37
СЕ АРЧИМЕ ЗА МАКЕДОНИЈА?!
05.05.2003
Во сегашниве
политичките околности гестот на оставката на лидерот на најсилната
опозициона партија има големо симболичко значење кое има потенцијал,
да се надеваме, да придонесе кон посуштинските демократски процеси
во земјава.
Интересно е што
најголемата закана за демократскиот поредок во земјава, Љубчо
Георгиевски (со своите анахрони залагања за владеење на правото на
крвта и тлото), со еден свој потег, колку и тој да е тактички и
маневарски, всушност прави демократски исчекор за кој баш и не
најдоа сила многумина од претплатените на функции политичари и
директори изминативе десетина години.
Тој гест е голема доблест на Георгиевски, доблест која не може да го
амнестира од клучната одговорност за погрешните политички проценки
за време на четиригодишното владеење, а уште помалку може да го
ослободи од обвиненијата за застрашувачки згоената корупција чијшто
симбол тој стана, претворајќи се во полукриминален транзиционен
профитер кој сите политички (и не само политички) идеали ги стави во
позадина на императивот да се стане турбо-богаташ. Иако таа
малограѓанска класа на транзициони махери и профитери веќе беше
солидно консолидирана и пред Георгиевски да дојде на власт, со
владеењето на ВМРО-ДПМНЕ максимално се засилија бескрупулозноста,
примитивизмот и алчноста на новата класа која се заканува, во име на
ситните зделки и во име на со години негуваните монополи, да го
раздроби целото општество.
Но, велам, и покрај
тоа што нема амнестија за политичката (па и историската, а можеби и
кривичната) одговорност на Георгиевски, со својата оставка тој
покажа дека поседува одредена форма на храброст, решителност и
искреност, каква што им недостасува на повеќето наши политичари.
Жално е за Македонија што тие потенцијално добри особини на еден
лидер (дрскоста, борбеноста, но и самокритичноста) во случајот на
Георгиевски беа анулирани со погрешната политичка примена на тие
карактерни особини; но затоа останува попромислените и
покомплексните македонски политичари (кои гледаат подалеку и
подлабоко, особено во смисла на регионалниот и на европскиот
контекст) да ги извлечат позитивни вредности од мошне интересниот
(не само во политичка смисла) “случај Георгиевски”. Тоа значи дека
нашите политичари - вон поданичките бескрајни сплетки и меѓусебни
“местења” - ќе треба конечно да вклучат во себе малку повеќе страст,
храброст, дрскост и искреност доколку сериозно сакаат кон подобро да
го сменат зачмаеново општество.
Од друга страна,
поучени од
мошне нагледните туѓи искуства, нашите политичари мораат да разберат
дека манипулирањето со големите, гневни човечки чувства, заради
остварување ситни цели, можеби веднаш нема да доведе до видливи
резултати, но на крајот последиците ќе бидат катастрофални.
На пример, како што
вели Амундати Рој,
поттикнувањето и
експлоатирањето на религиозните чувства во име на политичката
експедитивност е најопасното наследство коешто некоја влада или
некој политичар можат да ја остават за кој било народ - вклучително
и својот.
Состојбата во
македонската политика не е добра и за тоа само делумно е виновна
ВМРО-ДПМНЕ. Најпосле, и самата ВМРО во голема мера настана како
реакција на една мошне задушувачка политичка клима и веројатно со
одредена поддршка на полицискиот апарат. Клиентелизмот,
авторитарноста, ригидноста, послушноста, глупоста во крајна линија -
во оваа земја се негуваа и пред 1998 година и сè уште се негуваат.
Тоа ќе мора да се менува. А чинот на оставка на лидерот на една од
двете најголеми партии ќе треба да послужи за таа цел - за
понатамошно демократизирање на политичката сцена и на целокупните
односи во општеството.
Значи, товарот -
како што е ред и како што треба - одново е врз власта, т.е. врз
нејзините најекспонирани претставници, партиските елити на СДСМ, ДУИ
и ЛДП. Досегашното нивно владеење баш и не влева голема
придвижувачка енергија кај луѓето. На сите страни слушаме за
жестокото партизирање и на најминорните сегменти на општеството.
Уште еднаш ќе потсетиме: доколку Георгиевски и Џафери ветуваа (и
како што изгледа, сè уште ветуваат) брз катарзичен крај на агонијата
низ една херојска и прочистувачка војна која конечно ќе ги одвои
работите, па кој со штитот кој врз него - тогаш опцијата наспроти
фанатичната и фундаменталистичката е: агонијата без крај,
бескрајното статус кво на кое СДСМ нè навикна додека владееше, а кое
и сега е некаква наша константа. И ова не го велам за да кажам дека
агонијата без крај е подобра од брзиот крај (мислам дека таа сепак
секогаш е подобра, затоа што и зад брзиот крај лежат нови бездни на
агонијата), туку го велам од еден прагматичен и проективен аспект:
неспособноста реално да се зафатите со длабоки реформи во
општеството само ќе ги забрза апокалиптичните варијанти на Џафери и
Георгиевски. Најпосле, ВМРО и дојде на власт благодарение на
забеганоста на СДСМ. Ако тоа уште еднаш се случи, барем знаеме што
нè чека: Георгиевски и Тачи веќе ги изложија своите квазихеројски
стратегии во кои тие ќе бидат оние што ќе ги крцкаат парите и ќе
бидат предводници на најголемите гангови во едно општество што ќе
наликува на атмосферата од филмот “Друмскиот воин”.
Затоа пред СДСМ,
ДУИ и ЛДП стои најголемиот политички и историски тест: да ја
придвижат земјава, да ги разбудат потенцијалите, да ги елиминираат
заканите од распад и меѓуетничка војна, да ги отстранат монополите,
пред губернаторите и граѓаните да покажат малку повеќе достоинство,
компетенција, домаќинлак и грижа за сопствената земја.
Ако не успеат, ете
го пак Георгиевски со “идеите”, после неколку стотици илјади убиени
и протерани луѓе, после комплетната економска и инфраструктурна
девастација на земјава, искрено ќе ни признае дека малку се зезнал и
дека на Македонија можеби ќе
ù биде подобро без него. До следниот
турнус.
|