знаењето, за политиката на стручноста, за политиката на дискурсот, за политиката на литературата.

Особено важно за нас, вака етнички опседнати, саможиви и самосожаливи, е тврдењето на Саид дека фетишизираниот статус на жртва е главниот генератор за насилство над Другиот. Се разбира, Саид мисли и на Палестинците, но пред сè на вечните жртви Евреите кои одат толку далеку во ништењето на Палестинците што тврдат дека тие едноставно не постојат. Ние во близина го имавме српското лелекање над сопствените гробови, лелекање кое во деведесеттите отвори стотици илјади нови гробови, сè во име на националниот ресентиман и етнички сфатената правда.

Зборот е, за нас е особено важно да ги примаме знаењата и искуствата од другите, особено ако одат во насока на сензибилизирање и продлабочување на свеста за меѓусебната поврзаност, па дури и во најшироки глобални рамки. Допирот на христијанството и исламот, на пример, во Македонија (што значи, на европско тло!), е наша значајна цивилизациска придобивка, нешто што е наш културен и развоен ресурс од највисок ред.

Клифорд Герц вели: “Она што го гледаме не е само ново зацртување на културната карта - поместување на некои спорни граници, обележување на некои сликовити планински езера - туку измена на самиот процес на картографирање. Нешто се случува со начинот со кој мислиме за начинот на којшто мислиме”.