По текстовите „Графити на патот Пинтија-Драчево, за трајноста, привременото, уметноста и политиката“, „Графит-приказна за Рајна Мичуринска“ и „Пред дождот“, 1994-та, филм, графити, уметност и македонска реалност“ го продолжуваме нашиот серијал „Графити приказни“. Нашиот „Гррфт“, графити магазин можете да го прочитате тука.
Овој пат ги претставуваме графичарот Горан Ристовски и писателот Димитрие Дурацовски.
Димитрие Дурацовски (1952, Струга), завршил Училиште за применета уметност во Скопје. Работи како ликовен соработник во Народниот музеј во Струга. Член е на ДПМ од 1989 година.
Дурацовски е припадник на т.н. петта генерација на македонски автори, кои на македонската книжевна сцена се јавиле во 1980-тите години. Целиот опус на Дурацовски е во знакот на постмодернизмот.
Тука пренесуваме еден фрагмент од негова објава, кој наликува на кус расказ од Данил Хармс, авангарден руски и советски писател од периодот меѓу двете светски војни.
Мала летна приказна
Си седев јас во чаршија со зомби куче Бен Расел во 10 часот навечер. Десно од мене еден од графитите на Горан Ристовски, лево девојка во излог подава снег за разладување на горештиниве. Поминаа Инкашите Горан, Ненад, Ѓоле Никола и Кики. Горан ме слика. После си отидовме со Бен Расел дома. Едноставен настан.

Горан Ристовски (1987) e македонски графичар. Другите имиња кои се споменуваат (Ѓорѓи Крстевски, Христијан Томаноски и Никола Матоски) се струшки уметници од здружението ИНКА која го правеше фестивалот ДРИМОН. Според Дурацовски тие имаат направено многу многу графити и мурали низ Струга. Тоа се случуваше пред 10-15 години, сега работаат како уметници, освен Горан кој повремено создава некој мурал.
Приказната за овие уметници и алтернативна Струга заслужува повеќе внимание, но за тоа во некоја друга прилика.
Од Дурацовски добивме некои од овие дела (документирани од Милена Илиќ) кои ви ги претставуваме тука, а во нашата група „Графит.мк“ можете да ги видите и другите. Некои од овие графити не постојат веќе.







