40
ГЛОКАЛИЗАЦИЈА
15.06.2003
Дилемата глобално
или локално е лажна. Ниту глобалното подразбира вештачки творби,
хомогеност, хегемонија и нејасни идентитети, ниту пак локалното ги
симболизира спротивните нешта, природното, хетерогеноста,
различноста, цврстите идентитети. Повеќе-помалку, сите ние сме
глокални, живеејќи токму во времето на глокализацијата.
Од друга страна,
никој нема монопол ниту на локалното ниту на глобалното. Како што
велат авторите на култната книга Империја, Мајкл Харт и
Антонио Негри, ние не можеме да ги воспоставиме (односно да ги
вратиме) локалните идентитети кои на одреден начин се надворешни и
се заштитени од глобалните текови на капиталот и од Империјата.
Освен тоа,
локалното, како и глобалното, треба да се сфати како режим
кој произведува идентитети и разлики, хомогености и хетерогености.
Значи, пред нас, и
како држава и, што е можеби позначајно, и како поединци, стои
тешката задача да се снајдеме во глокалниот хаос, да се впишеме
себеси во некои нови мапи на смислата, во еден поинаков распоред на
светот.
Што можеме да
направиме? За почеток, на пример,
не треба да правиме
апологии ниту од локалното ниту од глобалното, туку да создаваме
врски и мрежи и на локално и на глобално ниво.
Бидејќи од дрвото тешко се гледа шумата, ќе ни треба
дополнителен напор да сфатиме дека дури и локалноста се “произведува”;
локалните
разлики не се дадени и природни туку се последица на одредена
општествена машинерија која создава и оживува идентитети и разлики.
Од тие причини и глобализацијата не треба да ја сфаќаме како културна,
политичка или економска хомогенизација.
Како што велат Харт
и Негри, културната и етничката расцепканост, од една страна, и
модернистичката хомогеност, од друга, не се два спротиставени вида
на тековните процеси, туку се два стремежа кои рамноправно ја
конституираат глобалната стварност.
Глобализацијата ја
претпоставува локализацијата. Тоа значи дека чистата глобализација
не постои; она што го нарекуваме глобализација секогаш е
глобализација на некој посебен локализам. Ние живееме во локален
исто толку колку во глобален свет.
Освен тоа, постои
простор меѓу локалното и глобалното да се вметне регионалното, што е
посебно важно токму за делот на Европа во кој ние живееме - т.н.
Западен Балкан. По распаѓањето на заедничката држава СФРЈ,
национализмот (иако драстично ослабнат) сè уште е главната
општествена енергија, а потребата од регионални поврзувања и
понатаму е во втор план - или се гледа кон “големата” Европа на ЕУ
или во моќната Америка, симболот на глобалното. Затоа една од
приоритетните општествени задачи во Македонија треба да биде
зајакнувањето на свеста за потребите од регионални поврзувања кои би
ги смирувале локалните и глобалните идентитетски тензии.
Значи, наместо да
избираме помеѓу локалното и глобалното, помеѓу Европа и САД, Србија
и Грција итн. - ние треба да ги истакнаме нашите повеќекратни
принципи; на пример, едновремено се залагаме и за локализација и за
глобализација и за регионализација. Со уставните промени кои ќе ја
децентрализираат моќта во земјава ние работиме за каузата на
локалното. Но, отворајќи го сопствениот пазар и поврзувајќи се во
прв ред регионално, ние едновремено ја тераме и глобалната приказна.
Накусо,
наместо концептот “или-или” кој беше карактеристичен за 19 век, нам
ни е потребен еден “и” концепт, нешто што ќе сплотува, интегрира и
помирува.
Затоа треба да се
обидеме да не ги мистифицираме бурните општествени и историски
настани што ни се случуваат. Тие се комплексни, но не се производ
ниту на “темните сили” ниту на големи заговори. Но, тие не се ни
случајни, ни спонтани, ниту се последица на анархични процеси на
размена на глобално ниво и на различни пазарни фактори. Теоријата на
заговорот често е глупа и површна, но и теоријата за невидливата
рака во суштина одбива да се соочи со реалноста, со можноста дека
ние можеме да ги контролираме промените во светот.
Комплексноста на настаните не треба да нè обесхрабри во
настојувањето да ги сфатиме тие настани и да влијаеме на сопствената
позиција и на сопствената иднина.
Капитализмот не е
Библија. Има многу причини да се верува дека тој полека ја губи
прогресивната сила што ја имаше во историјата на човештвото. Дури и
Маркс зборуваше дека ширењето на пазарот порано беше многу повеќе
интегративен процес отколку процес на исклучување. Но, денес имаме
поинаква ситуација, капитализмот станува деструктивен: драматично се
зголемуваат разликите меѓу богатите и сиромашните и сè поголема е
“бескорисноста” и “неупотребливоста” на цели огромни делови од
светот. Капитализмот има сè поголеми проблеми светското население да
го вклучи во процесите на производство.
Затоа, дури и во рамките на капиталистичкиот систем не смееме
да се откажеме од надежта дека постојат и поинакви организациски
матрици и дека поинаков свет е можен.
Меѓу другото,
потребно е да ги прошируваме начините на коишто може да се допре до
луѓето. И покрај тоа што многумина мислат дека влеговме во ера на
бескрупулозен првобитен капитализам во кој постои само еден
регулативен механизам, моќта на парите, постојано треба да
потсетуваме дека е огромно и непроценливо значењето на образованието
и културата во создавањето токму надежни и солидарни капиталистички
општества. Ападаруи, на пример, уште еден важен современ мислител,
нагласува дека фантазијата добива сè поголема улога во општествениот
живот со кој доминира глобализацијата. Државата, пазарот и другите
доминантни интересовни групи ја користат фантазијата како средство
за дисциплинирање и контролирање на граѓаните. Но и граѓаните со
помош на фантазијата ги развиваат колективните системи на поинакво
мислење и развиваат нови претстави за колективниот живот. Интернетот,
на пример, или Холивуд, можеби во прв ред се алатки кои на моќните
им служат да го потчинуваат светот, но кој може да ги негира
слободарските и еманципаторските потенцијали на мрежата, можноста
луѓето да се поврзуваат врз најразлична, па и “анти-империјална”
основа?!
Значи, меѓу другото,
и низ развивањето на фантазијата, на културата, на образованието
можно е на граѓаните да им се помогне да стекнат барем елементарна
ориентација за начинот на кој функционира современиот свет. |