Исповед на еден кибер-терорист: кога револуцијата станува виртуелна

Во време кога хакерите беа романтични херои, а интернетот ветуваше слобода, се роди нешто друго – една дигитална митологија што го проголта сопствениот идеализам. „Исповед на еден кибер-терорист“ е иронија и пророштво истовремено: приказна за тоа како податоците стануваат религија, револуциите се претвораат во линкови, а вистината – во рефлексија на лагата.

Авторот го пишува овој текст во форма на весник од иднината, каде што хуморот и апсурдот се оружје против масовната хипноза на медиумите и корпорациите. Ова не е само фикција, туку еден вид дигитален дневник на човештвото што се обидува да ја „хакне“ сопствената реалност.

01: Хакери

Оваа приказна започнува во втората половина на 20-от век, во затворените и со денови непроветрувани простории што мирисаат на отровна мешавина од пот, опојни дроги и серотонински испарувања од невросинаптички врски кои работат со гигахерц брзина… децении пред времето.

Гледаме хакер, бејби-бумер, долгокос хипик со очила и џоинт помеѓу пожолтените заби, како френетично чука на тастатурата. Гледаме букви, бројки, симболи, но тој гледа ходници, тајни сефови, доверливи документи. И гледај – насмевка на неговото лице, пријатна струја му поминува низ ’рбетот, возбуден е. Но, што прави? Зошто го остава документот, зошто едноставно не истрча од таму со доверливата валкана тајна за масакрите спроведени по наредба на некоја влада, валканите тајни на дипломатот Икс, задкулисните оговарања?…

Не – тој е хакер од старата генерација; за него важи едно правило: гледај, но не земај. Тие го прават тоа само за да докажат дека можат! Тие се техно-гикови, кралеви на технологијата, но, да бидеме искрени, тие се лузери без контакт со реалноста или желба да влијаат врз неа.

02: Кибер-панкери

Скокаме некоја деценија и оп! во осумдесеттите сме. Подуени со стиховите „Youth Is Getting Restless!“ и одгледани на дојката на технолошката револуција која ги направила здрави и силни технофили, со потенцијал да станат технократи, се раѓаат кибер-панкерите. Гадни момци, израснати во времето на слободната љубов — тие ја презираат љубовта; таа ги асоцира на нешто розево и лигаво. Нив ги возбудува сивилото, темнината, тешките ноти и кожената облека, патентите, синџирите и камшиците; тие се техно-фетишисти, тие имаат само две ерогени зони: бројките 1 и 0.

Нивната максима е: „Информацијата мора да биде слободна!“ И тие работат на тоа, да, батко, децата работат додека ти спиеш и сигурни се во тоа дека еден ден ќе те разбудат!

Кибер-панкерите се ѓган, но тие се умен ѓган; тие не се идеалисти кои се борат за слободата на информациите — тие се само проклето бесни што сите битни информации се во рацете на владите, кои се во рацете на корпорациите. А кибер-панкерите ги мразат корпорациите.

Но, кибер-панкерите, како и панкот, беа брзи, бучни и сакаа да направат што е можно повеќе штета за пократко време. Затоа се изгореа, украдоа премногу шифри, лични податоци и броеви на кредитни картички за да можат да сменат нешто повеќе отколку сопствената финансиска состојба.

Ако им должиме нешто, тоа е идејата дека „Во природата на информациите е да бидат слободно достапни.“ Тоа беше нивното наследство за идните генерации.

На преминот на векот се роди една нова генерација техно-крипови — кибер-терористите.

03: Кибер-терористи

„Ние не сме хакери, покиберпаганбогу! Тие долгокоси хипици пателе од колективна илузија дека некаде длабоко во Универзумот владее хармонија. Ние не сме ни кибер-панкери — тие изумреа заедно со последните книги од Вилијам Гибсон кои воопшто нешто вредеа. Наречете нè кибер-терористи, затоа што ние ќе го смениме светот и овојпат сме сериозни!

Ние сакаме да живееме во свет во кој податоците се слободни, а моќта е во рацете на обичниот човек, бидејќи секој треба да има пристап до информациите. Но, за разлика од нашите претходници, ние ќе го овозможиме тоа. Како? Со слободно ширење на информациите — било да се работи за корпорациски планови или строго доверливи владини операции.“

Пред многу години, еден умен човек рече:
„Постојат показатели дека светот се движи кон доминација на мултинационалните корпорации, чија растечка монополизација на информациите остварува сè поголема моќ, како над индивидуите, така и над националните држави. Нашите средства за дипломатија, политика, шпионажа и тероризам ќе бидат електронски.“

И беше во право!

The End: Револуцијата е мртва

И тогаш, на кибер-сцената се појави таа – Вики Ли Кси.
Таа беше толку моќна што сите верувавме во неа; таа нè поведе во заедничка слобода, откривајќи пред светот тајни документи кои можеа засекогаш да ги поместат структурите на моќта.

И конечно, кога помисливме дека Вики ќе нè ослободи, таа беше лажно обвинета за ментално злоупотребување на француската пејачка на шансони — Жилиен Ласан. Младите ширум светот протестираа на улиците, духот на 1969 беше воскреснат, а потоа — тотален крах!

Младите прво беа повикани да ги споделат своите ставови и слики од протестите на интернет платформата наречена Фејслук. Тие навистина протестираа, но нивниот протест беше виртуелен, изгубен во мрежата. Потоа тие толку се навлекоа на тоа што заборавија на протестите, револуцијата и Вики Ли Кси. Стапицата создадена од тајните служби беше повеќе од успешна.

И потоа…

Најнова вест!

„Од доверливи извори дознавме дека Вики Ли Кси е всушност таен кинески агент со агенда — уништување на капиталистичкиот систем!“

И сега што?…

Ништо. Само се потврдува старата поговорка:
„Вистината е само рефлексија на лагата во огледалото на илузијата…“
или беше обратно?

Како и да е — ги објавуваме тајните документи на Вики Ли Кси.

Пријатно читање!

Вики Ли Кси, кибер-револуционер

Внимание!
Ова што ќе го прочитате може да ви ја открие вистината која, можеби, не сакате да ја знаете.
Бевте предупредени.

Искрено ваша,
Вики Ли Кси

(Од воведот во книгата „Вест од несвест“, Готен (2010)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *