Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


30

ДАЛИ Е МОЖЕН РАЗВОЈ БЕЗ МНОГУ ПАРИ?

20.01.2003

 

Политиката, се разбира, снажно влијае врз атмосферата и моралот во секое општество. Но, делумно важи и обратното: преовладувачките морални норми значајно влијаат врз обликувањето на можните политики. Оттаму и произлегува фамозната дефиниција на политиката како вештина на можното.

Ја имам на ум опседнатоста со парите во нашето општество, и воопшто доминацијата на “материјалистичките” вредности: прагматичноста, себичноста, алчноста, малограѓанштината... Во ред, можеби капитализмот нè избра нас, можеби нè затече неподготвени, но крајно време е да се свестиме: досегашниот пат главно не беше добар, како и скороевските вредности што преку ноќ ги прифативме здраво за готово. Отфрлајќи ја валканата вода на социјализмот (кој ја вообличи државава), по десет години неснаоѓање ризикуваме од раце да ни се лизне и бебето.

Зборот е дека одредени општествени вредности кои беа клучни во социјализмот (широка здравствена заштита, широко образование, минимална социјална сигурност итн.) ќе мораат одново да станат клучни и за општеството што го градиме; тие вредности не се важни само како темели за нашата општествена градба туку и како нејзини потпорни столбови, нешто што ќе ја одреди иднината.

Политиката најмалку има право да ги поедноставува проблемите во заедницата сведувајќи ги на проблемот на нееднаквоста на приходите. Исто толку големо влијание врз политиката и животот во општеството имаат и невработеноста, слабото здравје, недостигот од образование и социјалната исклученост. Невработеноста, на пример, предизвикува далекусежни последици: загуба на мотивираноста, на умеењето, на самопочитувањето, зголемување на болестите, пореметување на семејните односи, засилување на социјалното исклучување...

Една од најважните задачи за македонската политика, значи, е прекинувањето на радикалното социјално раслојување и сопирањето на понатамошното осиромашување на мнозинството луѓе во Македонија. Сегашнава ситуација е толку лоша што просто не се гледа излез и перспектива. Иако не се доволно пристапни поегзактни податоци, впечаток е дека драстично е влошен животот на луѓето: ако сиромаштијата, невработеноста и стресот ги зголемуваат главните убијци, кардиоваскуларните и малигните заболувања, насилството и криминалот - тогаш е јасно дека општеството оди удолу.

За жал, повеќето луѓе и, што е уште пожално, повеќето политичари мислат дека пресвртот зависи исклучиво од парите, од економскиот раст и од зголемениот бруто општествен производ. Несомнено, економскиот развој е неопходен за позабрзан развој, но до поквалитетно општество - што значи, до позадоволни и поисполнети луѓе - се доаѓа на малку посложен начин, не исклучиво низ табелите на економски раст и зголемена продуктивност.

Како што вели нобеловецот по економија, Амартја Сен, соодветната концепција за развој мора да оди далеку над акумулацијата на богатството и растот на општествениот производ. Развојот многу повеќе мора да биде преокупиран со уредувањето на животот и на слободите што ги живееме. Зголемувањето на слободата, на пример, ни овозможува да бидеме попотполна општествена личност која остварува соодноси со светот во кој живее и влијае врз него. Квалитетот на животот, начинот на кој тој се одвива понекогаш многу повеќе влијае врз изборите што ги има поединецот отколку исклучиво средствата и приходите што тој ги контролира. А квалитетот на животот, освен приходите, го сочинуваат и општествените решенија какви што се медицинската заштита, јавната здравствена заштита, школското образование, редот и поредокот, (не)постоењето на насилство итн.

Одредени податоци делуваат зачудувачки и ги потврдуваат тезите за коишто станува збор. На пример, во САД, Американците со африканско потекло како група воопшто немаат подобри можности (всушност имаат полоши) да ја доживеат староста од луѓето што се родени во исклучително сиромашните земји како што се Кина, Шри Ланка или Костарика. И покрај тоа што Афроамериканците се неспоредливо побогати од Кинезите (но и неспоредливо посиромашни, како група, од нивните бели сограѓани во САД), ним им недостасуваат основните нешта како што се здравствената заштита, школското образование, заштитата од насилство...

Има и позитивни примери, во обратна насока: во Англија и Велс, на пример, во текот на првите шеесет години од 20 век просечниот животен век е зголемен за речиси 25 години. Но, она што е интересно е што драстично најголемите унапредувања на животниот век се случиле во децениите кога имало светски војни, меѓе 1911 и 1921 година и меѓу 1940 и 1951 година. Во тој период животниот век во Англија и Велс пораснал за цели 14 години! Можеби најважната причина за ваквите зачудувачки податоци, според Амартја Сен, е солидарноста меѓу луѓето во времето на големите кризи, солидарност изразена низ многу поправедна распределба на добрата.

Според Сен, пионерски пример за зголемување на економскиот раст низ социјалните можности, посебно во основното образование, е Јапонија. Често забораваме дека Јапонија имала неспоредливо поголема стапка на неписмени од Европа, сè до втората половина на 19 век. Јапонскиот пример (па и примерот на другите држави од југоисточна Азија) флагрантно го негира преовладувачкото мислење во политичките кругови дека развојот на луѓето (процесот на ширење на образование, здравствената заштита итн.) всушност е некаков луксуз кој можат да си го дозволат богатите држави. Овие стопанства, како што вели Сен, релативно рано тргнаа во масовно ширење на образованието, малку подоцна и на здравствената заштита, но многу пред да ги срушат ограничувањата што ги носи општата сиромаштија.

Дури и економистите ја почитуваат славната мисла на Аристотел, дадена на почетокот на Никомаховата етика: “Богатството очевидно не е доброто по коешто трагаме; тоа е само корисно и служи за нешто друго”. Време е и ние малку посериозно да се позанимаваме самите со себе и со сопствената иднина во посуштинска смисла. Можноста за образование и широката здравствена заштита се меѓу епохалните достигнувања на нашето минато, кое на најблагороден и најразумен начин ќе треба да го вградиме во сегашноста и во иднината.