Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


39

ФОРМИТЕ НА КАПИТАЛИЗМОТ

02.06.2003

 

Еден бауч кружи низ светот последниве години: баучот на глобализацијата. Само во последнава деценија испечатени се илјадници наслови кои го обработуваат феноменот на глобализацијата. Тоа е резултат на некои процеси, како што вели Соза Сантос, кои во изминатите триесетина години драматично ја променија сликата на светот: со просто неверојатно забрзување интензивирани се транснационалните интеракции, од глобализацијата на производните системи и финансиските трансфери до медиумското распростирање на информациите и сликите ширум светот или масовните движења на луѓето, било тие да се туристи, работници-мигранти или бегалци. Сите тие драматични промени го добија не многу јасното име: глобализација.

Последниве години дури се воспоставува фронт: глобалисти версус антиглобалисти. Но, ниту глобалистите имаат јасни и чисти позиции (на пример, дури и некогашните моќни застапници на слободниот пазар и на либералниот капитализам радикално го менуваат мислењето во насока на потребата од поправедна дистрибуција на добрата); уште помалку е хомогено мислењето на “антиглобалистите”; тие повеќе зборуваат за потребата од глобализам одоздола, за еден нехегемонистички глобализам кој може да му се спротистави на хегемонистичкиот марш на крупниот капитал кој гази сè пред себе.

Каде е Македонија во таа голема нова распределба на картите? Дали барем идејно (ако веќе не системски и државно) имаме стратегиски капацитети да ја согледаме забрзано менувачката светска констелација? Ова е значајно прашање затоа што, по обичај, реалните импликации од идеолошките борби изгледаат прилично сурово и приземно; на пример, во изминатите триесет години драматично се зголеми нееднаквоста во дистрибуцијата на капиталот помеѓу земјите. Разликата во приходите помеѓу петте најбогати и петте најсиромашни земји 1960 година изнесуваше 30:1, 1990 г. 60:1, а 1997 г. 74:1. Помеѓу 1994 и 1998 година двестоте најбогати луѓе на светот повеќе од двојно го зголемија своето богатство. Капиталот на тројцата најбогати луѓе на светот ја надминува сумата на домашниот производ во 48 неразвиени земји во светот (УНДП, 2001).

Едно е несомнено: Македонија за свој општествен модел го избра капитализмот. Но, Боер, на пример, разликува барем четири главни конфигурации на современиот капитализам: меркантилниот капитализам на САД, Англија, Канада, Нов Зеланд и Австралија; среднокорпоративниот капитализам на Јапонија; социјалдемократскиот капитализам на Шведска, Австрија, Финска, Норвешка, Данска и во, помала мера, Германија; државниот капитализам во Франција, Италија и Шпанија. Оваа типологија е ограничена на земјите од јадрото на светскиот систем и не ги опфаќа повеќето реални капитализми во Азија, Латинска Америка, централна Европа, јужна и западна Африка. Но, корисна е бидејќи ги покажува разновидните форми на капитализмот и различните начини на кои секој од нив се вклопува во глобалните трансформации.

Во меркантилниот капитализам, според Сантос, пазарот е централна институција; неговите недостатоци ги преобразуваат регулативни агенции; поединечните интереси и конкуренцијата преовладуваат во сите сфери на општеството; големите општествени нееднаквости се толерираат низ намалувањето на социјалните давачки и на колективната потрошувачка (јавниот транспорт, образованието, здравството итн.).

Големата компанија е јадрото на јапонскиот среднокорпоративен капитализам; главните економски прилагодувања се постигнуваат преку банките во чиишто раце е таа и преку мрежата од сестрински компании кои ја контролираат; јавната регулатива делува во строга координација со големите компании; општото ниво на образование е високо, а компаниите обезбедуваат професионална обука; нееднаквостите се постојани и прифатени како такви.

Социјалдемократскиот систем го сочинуваат следниве елементи: општествен сојуз меѓу општествените партнери, организациите кои ги претставуваат шефовите, работниците и државата, и спогодби за взаемна корист кои ја гарантираат компатибилноста помеѓу конкурентските профити, иновациите и продуктивноста, од една страна, и порастот на платите и подобрувањето на животниот стандард, од друга страна; превласт на општествената правда; високи вложувања во образованието итн.

Главните одлики на државниот капитализам се следни: втемелен е во централната улога на државната интервенција со која се координираат односите во услови на слаба пазарна идеологија и неразвиени организации на општествени партнери; постои државен систем на образование од каде потекнуваат јавната и приватната претприемничка елита; професионалната обука е слаба; пазарот на трудот строго е регулиран; постои висок степен на општествена заштита итн.

Република Македонија е на самиот почеток на обликување на својот капиталистички систем. Впечаток е дека кај нас преовладуваат одликите на државниот капитализам кои се изложени на јаки притисоци на социјалдемократскиот и на меркантилниот капитализам. Во тој хаотичен процес на транзиција - како што вели Сантос зборувајќи за Португалија - кај нас се видливи и влијанијата на среднокорпоративниот капитализам, што пред сè се гледа во блиската врска помеѓу државата и големите јавни и приватни компании кои минуваат низ фазата на интернационализација. Иако глобализацијата генерално се поврзува со превласта на меркантилниот капитализам, ни од далеку не може да се каже дека е јасен и предвидлив исходот од постојаната борба меѓу јаките погонски сили на капитализмот чии центри се САД, ЕУ и Јапонија. Сите тие различни типови капитализам градат режими на акумулација и начини на регулација во кои институциите се комплементарни и компатабилни, со цел да ја предвидат можната нестабилност. Но, од осумдесеттите години навака сведоци сме на големи пореметувања во различните видови капитализам. Меѓу другото, и таа светска нестабилност е една од одликите на глобализацијата.

Заради сите тие причини мораме да бидеме многу умни и кога ги проценуваме сопствените капацитети и локалниот контекст, избирајќи најсоодветен модел за себе, но мораме барем исто толку сензибилни да бидеме и во следењето на глобалните движења кои можат да се третираат како борба меѓу различни форми на капитализмот.