Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


36

НИ НА НЕБО НИ НА ЗЕМЈА

14.04.2003
 

 

И покрај тоа што Република Македонија наликува на “чардак ни на небо ни на земја”, интересно е колку многу во оваа балканска и европска црна дупка се пресликуваат широките глобални дилеми. Дотолку е поголема одговорноста на нашите политичари, но дотолку е поголема и нашата одговорност, колку-толку да се ориентираме во хаотичниот свет што секојдневно испраќа контрадикторни пораки.

Меѓу тие деновиве вжарени стратегиски дилеми (кои веќе не се ни само политички туку имаат цивилизациско и историско значење) набројуваме само неколку: САД или Европа?; верско или секуларно општество?; што значи загубениот суверенитет во локални и глобални рамки? итн. итн.

Колку работите се отворени и нејасни зборува токму одново актуелизираното прашање за односот помеѓу национализмот и религијата. На пример, постои разлика помеѓу секуларниот и религискиот национализам. Секуларниот национализам подразбира поврзаност на луѓето на одредена територија со заеднички закони и политички процеси. Легитимноста на националната држава е втемелена во волјата на народот а не во религискиот авторитет. Од друга страна, религискиот национализам подразбира истоветност на религискиот и националниот идентитет. А токму тој нетолерантен религиски национализам во последно време јакне во различни делови од светот. Една од причините за тоа е што луѓето ја загубија верата во секуларните институции кои не успеаја да обезбедат слобода, економски просперитет и социјална правда.

До вчера, мислевме дека барем дел од историските дилеми се разрешени; на пример, дека секуларното општество одамна извојувало победа над верското. Но, многубројни држави во светот сè уште живеат под преовладувачкото влијание на верата и етносот. Дури и одамна модернизираните држави, како САД, како да се враќаат кон верскиот фундаментализам карактеристичен за предмодерните општества.

Дури и ЕУ како да не е сигурна во која насока да тргне, пред јаките етно-националистички тенденции кои владает во неа и кои делумно го парализираат нејзиниот развој. Понекогаш се чини како декларативно ЕУ да се залага за мултикултуралност и космополитизам, а фактички дека го турка концептот на национални држави; како да се објасни дека многу поблиску до ЕУ се кобајаги моноетничките држави Бугарија, Романија, Хрватска (кои слабо толерираат малцинства од секаков вид) од измешаните бивши југословенски републики, БиХ (за чија трагедија ЕУ има свој значаен придонес), Србија, Црна Гора, Македонија?! Како да се објасни понижувањето на кое е изложена нашата земја од страна на Грција и ЕУ? Психоанализата, на пример, дури и военото непријателство не го гледа толку како нанесување материјална штета, грабање територија или уништување на политичкиот систем. Вистинската цел е разурнување на самиот начин на кој непријателот себе се доживува, на кој го гради својот идентитет. Во таа смисла, ЕУ не само што не ù помага на Македонија туку и принципиелно има погрешна политика на Балканот, не осмелувајќи се јасно и гласно на една своја членка да ù соопшти дека води архаична етно-националистичка политика, барем кога е во прашање проблемот со името на Република Македонија.

Сепак, и среде постојаниот неред во кој секојдневно се премеруваат и менуваат постоечките односи на моќ, одредени историски тенденции можат да се насетат. На пример, она што за Макс Вебер претставуваше нераскинлива целина - суверенитетот и државноста - веќе одамна е одвоено едно од друго. Станува дискутабилна и идејата за неолибералната држава како единствен модел за иднината. Последниве години, како што се засилија драматичните глобални конфликти, сè посомнителна станува можноста стопанството да стане примарен фактор, и тоа до тој степен за да ги замени политиката и државата.

Враќањето кон стариот модел на национална држава исто така не е соодветен одговор за нараснатите глобални дилеми. Националната сигурност (светата фраза на американската политика, во име на која само во последниве педесет години низ војни и терор се направени низа прекршувања на закони, норми и морални правила) - веќе не е национална сигурност, дури ни во САД. Националната сигурност стана интернационална, а традиционалното стапување во сојузи сега доби нова димензија: денешните глобални сојузи не се прават заради надворешната туку заради внатрешната сигурност.

Како што вели социологот Улрих Бек, сите разлики кои некогаш беа клучни за нашата слика на светот, разликите помеѓу внатрешното и надворешното, полицијата и војската, злосторството и војната, војната и мирот, сега се надминати и ние за нив мораме одново да преговараме и да ги фиксираме. Во такви околности, националната држава стана зомби-категорија. Со оглед на заканата на глобалниот тероризам (но и на климатските катастрофи, миграциите, загаденоста на храната, организираниот криминал), транснационалната соработка е единствениот пат кон националната сигурност. Вели Бек: “Тука важи едно парадоксално основно правило: заради национални интереси државите мораат да се де-национализираат и транс-национализираат; значи, државите мораат да го жртвуваат суверенитетот за своите национални проблеми да ги превладеат во глобализираниот свет”.

Улрих Бек нуди решение: космополитска држава. Како што светите војни во 17 век завршија со Вестфалскиот мир, во одвојувањето меѓу државата и верата, така на националните (граѓански) војни во 20 век може да им се одговори со одвојување на државата од нацијата. Како што нерелигиската држава овозможи постоење на повеќе различни религии, така и космополитската држава, со помош на принципот за конституционална толеранција, треба да гарантира за постоењето на повеќе национални и религиски идентитети.

Се разбира, за многумина концептот за космополитска држава делува идеалистички и утописки. Доколку немате доволно консолидирана национална држава, дали е можно да се стремите кон наднационални државни форми?!

Иако стратегиската задача пред кој се наоѓа Република Македонија понекогаш изгледа како мерење на квадратура на круг, одреден маневарски простор ние сепак имаме. Мирот во земјата е значајна политичка точка за собирање. Добрите односи во регионот можат да бидат втората значајна политичка точка. А две точки веќе се доволни за линија, за насока, зарем не?