Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


32

СИЛА БОГА НЕ МОЛИ?!

17.02.2003


 

Проблемот со Ирак во себе крие многу димензии и во суштина тешко согледливи длабочини. Затоа и со таков интензитет го привлекува светското внимание и затоа тој прераснува во опасно јаболко на раздорот; од 1945 година навака големите светски политички, економски и воени играчи никогаш не биле повеќе спротиставени како по ова прашање.

Борбата за контрола над нафтените наоѓалишта е само еден аспект на проблемот, можеби највидлив и најразбирлив, доколку резонираме строго прагматично, да не речам колонијалистички. Разбирливо е дури (токму затоа што горе-долу ја препознаваме старата империјалистичка геостратегиска филозофија) и што САД се обидуваат да имаат што поцврста контрола над Блискиот исток. Се најавува најстрашниот обид за прекројување на тамошните граници од времето кога Франција и Велика Британија го делеа пленот од Првата светска војна. САД ги бранат истите интереси кои ги бранеше некогашната британска империја: нафта, хегемонија, воена сила.

Многу важен фактор во целата игра е Израел. Се чини дека Европјаните тешко можат да ја разберат длабочината на поврзаноста меѓу САД и Израел; Роберт Фиск, еден од најпознатите британски новинари, оди толку далеку што вели дека во моментов САД и Израел имаат една влада, дека интересите им се толку испреплетени што нивната поврзаност има фатален потенцијал.

Но, настрана сето тоа. Проблемот со Ирак има и големи културолошки димензии; се зборува за религиозна војна, за крстоносци и фундаменталисти. Се чини дека токму се во судир два фундаменталистички концепта; ниту исламот има доволно волја да ги признае секуларните вредности на западната модерна, ниту пак западњаците суштински се спремни да ја признаат рамноправноста на религиите. Бидејќи, како што вели Басам Тиби (родум Сириец, Германец по избор, професор во Гетинген и Харвард), на Западот сè баш и не е онака како што изгледа на хартија. Во крајна линија, црквите и се и не се одвоени од државата, религијата и игра и не игра значајна улога во политичкиот живот, а сите религии баш и не се рамноправни.

А кога се зборува за верскиот фундаментализам сите забораваат дека потеклото на зборот, па и значењата што тој ги имплицира, доаѓаат токму од САД. Фундаменталистичко-политичките движења во САД играат голема улога во општествениот живот и нивното влијание врз изборот на претседател не е мало. Да потсетиме, главните карактеристики на американскиот фундаментализам се верски нагласениот патриотизам, моралната строгост и острите граници меѓу доброто и злото; негови главни непријатели се: модернизмот, секуларниот хуманизам, еволуционизмот, критиката на Библијата, социјализмот и комунизмот.

Според Фиск (кој е долгогодишен известувач од Блискиот исток), кога Буш вели “Садам сакаше да го убие татко ми”, тој реагира точно онака како што би реагирал Арапот. Недопаѓањето е лично и се пренесува од генерација на генерација. Се пренесуваат и едноставните шеми - правина и кривина, добро и зло.

Од друга страна, освен што многумина сериозни политички теоретичари го поистоветуваат фундаментализмот на некои исламски лидери со фундаментализмот на Буш и на конзервативните кругови што тој ги претставува, постои уште една многу интересна паралела меѓу арапскиот и еврејскиот народ. Како што пишува Хана Арент, човечноста во форма на братство историски секогаш се појавува меѓу прогонетите народи и поробените групи; оваа форма на човечност е голема привилигија на прогонетите народи; но, таа привилегија е мошне скапо платена: обично е проследена со такво радикално губење на контактот со светот што настапува атрофија на сите органи со кои реагираме кон светот, започнувајќи од здравиот разум. Тоа непоседување на светот, таа исклученост, според Арент, е форма на варварство затоа што во суштина станува збор за неодговорност, за растовареност од грижите за судбината на светот.

Ете, и во таа точка - на прогонетост, наклеветаност, прокажаност, проколнатост - мошне се слични историските патеки на Евреите, некогаш, и на Арапите, денес. Грижата за светот треба да биде наша приоритетна задача, нешто што ја сочинува нашата човечност во многу поширока смисла од грижата за своето племе или за својата религија. Се плашам дека на многумина важни актери на денешната политичка сцена како да им недостасува таа фундаментална грижа за светот.

Не најнакрај, кризата на Блискиот исток како во себе да ги сосредоточува сите отворени прашања на глобализацијата; мондијализацијата (како што Французите ја нарекуваат глобализацијата) е високо ризична, слабо контролибилна и мошне мошне непредвидлива едноставно затоа што премногу фактори се во игра.

Згора на сè, не само што се умножени факторите на влијание туку и матриците на мислење се променети. Стариот колонијализам како веќе да не нуди одговори во новата констелација. На пример, улогата на јавноста сега има огромно значење. Политиката се претвори во бркање на индексни поени на популарноста. Секој чекор се најавува и се шминка од безбројните тимови за создавање јавно мнение. Дури и воените акции станаа медиумски спектакли.

Постои теза дека во модерноста мислењето и стварноста се одвоиле, така што мислењето останало празно, а нашето управување плиткоумно. Вацлав Хавел тоа го нарекува “живот меѓу лаги”. Од луѓето не се бара да им веруваат на лагите, туку само да живеат како да им веруваат, бидејќи, правејќи го тоа, тие “го потврдуваат системот, го исполнуваат системот, го прават системот, се системот”. Се чини дека стариот сарказам за “светлината на јавноста која сè затемнува” сосема прецизно ја опишува постоечката состојба.

А сепак. Протестите против војната никогаш не биле поголеми, и никогаш не била поголема улогата на јавноста, и покрај тоа што таа улога во суштина сè уште е мала. Тоа значи дека војна веројатно ќе има. Но, тоа значи и дека битката со аздисаните, со суровите, со бескрупулозните, со оние кои мислат дека и во 21 век сè уште се валидни колонијалистичките шеми од 19 век допрва ќе се разгорува. Проблем е само што влогот во таа битка не е победата на овој или оној туку судбината на човештвото и на целата планета.