Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


38

РАДИКАЛИЗМОТ СЕ ХРАНИ ОД НЕМОЌТА И БЕСОТ

19.05.2003
 

   

Сите интелектуалци се откачени лакрдијаши. Побарај ги во која било земја инженерите, трговците, архитектите, земјоделците, ќе видиш луѓе “на редот”, спретни, разбрани. Ако сакаш да ги видиш најлошите клапчовци на некоја земја, барај да ги сретнеш писателите - манијаци, лудаци, неумесни, идиоти. Ни себе не се исклучувам.

Луј Фердинанд Селин

 

Во моментов најголемата опасност за македонската држава (што значи и за македонскиот народ, комплет со сите мнозинства и малцинства што му припаѓаат, етнички и други) - е македонскиот естаблишмент. Кога велам естаблишмент не мислам само на политичарите туку на една поширока општествена група, која е привилегирана и инертна, и која веќе со години одбива да се соочи со реалноста: со променетиот свет, со променетиот контекст, со потребата од суштински реформи и со прифаќањето поинакви вредности. Во тој естаблишмент не спаѓаат само стотриесетте илјади луѓе кои добиваат плати од државниот буџет туку и, за жал, многумина стопанственици, луѓе од културата, од медиумите итн. Таа инерција и неспособноста да се соочиме со новите императиви, всушност е најголемата кочница за развојот на ова запуштено општество.

Политиката на овој проблем му приоаѓа опортуно: станува збор за гласачи, и тоа за моќни и влијателни гласачи. Обидот топтан да се реформираат здравството, судството, образованието, локалната власт, културниот сектор, медиумите, загубарите, јавните претпријатија... - веројатно значи политичко самоубиство. Но, оставањето работите и понатаму да течат вака значи претворање на Македонија во протекторат, и тоа од најмизерен тип, кој всушност значи дека ние сме неспособни да организираме цивилизирано општество.

Го велам ова не за да ги потврдувам провинциските стравови на здружените парохијалци од најразлични политички бои, кои сè амнестирајќи се себеси од каква било одговорност за било што, па и за сопствената глупост, откриваат тешки конспирации и загрижено лелекаат за “националната кауза”; дури не зборувам за државен туку повеќе за некаков суверенитет на достоинството и на одговорноста, за еден, ако сакате, “комунален суверенитет”, за зачувувањето на можноста група луѓе рационално и ефикасно да организираат заедница. Инаку, стариот концепт за “национален суверенитет” е невалиден и кај многу помоќни држави од нашиот импровизориум. Проблематично е, значи, не тоа што Македонија веќе не поседува суверенитет туку што нам ни е начнато елементарното човечко самодостоинство - да решаваме и да се грижиме за работите, макар ограничено и макар под надзор, но со чувство дека нешто правиме и дека сме одговорни пред сопствените животи, пред заедницата и пред иднината.

Екстремното политичко калкулантство (толку карактеристично токму за сегашнава власт) веќе не е доволно да нè извади од длабоката каша; потребни се идеали, потребни се визии и страст дека нешто што ќе се зацрта може и да се реализира. Ако власта не ги стимулира граѓаните да веруваат во идеалите и во човечката енергија, џабе бескрајните политички пимплања и пресипувања од шупливо во празно во име на единствената овде валидна политичка доктрина: купи-ден-помини. Цинизам, апатија, себичност, ограниченост, неодговорност. Тоа се вредностите што се на цена, и тоа е она во што верува мнозинството од тој македонски естаблишмент. (Да се разбереме: сè уште постојат, насекаде, и во државните и приватните институции, десетици илјади компетентни и вредни луѓе, кои сè уште негуваат некакви макар мали професионални идеали; но контекстот е толку дестимулативен што тие луѓе дури и на ниво на своите оддели по институциите - да не зборувам за самите институции! - немаат шанса да го променат депресивното живуркање.)

Доаѓам во искушение да кажам дека дури и контролираната војна од 2001 година повеќе беше реакција и последица на атмосферата на депресија и безизлезност отколку што беше нечија “голема политичка игра”. Доаѓам во искушение да кажам дека дури и таа трагична војна можевме да ја искористиме за нешто суштински да смениме (како што Србите се обидуваат убиството на Ѓинѓиќ да го искористат за дефинитивна пресметка со политичко-криминалната мафија). На крајот на краиштата, зошто стануваат сосема нормални (и покрај сето деструктивно лудило со кое се натопени) месијанските идеи на Георгиевски и Џафери?! Затоа што револуционерноста (па дури и оваа од мафијашки тип, што тие ни ја нудат) полека станува реална политичка опција. Затоа што радикализмот има корени, контекст и генеза. Умната политика не дозволува радикализмот да се размавта, но кога веќе е размавтан, како кај нас, умната политика треба да ја искористи неговата изложеност и сите можности за контраудар.

Да дадам пример како, меѓу другото, се стимулира радикализмот: постои ли начин да му се спротиставиме на понижувачкиот терор на мак-телекомот, кога и Владата дига раце пред моќните монополисти?! Не ли тоа ги прави луѓето немоќни и бесни, не ли тоа всушност е длабински повик (особено за некои помлади луѓе кои сè уште сакаат да веруваат во нешто, па макар и низ деструкција) да се создаваат некакви нови црвени или црни бригади?! Да потсетиме, одредени германски и италијански индустријалци до скоро ги наоѓаа по гепеци и по визби, и со по некое исечено уво или прст; зошто мизерните монополски марионетски директорчиња во земјава да бидат ослободени барем од стравот дека не ја завршиле работата со тоа што ја купиле Владата?!

Велам, дури и земји како Италија или Франција, на пример, до неодамна влегуваа во големи општествени кризи, при што длабински беа реформирани цели огромни системи, пред сè судскиот и политичкиот. И таму царуваа корупцијата, инерцијата, разработените политички и секакви други монополи. Во Србија токму сега се одвива една таква голема борба за суштинско реструктуирање на целиот општествен систем.

Македонија дури има и зададен модел: да стане европска држава. Просто имаме домашна задача, матрица што треба да се исполни. Дури не треба ни премногу да думаме како; сè што ни треба е решителност и вера. Оваа Влада има ретка историска шанса. Има и поддршка однадвор, не само реторичка. Луѓето во земјава се исцрпени. Им треба патоказ, им треба смисла. Дури и со порешителни политички потези голема е веројатноста дека сегашнава власт ќе владее два мандати. Но, и ако ги изгуби следните избори заради обидот похрабро да се приближиме кон европските стандарди (што ќе значи тежок удар за големи делови од естаблишментот), политичкиот капитал за во иднина ќе биде голем.