43
СКОПЈЕ ВО ВИТЕЛОТ НА ВРЕМИЊАТА
28.07.2003
Деновиве, интересно
е совпаѓањето на неколку наши значајни јубилеи кои, освен
вообичаеното големо историско значење, имаат и некои други
интригантни симболички димензии. Значи, во позадината на главното
одбележување годинава, стогодишнината на Илинден - и во релација со
него - сакам да проговорам за четириесетгодишнината од скопскиот
земјотрес.
Ако Илинден беше
земјотрес во политичка и национална смисла и некакво симболичко
збогување со 19 век (кој, за жал, во Македонија, па и на Балканот,
ќе потрае уште некоја деценија), тогаш скопскиот земјотрес
прет-ставуваше симболичко срамнување со земја на традиционалното
питорескно гратче и насилно (додуша, насилството дојде од страна на
природата!) воспоставување на модернистичката парадигма, сфатена
најшироко: и во дословната архитектонска смисла (главните странски
архитекти кои го градеа разрушениот град размислуваа еминентно
модернистички), но и во смисла на една политичка, па би се осмелил
да кажам и национална модернизација која во прв ред значи отворање
кон светот и отфрлање на традиционалниот начин на размислување
поврзан со затвореноста и провинцијализмот.
На некој начин,
главен град на една федеративна република и подоцна држава, Скопје
стана дури 1963 година, поминувајќи низ своевидна трагична катарза и
соочувајќи се самото со себе, со својата традиција, но пред сè со
својата иднина. Тоа соочување бара(ше) преземање на тежината, на
обврските, бара одговорност и излегување од тесноградите и
ситносопственичките перспективи.
Го спомнувам овој
“модернистички” пресврт (кој може да се толкува и пошироко: можеби и
Република Македонија, тој мал заборавен темен вилает, како од
татнежот да беше принудена да се разбуди и да се соочи со
сопствените одговорности, да не речам со сопствената државност)
затоа што и денес, 40 години подоцна, се наоѓаме пред слично
менување на парадигмите, и во политичка и во секоја друга смисла.
Во меѓувреме Скопје
стана некоја чудна мешавина на селендра и метропола, некој чуден
микс меѓу Првиот (западен, “постмодерен”), Вториот (главно
источноевропски, сè уште “модерен”) и Третиот (опустошен и
осиромашен, “предмодерен”) свет. За жал, се чини дека во моментов,
како резултатот на една лоша урбана политика последниве години,
Скопје повеќе наликува на паланка, на валкана, хаотична и
неартикулирана креатура од град отколку на цивилизирана престолнина.
Вината за тоа е малку поширока, ги допира и централните власти, и
градските планери, ги допира и самите граѓани кои имаат ниска
комунална култура, но одговорноста сепак во прв ред паѓа врз
скопските градоначалници, што значи, во моментов, директно врз Ристо
Пенов. Само да е трагедијата со Камениот мост (која прераснува во
драма на апсурд) - доволно е за трајна политичка компромитација на
Пенов; за жал, во градот има уште стотици пунктови кои бараат грижа
и решенија, а кои нема да се решат во догледно време. Но, човек
треба добро да промисли кога го критикува дури и во многу аспекти
евидентно неуспешниот Пенов; помислете само на градоначалниците пред
Пенов - најголемите дострели беа бојосаните фасади на две куќи на
плоштадот.
Зборот е дека ќе
мораме да ги менуваме размерите, перспективите на гледање, начините
на кои им приоѓаме на работите. Скопје треба да значи многу повеќе
од хортикултура, козметика и бекатон плочки. Скопје бара поагилни
практичари, но и поамбициозни визионери кои ќе успеат градот да го
прикопчаат барем кон регионалните стандарди за тоа како треба да
изгледа главен град на една држава.
Пред оние кои ја
креираат архитектурата на државава и градов стојат, значи, сериозни
предизвици. За малку да излезам од нашиот стеснет контекст, бегло ќе
спомнам и некои пошироки аспекти на тие предизвици.
На пример, постмодерниот свет, низ процесите на глобализацијата, создаде
една сосема нова топографија и картографија на светскиот простор; се
појави еден феномен кој се нарекува глобален град и кој
означува денационализирање на традиционално сфатена држава.
Саскиа Сасен, највлијателниот социолошки аналитичар на
современите урбани преобразби, вели дека за нас е особено важно да
разбереме каде и како глобалното, во своите економски, политички и
културни димензии, се манифестира и добива физички облик во
просторот. Со своите истражувања на структурните промени во урбаниот
простор и развојот на транснационалните мрежи во дигиталниот
простор, Сасен нуди нов модел за согледување на глобалната
општествена географија. На пример, добар дел од она што во градовите
некогаш се именуваше како јавен простор денес всушност е политички
простор, простор за конфронтација. Можноста да се поврзат различните
страни на градот е мошне важна и тоа всушност и е суштината на
јавниот простор: тој овозможува дијалог и преговарање меѓу радикално
различни луѓе, во класна, социјална, етничка, родова смисла. Јавниот
простор не е даденост, тој е постигнување. Политичкиот простор е вид
на јавниот простор, но тој може да стане многу продуктивен јавен
простор со оглед токму на растечките разлики меѓу луѓето. Од една
страна се луѓето интензивно поврзани со глобалните кругови -
одредени бизнисмени, политичари, интелектуалци - а од друга страна
се луѓето кои се сосема вон тие кругови, гледано од аспект на
знаењата или финансиската моќ. А за да се сретнат тие разлики мораат
да постојат јавни градски простори.
Се разбира, и
покрај целата запуштеност, барем во едно свое делче, Скопје поседува
димензија и на глобален град, град во кој се вкрстуваат не само
различни културни и етнички идентитети туку и град на историски и
цивилизациски различни парадигми.
Во тоа и е главната привлечност на Скопје, од таму веројатно и
извира мистиката на неговиот шарм. Но, сите тие напластени слоеви
крај нас (и во нас) бараат неспоредливо повеќе свест за моделите на
можната одржливост низ времето и свест за вклопување во новите
променети околности. Доколку во нашиот град успееме да ги
препознаеме фасцинантните комуникациски капацитети (што е суштината
на секој град) и доколку успееме да ги артикулираме и негуваме - во
тој случај на овој град нема да му треба уште еден земјотрес за уште
еднаш подлабоко да се соочи со себе и со својата иднина. |