Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


35

ГРАНИЦИ, МЕЃИ, ФРОНТОВИ

31.03.2003
 

 

Кога настана? Еден понеделник или вторник? Фортунато не присуствуваше на нејзиното настанување. Не беа таму ни персонеро Ривера, ни властите, ни луѓето што се беа задржале на ливадите не го видоа доаѓањето на возот. (...) Овие во црните кожни јакни никој не ги беше видел никогаш порано. Ги истоварија калемите жица. Завршија во еден часот, обедуваа и почнаа да копаат дупки. На секои десет метри поставуваа по еден столб. Така настана Оградата.

 фрагмент од расказ на М. Скорза

 

 Границата има цврсти корени во земјата. За нејзиното исконско потекло сведочат многубројни термини во речиси сите човечки јазици. Многу често границата значи бразда што ралото на плугот ја остава во земјата. За светот од времето на Латините, трагот на ралото е прабразда, онаа исконска бразда која го засновала градскиот простор и го означувала градскиот хоризонт; тоа е линијата што го одвојува градот од селото, внатрешното од надворешното. Но, и повеќе од тоа: да се означи со плуг границата значи да се запечати односот помеѓу земјата и небото; тоа место не го избрале луѓето туку го откриле боговите, а оној што ја исцртува браздата повеќе е свештеник отколку владател.

Во тој прв урез во земјата има нешто жртвено, тука се наоѓа клицата на првобитното насилство. Рим, на пример, настанува со Ромуловото жртвување на Рем, кој се осмелил во својата дрскост да ја премине, негирајќи ја, светата, штотуку исцртана граница. Поигрувањето со границите може да биде мошне опасно; кај нив трагичното и смешното се тесно поврзани.

Ги спомнувам идеите за потеклото на границата за да укажам на психологијата на актуелните балкански исцртувачи на граници, меѓу кои посебно место зазема Љубчо Георгиевски. Месијанизам помешан со рурални комплекси - тоа накусо е профилот на амбициозните балкански политички геодети. Од една страна дистанцираната позиција на божество кое во правот ништи, како да се гниди, некакви небитни и ситни групации луѓе, исцртувајќи го, ни помалку ни повеќе, космичкиот поредок. А од друга страна, кај сите тие апокалиптични мисионери од типот Милошевиќ/Караџиќ/Младиќ/Шешељ придружувани од легиите “пацови, превари, будали” (кон кои восхитено гледа и нашиот Љубчо, импресиониран со просто хтонската моќ која стои зад нив и управува со човечките животи - погледнете ја само длабочината на криминалните мрежи што зад себе ги остави Милошевиќ), зад сето тоа силеџиско месијанство во суштина лежи “сељачкото”, никогаш до крај задоволената желба да се стави црта зад своето рурално минато, да се стане “градски”, да се влезе во храмот. Ова особено се однесува на Љубчо Георгиевски, кај кого, во стремежот да се исцртаат нови граници, се гледа и желбата да се стави црта зад криминалните зделки со кои тој се збогати и стана “граѓанин” (“како секој втор бизнисмен во Македонија”).

Созревање на приликите

И покрај тоа што во политиката нема чисти позиции, Љубчо Георгиевски дефинитивно не е на страната на Зоран Ѓинѓиќ. Постојат доста индикации дека е токму спротивното. Ѓинѓиќ правеше тактички маневри со идејата за поделба на Косово, и во однос на меѓународната заедница и во однос на јаката националистичка политичка струја во Србија. Можеби тие контроверзни потези придонесоа за неговото убиство, а можеби и го одложија за некоја година, оставајќи & на Србија какво-такво реформско наследство. Но, политичката суштина на мртвиот српски премиер и скапоценото наследство што останува зад него не лежат во неговиот однос кон косовското прашање. За разлика од многу други политичари кои само ја извршуваат власта се чини дека Ѓинѓиќ од самиот почеток на својата политичка кариера беше решен да се бори за покрупни нешта, за стратегиски цели, за вистински промени. Освен тоа, неговата храброст го тераше во брзање и во дејствување под секакви услови; “чекањето приликите да созреат” е политичка флоскула за сите времиња, но во некои времиња и во некои околности потребно е нешто сосема друго: храброст и решителност да се тргне по друг пат. Ѓинѓиќ ја имаше таа храброст и затоа замина директно во митот; далеку од непогрешив, далеку од светец, тој го заслужи своето место во чудната менажерија на политичките легенди.

Што уште го разликува бившиот српски премиер од бившиот македонски премиер? На пример, ги разликува тоа што Ѓинѓиќ беше трн во окото на заслепените националисти, на фанатиците, на ригидните и заостанатите, на оние што ширеа страв, омраза и лаги.

Кај Љубчо Георгиевски е поинаку, кај него радикализмот е длабока стратегиска определба од самиот почеток на неговото политичко дејствување. Тој политиката повеќе ја сфаќа како пророштво и безмилосна трка со градските мангупи од типот на Бранко и Фрчко отколку како вештина на можното и грижа за благостојбата на повеќето граѓани. По тие особини (фрустрираност, евтин национализам, патетика, ирационалност) претседателот на ВМРО-ДПМНЕ повеќе наликува на монструмот создаден во безбедносните служби, Шешељ, отколку на модерен и рационален европски политичар.

Затоа Љубчо Георгиевски е опасен и затоа будно треба да се следат неговите политички потези, дури и кога се налудничави и произлегуваат од стравот и од губењето компас. Тој е опасен и како можен кум (самиот се прогласи за Лаки Лучано) на цела една незанемарлива криминализирана класа која се создаде во Македонија и која влече големи профити од состојбите на постојана несигурност и ограничена војна. Но, и во најширока политичка смисла, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е опасен во смисла на еден десен популизам кој постојано проповедајќи лесни и хируршки решенија всушност с$ подлабоко зацапува во калта.

Тоа површно и неодговорно расфрлање со големите зборови за националната кауза карактеристично е и за Георгиевски и за ВМРО но и за еден дел од македонскиот естаблишмент, и на македонска и на албанска страна. Зад таа третокласна политичка претстава за наводното чување на “македонските (или албанските) национални интереси” јасно се гледа една радикално криминална и во во суштина антимакедонска и антиалбанска идеја. Таа идеја секогаш води во судири кои не можат да имаат јасен исход, кои ги истоштуваат завадените и оставаат простор за владеење на некои сосема трети фактори. Но, десниот популизам со своите лесни ветувања и со инхерентното насилство што го навестува може да биде приемчив и за голем дел од граѓаните кои изминативе десетина години драматично осиромашија и кои го делат чувството на безнадежно пропаѓање.

И покрај тоа што Македонија ја избегна судбината на Босна и на Србија, некои луѓе упорно и застрашувачки ноншалантно, низ дигресии, полуреченици, полуидеи, во новински колумни во жолтите гласила, ја форсираат идејата дека политиката на монструозните Милошевиќ /Караџиќ/Младиќ/Шешељ е визионерска политика која ќе го спастри и регионов а и европскиот контекст.

Заради таа политика, повторувам, Србија е на колена, го доживеа својот можеби најголем историски пораз, губејќи три војни и претрпувајќи несогледливи економски штети. (На пример, според некои пресметки, над десет милијарди долари ја чини Србија само одливот на мозоци, стотиците илјади главно млади и образовани луѓе што во текот на деведесеттите ја напуштија земјата; само бомбардирањето на НАТО ја чини Србија околу 30 милијарди долари директни штети; да не зборуваме колку ја чинеше Србија Косово и воено-полицискиот апарат кој во меѓувреме се криминализира, колку чинеа стотиците илјади прогонети и раселени лица, од Косово, од Босна и Херцеговина, од Хрватска; но, над с$, постојат ли економски параметри за загубата на стотиците илјади животи, за милионите осиромашени и пропаднати, за општата дестабилизација на регионот?!)

Примерот со Босна и Херцеговина е уште пострашен, затоа што таа земја беше директна жртва на српската агресија. Убиени се околу 250 илјади луѓе. Од своите домови избркани се над милион луѓе. Економските штети едноставно не се бројат.

 Фронтови

Во секој случај, на новите картографи треба да им се стави црта, да се отвори фронт. (Италијанскиот збор за граница, фронтиера, како и шпанскиот фронтера, францускиот фронтиере, англискиот фронтиер - сите тие зборови во себе ја содржат именката “фронт”.) Линијата што владетелот ја зацртува со лењир (регула, на латински) не ја одредува само просторната територија туку таа претставува и регула,т.е. правило до кое треба да се држиме за да останеме исправни.

Значи, наместо прекројувања на државни граници, војни, страдања и преселби на стотици илјади луѓе, она што горе-долу ни го сугерираат Љубчо Георгиевски и неговите ментори, ќе треба да повлечеме јасни политички граници, ќе треба превентивно да отвораме политички фронтови, ќе треба принципиелно да ставиме црта до каде може да се оди со политичкото манипулирање. Престрашен е примерот на Србија за макар една секунда да се тргне во таа насока на разрешување на отворените политички прашања. Манијата на големина и на месијанство, на нови големи политички проекти, во Србија не ја застапуваа само застрашувачките политички кловнови од типот на Шешељ или крволочните и умно пореметените Караџиќ и Младиќ или бескрупулозниот Милошевиќ - туку и голем дел од српската општествена елита. Токму затоа токму во тоа општество се создаде еден нагоен и многуглав криминално-клерикален-посткомунистичко-националистички монструм. Тој монструм не е октопод, со една глава, туку е хидра, со многубројни глави, и дотолку е потешко да се совлада. Ако Бранко Црвенковски на времето не го совлада октоподот тогаш барем мораме да го спречиме неговото развивање во хидра.

Тоа значи дека на оние политичари во Македонија кои с$ уште ја држат отворена варијантата за балканско прекројување на границите со цел создавање етнички чисти држави треба да им се испрати јасна порака: лекциите на Милошевиќ/Караџиќ/Младиќ/Шешељ се прочитани и научени. Никогаш веќе, по никаква цена.