29
ИСПРАВЕНИ ПРЕД ОПАСНОСТА
06.01.2003
Влегувањето во нова
година е добра прилика да се направат одредени резимеа, да се
согледаат дупките и пукнатините во минатото, но и да се насетат
истите такви често несогледливи дупки и пукнатини во иднината.
Календарското одбележување на новите години, значи, овозможува барем
формално, “изнудено”, спојување на временските рамништа низ кои
живееме; минатото, сегашноста и иднината неодвоиво го сочинуваат
заплетканото клопче на нашите животи. Тие никогаш не можат да бидат
осознаени во нивната целокупност и никогаш не можат да бидат
осознаени со извесност.
Го велам ова свесен
дека, во годината во која ќе ја одбележуваме стогодишнината од
Илинден, можеби најголемиот императив за нас е зрелиот и сериозниот
однос кон сопственото минато, што всушност значи комплексен и
сталожен однос и кон сегашноста и кон иднината. Но, го велам ова и
свесен за она што Блох го нарекува “темнината на проживеаниот момент”,
таа структура на нашето историско постоење која ни оневозможува кога
било да бидеме современици со својата сегашност. Тоа значи дека
секое политичко дејствување мора да биде мислено со оглед на оваа
темнина, на слепилото и неизвесноста, со оглед на она што Бенјамин
често го нарекува “опасност”.
“Настаните кои го
опкружуваат историчарот и во коишто тој учествува ... се наоѓаат во
позадината на неговото претставување, како еден текст пишуван со
невидливо мастило”, објаснува Валтер Бенјамин, еден од најзначајните
политички аналитичари во 20-иот век.
“Историски да се
артикулира минатото не значи да се осознае ‘какво всушност тоа било’.
Тоа значи да се овладее со сеќавањето онака како што тоа заблеснува
во моментот на опасност.”
Мислам дека ова
поизострено знаење за мрачните места на нашето опстојување и за
релативноста на нашите согледби дотолку е поважно кога пред себе ги
поставуваме императивите на што подоброто проникнување во причините
за воениот конфликт што ни се случуваше 2001-та година;
Ернст Јингер,
на пример (уште еден голем германски писател од добата на модерната),
мисли дека во војната лежи сржта на модернитетот. Дали нашата
држава допре некакви рабни аспекти на модернитетот (во историска
смисла сфатен како движење кое пресудно ги обликувало западните
општества во првата половина на 20-иот век) влегувајќи во една
релативно контролирана војна?!
Се разбира, на овие
прашања не постојат категорички одговори, но свеста и за овие
аспекти на нашето поблиско и подалечно минато ни помага да го
проценуваме и она што ни се случува тековно и она што допрва ќе ни
се случува. Значи, и покрај тоа што речиси ни е неопходен минимален
консензус во согледувањето на најсвежото минато, консензус кој ќе
отвори некакви перспективи за нашата иднина, ќе треба да се
соочуваме и со свеста за “темнината на проживеаниот момент”, ако
ништо друго затоа што никој не може да ги тоталитаризира и на
потполна извесност да ги сведе ниту минатото, ниту сегашноста, ниту
иднината.
Постои уште еден
опасен момент во нашата приказна, всушност во приказната на светот
во овој момент на зората на новиот милениум обележан со многу
слепила, прокоби и неизвесности. Бенјамин го одредува моментот на
опасност како момент во кој потчинетите класи чувствуваат дека ќе ги
“преплави” конформизмот - тоа е, значи, момент во кој тие
чувствуваат дека се изложени на ризикот да станат инструменти на
сопственото потчинување. За нас како многу опасни можат да се
покажат повиците за “будење” и за ново национално себедефинирање.
Дури и ветувањето на еманципацијата и прогресот често осцилира меѓу
револуционерното и реакционерното - нема подобар и позастрашувачки
пример за тоа од германскиот национал-социјализам во триесеттите
години од минатиот век. Дали САД доволно длабоко ги осознале
опасните аспекти на модернитетот, кој во некоја рака, на крилјата на
технолошката еуфорија, донесе две светски војни?! Не постои
политички чин кој однапред би можел да ги предвиди сите свои
последици. Затоа
Бенјамин ја гледа историјата без какви било гаранции и
без цел, нагласувајќи ги опасноста, слепилото, неизвесноста и
непресметливоста кои го структуираат нашето искуство.
Се разбира, ние не
им се препуштаме на опасностите и неизвесностите. Зборуваме за можни
насоки на движење, за стратегии, за етика и одговорност. Но, како
што вели врвниот познавач на Бенјамин, Едуардо Кавада, “доколку
нашите етичко-политички одговорности се обидуваат да ги минимизираат
опасностите, неизвесностите и моментите на незнаење (за да н$ уверат
во илузијата за нашата сигурност, за да ги потврдат нашите добри
уверувања или добрата совест), тогаш тие се изложуваат на ризикот да
станат нешто што се разликува од политичкото, етичкото и одговорното”.
Од тие причини
Бенјамин ја согледува опасноста низ итноста и ужасот на нашето
морање да одговориме, да дејствуваме и да одлучиме, без да знаеме
како тоа да го направиме.
Се разбира, овде не
се залагам за тоа дека политичката одговорност во потполност може да
ги заобиколи пресметливоста, намерите или стратегијата, туку само
велам дека тие вредности се неодвоиви од искуството на слепилото,
незнаењето и неодреденоста. Сепак, дава надеж Кавада, затоа што
политичката одговорност секогаш е без модел или гаранција,
можно е токму таму
каде што извесностите почнуваат да слабеат и да исчезнуваат, да
започнеме да ја собираме силата која е посилна од секоја извесност.
Имаме нова влада и
релативно нова држава која се наоѓа пред големи искушенија. Што
можеме да направиме, сите ние, пред виорот што ни се заканува и на
планетарно ниво? Едуардо Кавада вели: “Нашата најургентна и
најсериозна одговорност се состои во обидот да се процени најмалку
опасната форма на соучесништво - а тоа се прави знаејќи дека овој
напор никогаш не може да & се измолкне на опасноста која се
обидуваме да ја надвладееме. Ние & остануваме изложени на опасноста
токму затоа што знаеме дека с$ што правиме секогаш ќе биде недоволно:
уште повеќе, опасноста не би постоела кога не би можела да се
спротистави, да истрае и да го прогонува секое наше движење.
Опасноста е, можеби, токму она што ни дава право за политика и
политичко дејствување.” |