Кој модел е авионот од Парк „Авионче“ во Аеродром?

Паркот „Авионче“ денес е симбол на мирна и пријатна градска оаза – место за пиење кафе, шетање и детска смеа, веднаш покрај кејот на Вардар, до црквата „Св. Јован Крстител“ – за жал, и покрај претерано прометниот булевар „Србија“. Симболот на паркот, секако, е „авиончето“ – вистински авион поставен на пиедестал, кој со децении го чува овој дел од Аеродром.

Бидејќи на интернет не можевме да најдеме доволно информации за потеклото на овој авион, а како што често се случува со делови од нашата понова и популарна историја, решивме да истражиме подлабоко.

Првиот траг го најдовме во коментар на Владимир Андоновиќ, кој се претстави како „стар воздухопловец“ под една објава на Фејсбук, тврдејќи дека авионот е „веројатно Т-33“. По неколку понатамошни проверки и коментари што сугерираа дека се работи за стар советски МиГ или Сухој од југословенски арсенал, налетавме на објава на Reddit која конечно ја разјасни мистеријата. Во еден детален коментар беше објаснето потеклото и целата приказна за „авиончето“ од Аеродром. Ви го пренесуваме исказот во целост, преведен на македонски јазик:

Сликата е преземена од Airhistory.net

Се работи за „Lockheed T-33A Shooting Star или T-Bird. Тоа е верзија за тренинзи на Lockheed F-80C Shooting Star. Направени се околу 6557 примероци T-33. Овој авион бил еден од многуте западни модели кои Југословенското воено воздухопловство ги набавило од Западот за време на Информбирото, и всушност беше првиот млазен тип што го користело Југословенското воздухопловство.

Околу 125 T-33A авиони биле во служба на Југословенското воено воздухопловство од 1953 до 1972 година. Од нив, 25 биле поранешни американски T-33A тренажни авиони; 22 поранешни американски извидувачки RT-33A; 70 поранешни американски морнарички TV-2 тренери (TV-2 е името за T-33A во американската морнарица); и 8 биле TT-33A авиони за влечење цели, од кои четири модифицирани поранешни американски и четири модифицирани поранешни белгиски авиони.

T-33A изложен во Скопје е поранешен авион на Југословенското воздухопловство со ознака 10223. Првично бил изграден како T-33A 51-8535 за американското воено воздухопловство, но подоцна бил префрлен во американската морнарица под ознаката TV-2 131742. Бил отповикан од служба во декември 1970 година и зачуван како „чувар на вратата“ (gate guardian) на аеродромот во Петровец.

Иако денес е обоен со македонски ознаки, тој никогаш всушност не бил во служба на Македонското воено воздухопловство, бидејќи во времето кога тоа било основано, авионот веќе повеќе од дваесет години бил приземјен.“

Сликата е преземена од Редит.

Во објавата на Редит не е објаснето како токму од Аеродромот „Петровец“ авионот завршил во населбата „Аеродром“ и подоцна именуваниот Парк „Авионче“, но налетавме и на една изјава на Перо Ѓурчевски кој тврди дека е ,,’ВИНОВНИКОТ’ што тука никна парк, а не претоварна станица за ѓубре.“

Ако тоа е навистина така – му должиме благодарност. Ни требаат повеќе луѓе како него, кои одлучуваат да направат нешто убаво за сите, наместо да бараат корист за себе. А ние би сакале да дознаеме повеќе за тоа, затоа – „Перо, јави ни се!“

Од чиста љубопитност за видот и потеклото на авионот – и како завршил во паркот „Авионче“ – налетавме на сосема поинаква приказна: за тоа како еден човек се спротивставил на ѓубрето и изградил средина убава за сите. Можеби оваа „споредна“ приказна ќе испадне главна. Кој знае?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *