Кесите се враќаат дома: „еколошка“ лага за 5 денари!

Во маркетите ширум Македонија повторно се продаваат пластични кеси под етикети како „повеќекратна употреба“ или „биоразградливи“, но зад тие ознаки често стојат маркетиншки трикови, а не вистинска еколошка вредност. Оваа истрага прикажува кои типови на кеси се нудат во најголемите супермаркети, што стои на нивните декларации и како законската регулатива дозволува „враќање“ на најлонот во секојдневната употреба – под маската на грижа за природата.

Иако многумина веруваа дека пластичните кеси исчезнаа од македонските маркети, реалноста е поинаква. На касите во скоро сите поголеми синџири низ Скопје повторно стојат најлонски кеси – само со нова етикета. Целта на овој текст не е да ги критикува маркетите – тие постапуваат како им налага законот, а токму измените во законот го дозволија враќањето на пластичните кеси.

Сјајни, подебели, со натписи како „повеќекратна употреба“ или „биоразградлива кеса“, тие се нудат по симболична цена од 5 до 8 денари. Купувачите ги прифаќаат, можеби и не размислувајќи дека во рацете држат обична пластика – сега легализирана со декларација.

Во маркетите КАМ, Стокомак, Рептил и Зур, на фискалната сметка овие кеси се заведени како „повеќекратни“ или „бутик“ кеси. Направени се од полиетилен со дебелина од над 50 микрони, што им овозможува да се продаваат како трајни, иако по изглед и структура наликуваат на класични најлонски ќеси.

На самите кеси се наведува дека се направени од 100% полиетилен, носат ознаки како HDPE или PEVG, а кај некои се среќава стандардот ISO 14021 – што всушност значи дека еко-пораките се самодекларативни, без потврда од независна институција.

Преглед на кеси по маркети
МаркетТип на кесаДекларацијаМатеријалЦенаОзнаки/Стандарди
КАМПластична, над 50 микрониКеса за повеќекратна употреба100% полиетилен (PEVG)5 денари♻ HDPE, ISO 14021
СтокомакПластична, над 50 микрониПовeќекратна употребаПолиетилен8 денариНема стандард, порака: „Се грижиме за природата“
РептилПластична, над 50 микрониКеса за повеќекратна употребаPEVG5 денариISO 14021
ЗурПластична, над 50 микрониПовeќекратна употребаPEVG5 денариISO 14021
Веро*Оксо-разградлива (Reverte)Биоразградлива кесаПолиетилен со адитив Reverte10 денариISO 14021
ЖитоОксо-разградлива (Reverte)Биоразградлива кесаПолиетилен со адитив Reverte10 денариISO 14021
РамсторХартиена кеса / пластична торбаХартиена кеса / пластична торбаХартија / ткаенина9 ден. (хартија) / 40 ден. (торба)Нема
Веро е единствен маркет кој има и вистински биоразградливи кеси. Проблемот е дека истите се продаваат веднаш до „лажните“ и дека тие се поевтини.

Во Стокомак, на пример, на кесата пишува: „Се грижиме за природата, тоа ни е заедничка обврска.“ Но содржината на кесата – и нејзината реална судбина – зборуваат поинаку. Станува збор за обична пластика што не се разградува природно, не се компостира, и најчесто не се рециклира. Иако ознаката „повеќекратна употреба“ сугерира трајност, практиката покажува дека ваквите кеси ретко се користат повеќе од еднаш или двапати. Потоа завршуваат во кантите – или уште полошо, во природа.

Во маркетите Веро и Жито, ситуацијата е малку поразлична – но не и подобра. Таму на располагање се кеси со натпис „Биоразградлива кеса“, обележани со технологијата Reverte – адитив што прави пластиката со тек на време да се распадне. Но не се работи за природна разградба. Овие кеси само се кршат на помали и помали честички, претворајќи се во микропластика која останува во околината.

Иако изгледаат поинаку – и имаат „зелена“ етикета – по суштина се истиот проблем, само во поделен облик. Освен тоа – терминот „биоразградливи“ е лажен и злоупотребен, а за тоа никој не одговара!

Исклучоци

Рамстор е единствениот маркет од анализираните каде не се нудат пластични кеси од ваков тип. Наместо тоа, потрошувачите можат да купат хартиени кеси (9 денари) или трајни пластични торби (40 денари), што е посоодветен пристап за купување со помала количина отпад.

Само во Веро наидовме и на вистински биоразградливи кеси. Тоа е единствен ваков пример во Македонија (колку што ни е познато), проблемот е дека ваквите кеси се поскапи и се продаваат веднаш до обичните оксо-разградливи. Ако купувачот има опција и му се нуди лажна биоразградлива кеса за поевтино, зошто да плати поскапо?

Заклучок

Сликата што се појавува низ маркетите покажува дека проблемот не е решен, туку само пренасочен. Пластиката е тука – со нова декларација, нова цена, и ново име. Ознаките „повеќекратна употреба“, „биоразградливо“, „еко“, „се грижиме за природата“ звучат убаво – но не менуваат ништо суштински. Сѐ додека ваквите кеси се користат еднократно и завршуваат во отпад, зборуваме за обични најлонски кеси со козметички шминка.

На крајот, можеби најголемата иронија е дека купувачите повторно плаќаат – не само за кесата, туку и за сопствената заблуда.

Бонус: НЕ ПИЕМЕ НАФТА!

Токму затоа ја започнавме кампањата „Не пиеме нафта – за да разобличиме како под изговор на „повеќекратна употреба“, во нашите раце повторно ни подметнуваат најлон, а ние не сме наивни – „Кеса не, благодарам. Торба си носам!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *