41
АМНЕСТИЈА, АМНЕЗИЈА
30.06.2003
Историјата ни е потребна, но потребна ни е поинаква историја од онаа која
му треба на размазениот безделник во градината на знаењето.
Фридрих Ниче,
За корисноста и штетноста на историјата
Каков е нашиот однос
кон минатото? Кој ја одредува историјата? Дали историјата е
селективна хроника или непристрасен архив? Дали историјата служи
исклучиво за да го поткрепи постоечкиот поредок на моќта или за да
ја зацврсне кохезијата на заедницата? Итн.
Поттик за овој текст
не е големиот јубилеј на Илинден (кој заслужува посебно внимание)
туку нашето најнепосредно трауматско минато, конфликтот во 2001
година и грабежот кој изминативе години го извршија некои
високопозиционирани личности од претходната гарнитура на власт.
Се соочуваме со
деликатни прашања. Беше прогласена амнестија за оние кои учествуваа
во оружениот конфликт. Но, отворено или премолчано, се бара
амнестија и за крадците од власта, се бара крајно лабаво третирање
на постоечките правни и морални норми. Се прогласуваат за политички
пресметки кривични пријави за проневери на стотици милиони денари. И
тоа се прави без да се трепне, сè во функција на најприземни
политички манипулации, а на сметка на елементарното чувство за чест,
правда и морал.
Значи, одново се
поставува прашањето: дали имаме право туку-така да заборавиме?
Амнестијата е стара правна мерка и нејзиното прогласување
често имало извонредно корисни последици за кохезивноста на
заедницата. Амнезијата стои во врска со амнестијата, со она што се
нарекувало “чин на заборавање”, официјално бришење на сеќавањето за
судирите во интерес на општественото хомогенизирање.
Но, токму заради
менталното и моралното здравје на заедницата, некој сепак треба да
ја чува вистината за неугодните настани.
“Злопамтилото”
всушност е човек кој добро памти некој настан, но го памти
по зло. Иако често жигосано од заедницата која понекогаш наоѓа
корист во заборавањето, “злопамтилото” има непроценливо важна
функција во заедницата која всушност и се базира на сеќавањето.
“Злопамтилото” можеби е последната брана пред можноста на еден
орвелијански свет во кој на поданиците секојдневно им се перат
мозоците и постојано им се сервираат сè
нови и поинакви верзии на
минатото.
Значи, минатиот
клептократски режим, кој сега оправдано е ставен на столбот на
срамот, меѓу многуте работи што пропушти да ги сработи особено е
одговорен за една: токму во име на здравјето на заедницата да ги
издвои и да ги казни претходните пљачкосувачи, за кои наместо судски
процеси ни беа сервирани бескрајни кулоарски приказни. Тој режим
всушност власта не ја користеше да владее, да регулира и да
антиципира, туку само за да си ги наполнат џеповите, само за
економски да се воспостави една нова и тенка класа на
малограѓани-богаташи. Во таа травестија на владеењето можеше да се
очекува дури и ова: да се леат крокодилски солзи над судбината на
ноторните измамници кои во една од најсиромашните европски држави
преку ноќ стекнаа спектакуларни приходи и имоти.
Зборувајќи за
историја, значи, мислам и на она што се случувало вчера; тоа може да
се нарече и современа историја, но овде се поставува во прв ред како
политички и морален проблем, со многу широки консеквенци.
Херодот историчарите
ги сметал за чувари на сеќавањето, пред сè сеќавањето на славните
дела. Сегашните историчари имаат малку покомплексна задача. Питер
Берк, професор по културна историја во Кембриџ, смета дека
историчарот треба да биде токму чувар на незгодните факти, чувар на
костурот во орманот на општественото помнење.
Некогаш во Англија постоел службеник кој се нарекувал
Ремембранцер, “опоменувач”, што всушност бил еуфемизам за
втерувач на долгови; работата на тој службеник била да ги опоменува
луѓето на она што посакуваат да го заборават. Една од најважните
задачи на историчарот е да биде - опоменувач, вели Берк.
Една од тие
опоменувачки приказни е и првиот краток роман на Х. Џ. Велс,
Времеплов, објавен 1895 година. Во него еден научник заминува во
далечната иднина и таму запознава луѓе кои живеат рајски: во
ведрина, безделништво, изобилие. Единствената забрана е излегувањето
ноќе, бидејќи на нив тогаш демнат гнасните креатури од подземјето,
далечните потомци на некогашната работничка класа. За сето тоа
блажениот народ кој живее денски нема јасна претстава, бидејќи нема
никакво сеќавање ниту на претходниот час, а камоли на далечното
минато: неосетливи за страдањето на пријателот кој се дави, потполно
незаинтересирани за странецот кој патува низ времето, овие луѓе
живеат во потполна и колективна амнезија, а единственото чувство што
го познаваат е - стравот.
Уметноста, значи,
покрај медиумите, историјата или политиката, служи да биде и
опоменувач. Религијата исто така е отпор спрема културната амнезија.
Тој отпор меѓу другото нè учи историското сценарио да го посматраме
со очите на неговите жртви, тој отпор нè учи да се сеќаваме и на
туѓото а не само на сопственото страдање.
Оваа приказна за
амнезијата, амнестијата и анамнезата, се разбира, има и други нивоа
и други длабочини и многу пошироки хуманистички импликации. Во оваа
пригода, токму среде нашиот фалшлив и лажлив христијански контекст,
но и за да отворам поширока перспектива на проблемот, би сакал само
да го спомнам мислењето на Јохан Баптист Мец, еден од најистакнатите
германски теолози, основач на тн. политичка теологија. Според Мец,
анамнетичката култура (наспроти културната амнезија) протестира
против специфичниот прагматизам на демократската слобода која се
откажува од помнењето на страдањето и поради тоа сè повеќе морално
слепее. “Во политиката на слободата не е важен само односот помеѓу
соговорниците, туку и односот спрема загрозените и занемарените.
Стриктно симетричните признанија, какви што се импутираат во нашиот
политички дискурс, не можат да ја надминат логиката на пазарот,
размената и конкуренцијата. Дури асиметричното признавање, дури
свртувањето кон загрозените и жртвуваните, ќе ја скрши логиката на
пазарот во политиката. Многумина зад ова нагласување на асиметријата
ќе насетат едно пренагласено разбирање на политиката. Со него,
меѓутоа, само се инсистира на нужниот однос помеѓу политиката и
моралот. Без оваа “морална импликација”, политиката, светската
политика, би била само она што веќе денес ни се чини дека таа е:
заложник на економијата и техниката, и на нивната таканаречена
материјална принуда во ерата на глобализацијата.” |