Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


34

СИМБОЛ НА ОТПОРОТ ПРОТИВ МРАКОТ

17.03.2003
 

 

Истиот наслов го употреби и реномираниот правник Војин Димитриевиќ, во текстот во кој ги споредува убиствата на Кенеди и на Ѓинѓиќ: “Луѓето како Ѓинѓиќ и Кенеди веднаш стануваат легенда затоа што беа симбол, затоа што нешто персонифицираа со цела низа свои особини. Тие покажуваа огромна енергија. Настапуваа неформално, без многу протокол. Говореа јасно, народски, иако беа интелектуалци и така изгледаа. Нивните непријатели страдаа од недостаток на сјај, а скришните непријатели изгледаа грдо и опасно на дневната светлина”.

Ѓинѓиќ беше расен политичар затоа што недвосмислено и прецизно во прв план кај него се издвојуваа темелните особини на врвниот политичар: решителноста, храброста и брзината. Се чини дека ниеден друг политичар во Србија, па и во регионов, не покажуваше толку волја, сила, прагматичност, вештина и организациони способности. Тој вложуваше огромна енергија и ентузијазам за да покаже и за да убеди дека и после толку страдања и воени трауми и на Балканот е можно подобро општество и дека надежта и верата - а не уморот и апатијата - заслужуваат постојани и големи енергетски полнења. По тие особини што заразно ги ширеше околу себе Ѓинѓиќ навистина длабоко се издвојуваше од апатичниот просек во кој се западнати повеќето балкански политичари.

Една од тие за него карактеристични особини токму е брзината, проследена со одлучноста. Како што вели неговиот колега (и по филозофската струка и по партиската припадност - двајцата беа основачи на Демократската странка), Драгољуб Миќуновиќ, доблеста на големите политичари и државници е што покрај рационалниот увид и најдобриот избор, поседуваат храброст за брзо донесување одлуки: “Во историјата се бележат само одлуките. Долгите, па и оправдани премислувања и колебања, можат да бидат интересни за литератите, но не и за историчарите. Затоа Зоран Ѓинѓиќ си обезбеди место во историјата и затоа зад него останува огромна празнина.”

И уште една важна работа вели постариот колега: Зоран Ѓинѓиќ, како филозоф којшто го читал Хегел, знаеше дека на историската сцена не се играат весели и лесни драмолети туку драми и трагедии.

Оваа трагедија го однесе енергичниот и дрскиот српски премиер, но се чини дека неговото влијание допрва ќе расте по смртта, како и што им доликува на вистински трагичните херои. Иако за таквиот човек нема замена можно е мртвиот Ѓинѓиќ да стане многу помоќна и попридвижувачка симболична фигура отколку што беше живиот српски премиер. Тоа може да биде трагична правда, но тоа може да се случи: моќта на симболите некогаш просто не може да се прецени, толку е голема.

Можно е, иако не и извесно, дека мрачните типоси од политичко-криминалното подземје, обично грди и злокобни на дневната светлина, да згрешиле во пресметките; сакајќи да ја дестимулираат демократска Србија можно е да создадат контра ефект, мобилизација на сите сили во борба против криминалот. Тоа пророчки го навести и самиот Ѓинѓиќ, неколку дена пред да биде убиен; тој приближно го кажа следново: “Не се плашам од заканите; јас не сум системот; со убиството на еден или двајца политичари мафијата не може да ги промени историските текови”.

Српската мафија главно произлезе од едно перверзно сфаќање на патриотизмот како војна против сите, како разузданост и самоволие. Таа мафија израсна и оцврсна низ неколкуте војни што ги водеше монструозниот Слободан Милошевиќ, несомнениот центар на сето зло што се излеа од историските буриња, несомнениот татко на повеќето мрачни духови што сè уште шпартаат низ регионов сеејќи омраза, нестабилност и страв. Таа мафија, со длабоки корени во полицијата, судството и политиката (не само во Србија и Црна Гора) всушност е страшна рефлексија на сеопштата воена психоза и на една со постојани трагедии одржувана национална драма. Во таа драма воените злосторници од Хаг се произведуваат во национални херои.

Таа приказна мора да биде инструктивна за Македонија, не само заради контролираната војна што ја имавме пред две години (и чијашто некрофилна експлоатација сè уште е во тек) и не само затоа што тензиите во Србија секогаш наоѓаат брзи начини да се рефлектираат и кај нас. Особено чувствителни на српското општествено криминализирање треба да бидат Албанците, и кај нас и на Косово, кои со неверојатна леснотија и сулудо еднострано мазохистички уживаат во создавањето митски национални фигури од сопствените криминалци и манијаци. Од друга страна, јасно е и дека некои од најрадикалните албански играчи во балканскава мачна политичка игра всушност играат за каузата на радикалните српски националистички кругови - екстремизмите се хранат и идеолошки и економски, низ валканите бизниси.

Убиството на Ѓинѓиќ треба да биде сигнал и за сите наши политичари: криминалот отиде предалеку и предлабоко во структурите на државата. Корумпираноста е само една од манифестациите на заболеноста на нашето општество, и тоа можеби површна манифестација, затоа што криминалот има и свои подлабоки зони на дејствување. Српскиот премиер знаеше што треба да се направи: или власта ќе тргне по криминалците или тие ќе тргнат кон неа. Овојпат тие беа побрзи. Но можно е дека во стравот убијците биле пребрзи и дека со тоа само си го доближиле сопствениот крај. Сето тоа набрзо ќе го видиме. Но, со сите можни сили и капацитети, водени, меѓу другото, и од духот и енергијата на луѓе од типот на Зоран Ѓинѓиќ, ќе мораме и да дејствуваме и да се бориме против криминалот на сите можни нивоа, започнувајќи во своите дворови.

Еден од партиските колеги на Ѓинѓиќ се прости од претседателот на партијата со една песна од Радјард Киплинг:

Ако можеш да ја сочуваш главата кога сите околу тебе
   Ја губат својата и те обвинуваат за тоа,
   Ако можеш да си веруваш себеси кога сите се сомневаат во тебе,
   и дури да придодаваш кон нивните сомнежи,
   Ако можеш да чекаш, а да не ти здосади чекањето,
   или ако си измамен да не лажеш
   или ако си замразен да не мразиш,
   А покрај тоа да не изгледаш предобар или премудар.
   Ако можеш да сонуваш, без сништата да владеат со тебе,
   Ако можеш да размислуваш, без фантазијата да биде цел,
   Ако можеш да се соочиш со успехот и неуспехот
   и да сметаш дека тие две мамки се потполно исти,
   Ако можеш да ја поднесеш вистината што си ја рекол
   ништожниците да ја испревртат во стапица за будали,
   или да ја набљудуваш пропаста на она на што целиот живот си го посветил,
   и подгрбавен со дотрајан алат повторно да создаваш,
   Ако можеш да го ставиш на куп сето она што го имаш,
   и да го фрлиш на коцка,
   да изгубиш и пак да почнеш од почеток
   и никогаш да не прозбориш за својата загуба,
   Ако можеш да ги присилиш своите срце и нерви и тетиви
   да те служат и понатаму иако веќе ги немаш,
   и така да издржиш кога нема ништо во тебе
   освен волјата која ти вели “истрај”.
   Ако можеш да разговараш со најниските, и да го сочуваш достоинството,
   или да шеташ со кралевите, а да не го загубиш разбирањето
   за обичните луѓе.
   Ако ни пријателите ни непријателите не можат да те навредат,
   Ако сите те ценат, но не премногу,
   Ако можеш да исполниш една незаборавна минута
   со содржина која трае шеесет секунди,
   Тогаш твоја е земјата и с
è што е на неа,
   и над с
è ќе бидеш човек, сине мој!