31
ЛЕБОТ, ВОЗДУХОТ, БОДЛИКАВАТА ЖИЦА И БОМБИТЕ
03.02.2003
Свршениот чин пред
кој САД го поставуваат целиот свет, со својата милитаристичка
политика, ќе има далекусежни последици. Тоа сè повеќе станува јасно.
Токму комплексноста на постоечкиот светски поредок, на умножените
фактори на влијание, придонесува кон сигурноста на исказот дека
работите стануваат крајно несигурни. И краткорочно и во перспектива,
непредвидливоста, можеби повеќе од кога било во современата
историја, станува политички фактор од највисок ред. Како што патемно
вели Прудон:
“Продуктивноста на неочекуваното далеку ја надминува
претпазливоста на еден државник”.
Затоа одново ќе
мораме да научиме да мислиме. Одговорното промислување на работите
ќе мора да стане висок политички па и животен приоритет. Како што
вели Хана Арент: “Манифестацијата на ветрот на мислите не е
знаењето; тоа е способноста да го разлачиме исправното од
погрешното, убавото од грдото. И тоа е она што може да ја спречи
катастрофата, барем за мене, во ретките моменти кога се достигнува
критичната точка”.
А сепак, на
највисоките нивоа на одлучување се случува токму обратното: не се
мисли. На пример, последниве децении расте влијанието на
специјализираните трустови на мозоци при советодавните тела на
владите. Проблемот не е во тоа што тие се доволно ладнокрвни да “го
мислат незамисливото” туку во тоа што тие не мислат. Наместо
да
ù се препуштат на таа старомодна активност што не може да се
компјутеризира, вели Арент, тие сметаа со последиците од одредени
хипотетички земени констелации, без притоа да бидат во можност
своите хипотези да ги проверат во однос на вистинските настани. Така
што, нивната хипотеза веќе по неколку разгранувања се претвора во
факт, од којшто понатаму се раѓаат цели низови на слични не-факти.
Како што вели Чомски, “најочигледниот и најдлабок приговор кон овој
вид псевдонаучни стратегиски теории не е во тоа што тие се
ограничени туку што се опасни, бидејќи нè наведуваат да веруваме во
тоа дека ги разбираме настаните и дека имаме контрола над нивниот
тек - што не е точно”.
Арент уште во
шеесеттите години ги прикажа Американците како оние што живеат во
свет “што не одговара на фактите”, во кој вистински битните интереси
и цели речиси целосно го отстапија местото на натпреварувањето и
лудата одбрана на различните “слики” и “пораки”. Нашиот свет станува
свет на управување со впечатоците, свет на односи со јавноста;
“создавањето на сликата стана глобална политика”.
Од друга страна, се
чини дека Американците сè уште се држат до мислата на Ренан, дека
Бог секогаш е на страната на поголемите баталјони;
идеолошки блиска до
американската подолгорочна политика е и концепцијата на Енгелс за
насилството кое е забрзувач на економскиот развој. Но, кај Енгелс
има еден важен момент чие значење допрва ќе добива актуелност: “Таму
каде што структурата на моќта на една земја е во противречност со
нејзиниот економски развој, политичката моќ со своите средства за
насилство е таа која ќе доживее пораз”.
Американската
економска сила долгорочно слабее. Досега војните успеваа да ја
живнат американската презадолжена економија - но работите на тој
начин не можат да одат во бескрај. Многумина сериозни аналитичари на
сегашниот светски поредок му даваат уште најмногу 50 години живот.
Ретко кој се осмелува да прогнозира што можеме да очекуваме потоа.
Ваквата ситуација има злокобна сличност со една од најстарите
политички согледби која се однесува на тоа дека моќта не може да се
мери со изобилството; “преголемото богатство може да ја поткопа
моќта, а богатите се посебно опасни за моќта и напредокот на
републиките”. Дали незаситната богаташка класа во САД, столб на
нафтениот и воено-индустрискиот комплекс, долгорочно ќе ја однесе во
пропаст империјата?!
И покрај тоа што
сомнителниот марксист Мао Це Тунг прокламираше дека “моќта излегува
од цевките на пушките”, самиот Маркс беше порезервиран во однос на
улогата на насилството во историјата; според него, пропаста на
старото општество е резултат на неговите инхерентни
контрадикторности, а не на насилството. Такви пораки денес
ù се
испраќаат на Америка, од оние кои сè уште држат до здравиот разум,
но и од оние кои знаат дека балансот на моќта постојано се менува и
дека денес работите се променети во однос на 1989 година, кога САД
ја доживеаја кулминацијата на својата надмоќ. Токму тогаш, во
почетокот на деведесеттите, група интелектуалци околу Дик Чејни го
разработи основниот и општоприфатен план за унилатерална доминација
над светот низ апсолутна воена супериорност.
Како што вели Анатол
Лајвин, “баналната пропаганда за Садам Хусеин како луд и
самоубиствен диктатор можеби минува по американските сокаци, но
вистинската намера на администрацијата се крие на друго место;
уништувањето и окупацијата на Ирак, а подоцна и на Саудиска Арабија,
ги намалува шансите за нов нафтен удар и ја елиминира потребата да
се негува Русија како алтернативен извор на енергија; важен фактор
за војна е и САД да имаат сосема слободни раце за да интервенираат
на Блискиот исток како целина”. Иако мнозинството од Американците не
е ни приближно онолку милитаристичко, империјалистичко и агресивно
како што беа повеќето Германци во 1914-та, вели Лајвин, мнозинството
Германци 1914 година барем умееја да ја најдат Франција на мапа.
Има ли излез? Арент
укажува на важноста на великодушната будна подготвеност самостојно
да се забележува и просудува реалноста, со помош на конкретното
искуство и независното критичко промислување. Да се разбере што се
случува значи “подготвено да се соочиш со реалноста”, без рефлексот
на бегство во личниот свет на сништата и во конформизмот на јавното
мислење.
Како што вели Хана
Питкин: “Реализмот на Арент не е ни циничен, ни предупредувачки,
великодушен е во однос на човечката слабост, грешењето и
ограничувањата што стварната нужда ги поставува пред политиката, а
сепак ги признава одлучувачки важните достигнувања на човечката
историја. Дејствувањето, слободата и правдата за неа се вистински
како и алчноста, кукавичлакот и себичноста, или колку и лебот и
воздухот, бодликавата жица и бомбите”. |