33
МЕЃУ ЦЕЛИТЕ И СРЕДСТВАТА, ИДЕАЛИТЕ И ИНТЕРЕСИТЕ
03.03.2003
Британскиот дипломат
Роберт Купер (кој е шеф на канцеларијата на високиот претставник на
ЕУ за надворешна политика, Хавиер Солана) го дели светот на
интересен начин. За Купер постојат три вида држави: “предмодерни”,
како што се Авганистан или Сомалија, кои не можат да воспостават
влада ниту основна внатрешна сигурност; “модерни” држави-нации, како
што се Индија, Кина или Бразил, кои се насочени кон стекнување на
класичен статус на големи сили; третиот вид се “постмодерните”
држави во кои спаѓаат западноевропските држави.
За Купер новите
средства на сигурност за постмодерната зона се транспарентноста и
меѓузависноста. Нациите кои некогаш својата стратегија ја темелеле
врз рамнотежата на моќта и врз заканите со меѓусебно уништување сега
разменуваат меѓусебни инспекции за наоружувањето и интервенираат
една во друга во рамките на ЕУ.
Најдискутабилниот
дел од тезата на Купер е позицијата на САД. Тој самиот во 1996
година напиша: “Не е сигурно дека американската влада или Конгресот
ја прифаќаат идејата дека меѓузависноста е нужна и пожелна; исто
така не е сигурно дека ги прифаќаат влијанијата кои се однесуваат на
отвореноста, взаемното надгледување или интервенцијата”. Оттогаш се
случи одбивањето на Буш да го ратификува договорот од Кјото и да ја
прифати надлежноста на Меѓународниот казнен суд, но се случи и
објавувањето на “Бушовата доктрина” која отворено го изнесе
американскиот став за легитимноста на превентивниот напад, не со
намера да се осигура глобалната правда или да се ограничи ширењето
на војните, туку за да се одбранат нивните национални интереси.
Каде е местото на
Република Македонија во ваквата произволна културолошка географија?
Дали сме предмодерни, модерни или постмодерни?
Кај нас постојат (релативно
незначителни) елементи на предмодерно општество (сè уште недоволно
консолидирани институции), постои предизвикот од понатамошна
модернизација (сфатена како демократизација, секуларизација,
технологизација), но постои и голема потреба од развивањето свест за
меѓусебната зависност и преплетеност, пред сè во регионална и во
европска смисла.
Сите тие фактори
дополнително го отежнуваат лесното произнесување за оваа или онаа
геостратегиска опција; тоа, се разбира, не значи дека засекогаш
можеме да останеме во меѓузоната помеѓу “модерната” (проамериканска)
и “постмодерната” (можеби тоа значи “стара”?!) Европа.
Анализирајќи ја
подбуцнувачката изјава на Рамсфелд за “стара” и “нова” Европа,
контроверзниот германски филозоф Петер Слотердајк вели: “Старата
Европа, достоинствено застапувана од Франција и Германија, е
напредниот дел од Западот; тој дел, под влијание на лекциите од 20
век, се преориентира кон постхеројскиот културен стил - и кон нему
соодветната политика; САД, напротив, сосема заглавија во конвенциите
на хероизмот. Хероите од типот на Рамсфелд и Буш се убедени дека
насилството ослободува, а дека културата и законите важат само во
убавите времиња. Караницата настана заради смислата на реалноста:
Рамсфелд смета дека САД спроведуваат политички реализам; оние
“проблематичните” во Европа најверојатно сметаат дека во Вашингтон
на власт дошла реалната инфантилност”.
Има и други
интересни “глобални” тези кои се однесуваат на Ирачката криза, но
кои на безброј начини ја допираат улогата на секоја држава пооделно
во хаотичниот светски поредок. Влијателниот француски филозоф
Жан-Лик Нанси, на пример, тврди дека во сегашнава светска политичка
констелација воопшто не станува збор за војна на цивилизациите.
Започнатиот процес е процес што се одвива во рамките на западната
цивилизација, вели Нанси. Западната цивилизација се задушува во
своите противречности; на една страна таа ја произведува
американската надмоќ, а на друга предизвикува мошне сериозен дефицит
на европски идентитет, неограничено изнесувајќи го на виделина
противречието помеѓу своето барање за рационално-морална
универзалност (наука и демократија) и флагрантната неправедност на
ситуациите кои ги создава нејзиното сопствено владеење.Овој феномен
ја разоткрива неспособноста на западната цивилизација да ги усклади
своите идеали и норми со своето владеење.
Како принципите можат да се одвојат од интересите? Особено
тогаш кога доминантната сила ја контролираат токму оние кои имаат
најсилни интереси.
Се чини дека сè
повеќе наликува на фатаморгана историскиот хоризонт во кој визијата
на Имануел Кант за светски мир се чинеше остварлива. Станува збор за
перспективата на слободни, суверени народи кои низ моралното
усовршување на своите општества и држави и низ јавната употреба на
умот ги остваруваат правните темели на светското граѓанство:
рамноправно здружување во поредокот на светскиот мир. Кант, наспроти
сè, верувал дека политиката може да се усклади со моралот, и тоа со
посредство на јавноста. Во јавната употреба на својот ум
просветените граѓани ја менуваат политиката која е во спротивност со
моралот. Тој идеал, заедно со Кантовата политичка филозофија, денес
е заматен на нашиот политички хоризонт. Во неговата основа беше
идејата за социјална република, родена во англиската, француската и
американската револуција.
Но, кога веќе
драстично се намалени шансите за владеење на морални политичари,
важно е да не завладеат политичките моралисти кои ги мешаат
принципите и интересите; ако веќе прагмата и целта се единствената
политика, тогаш барем да спречиме таквата политика да се се претвора
во морал, а моралот во цинизам и меркантилизам.
На крајот, дали во
моментов постои некој друг идеал кој има доволно потенцијал да му
пружи отпор на новиот неолиберален режим на глобален хаос?! Дали
воопшто постои можност да се изгради умна и единствена
антиимперијална стратегија?! Можеби таквите идеали и стратегии
допрва ќе се кристализираат, но, ми се чини, претстојните стратегии
ќе мораат да бидат во дослух со “старите” кантовски просветителски
идеали, во дослух со напуштените американски идеали од 18 век (со
декларацијата за човечките права, на пример) кои денес, впечаток е,
имаат повеќе приврзаници во “старата” Европа отколку во “новиот”
свет. |