Со задоволство го (ре)објавуваме текстот „Скопски графити 2“, оригинално објавен во списанието „Културолошки бележник“ во 1989 година, издание за култура и уметност на Културолошкиот клуб при УСО „Јосип Броз Тито“ во Скопје. Текстот е напишан од Јане Теохаревски, а фотографиите се на Дарко Митревски.
Овој текст претставува еден од ретките зачувани записи за скопската графити сцена пред 1990-тите, период кој останува слабо документиран. Во текстот, авторот нуди увид во динамиката, еволуцијата и значењето на графитите во Скопје во втората половина на 20 век, како и во нивните политички, културни и социјални аспекти. Текстот во оригинал можете да го видите тука (од архивата на ЗаУм).

СКОПСКИ ГРАФИТИ 2
Јане ТЕОХАРЕВСКИ
Фотографии: Дарко МИТРЕВСКИ
На почетокот едно неопходно објаснување: двојката од насловот не претставува (преодна) оценка, туку видување на долупотпишаниот, на оваа тематика по неколку години. Ако некој воопшто се сети, пред три години, во вториот број на К. Б., имаше напис со ист наслов. Овој пат ќе се обидам да не извлечам никакви наравоученија околу оваа појава, ниту да полемизирам околу нивната (не)оправданост. Едноставно, пишувам за појава која во Скопје во моментов е „inn“, (читај: во тренд).
Неопходна е мала историска хронологија (не плашете се, нема да „давам“). Некои сметаат дека оваа субкултурна појава своите корени ги има ду ри во почетокот на историјата на уметноста, односно ја поврзуваат со рудиментарните знаци и цртежи на предисторискиот човек. Оттука веројатно, и полемиките, дали графитите се: а) уметност б) вандализам в) забааа г) итн… Да направиме голем временски скок.
1940-ти
Во времето пред и за време на војната, графитите биле претскажувачи на посветлата иднина, форма на пасивен отпор против окупаторот („Да живее СКЈ“, иТИТО“, итн.). По војната, во вид на пароли, напишани (најчество) со црвена боја графитите добија „државно туторство“. Тоа би била првата развојна фаза (ама стручно кажано — м. з.).
1950-ти до 1970-ти
Потоа настанува голема пауза. И додека во земјите со бурни политички настани во втората половина на овој век, графитите претставуваа облик на борба за своите мислења и идеи, кај кас ги имаа следнгите тенденции:
а — најчесто се поткрепуваа на клозетските ѕидови и врати, како опис на разни еротски фантазии. Најчесто во вид на фекални песнички со незгодни рими, до просто спомнување на полните органи и глаголот интересен поради нив. Ниту траг од некаква автентичност во стилот на римите на Бора Чорба или хуморот типичен за западните графити, на пример: „Ако е Супермен толку паметен, зошто носи долен веш преку костумот?“
б — Борба за своето неприметно его. Едноставно пишување на своето име, прекар итн. како вид на нарцисоидно задоволство. Тенденција која се задржа до денес.
1970-ти
Некаде кон крајот на седумдесеттите, новите бранови во популарната музика т.е. појавата на панкот, го смени начинот на однесување. Навивачките страсти се изнесуваат на улица со помош на авто-лаковите, пред очите на истомислениците и пуританците. Наједноставниот облик на комуницирање заразно се вовлече во прстите на „новите клинци“.

Повторна категоризација:
1 — Чисто спомнување, но и мистифицирање на музичкиот фаворит или омилениот тренд во музиката. Доминираат имињата на панк и хард-рок групите. Тука спаѓаат и обидите да се нанишат и логосите, т.е. знакот и името карактеристичен за одредена група. Во моментов, скопските графичари најчесто ја спомнуваат групата „The Cure“, но и овој пат недостасуваат досетките, во стилот „Мики Маус е Мик Џегер“ (западен графит).

2 — Искривени мерила за квалитет. На пример: „Мадона е најдобра“ и многу други. За вистинско чудо „народњаците“ (читај: феудалците) се поштедени. Не верувам дека скопските скрибомани ја сакаат Брена Национале и компанија.
3 — Форма на лични огласи, во стилот „Коко е будала“, „Пешо е педер“, „Топла и нежна услуга кај Цаци“ (следи телефонски број) итн. Како и обично, инвентивноста и хуморот, повторно отсутни. Како пример за автентичност, долупотпишаниот ќе спомне еден загребски графит: „Јас сум си сам на себе публика“.
4 — Лични или (најчесто) препишани ставови во стилот — „Води љубов, не војувај“, „Панкот (е)-не е мртов“, „Смрт на хипиците“, „Си живеел ли денеска?”, ,Ние веруваме во Маркс“ (алузија на написот од опачината на доларот) итн. И тука из- борот не е голем, а очигледно, богато испишаните метроа на светските метрополи не се инспирација за нашите графомани.
1980-тите
Најдемократскиот начин на изразување во човечката историја (да потсетиме: за пишување на графит не се бара дозвола, не се бараат документи…) овие денови е повторно актуелен. Тоталните анонимуси, сити од шарањето по училишните клупи, чкртаат скопските ѕидови со политички графити, како негација на (прифатената?) констатација дека тинејџерите се аполитични. И повеќе од јасно е дека, со оглед на нашата деликатна политичко-економска ситуација, тие (графитите) веднаш дигнаа прашина. Станаа предмет на политички состаноци (опаа!), предмет на сензационалистички наслови во весниците („Графити не прават држава” — „Вечер” бр. 8179), нападнати, но и одбранети од еминентни личности (На пр. Гане Тодрровски во „Студентски збор” бр. 1105). Како и да е, графитите ги дочекаа своите пет минути, а јас, како дежурен аналитичар, повторно треба да ги категоризирам:
а) Оние напишани како израз за афирмација на македонскиот идентитет („Комити“, „Гемиџии“ и др.).
б) националистички обоени („Солун е наш“ и ДР).
Ако се сеќавате на уводот, коментарот е ваш. А ако вие не сте напишале ниту еден графит, не грижете се. Во ваш прилог говори еден „западњачки“: „Па што ако во последно време ништо не сум напишал. Не напишал ниту Шекспир”.
Тука завршува текстот! Мора да се потенцира дека вакви аналитички текстови за графити сцената недостасуваат и во поново време, еден од ретките (колку што знаеме!) е студијата „Ѕидови што рапуваат: Истражување на графити и хип-хоп културата во Скопје и Македонија“. Веројатно неподготвеноста на критичарите на уметноста (или културата општо) да се зафатат со една ваква проблематика е илегалноста и непостојаноста на сцената, како и тешкотијата при систематизирање на истата.
Со оваа објава ја истакнуваме важноста на иницијативите како што се архивата на групата „Графит.мк“ и списанието за графити „Гррфт“ за анализирање и архивирање на оваа субкултурна појава. Овие напори се клучни за зачувување на историјата на уличната уметност.
Се надеваме дека овој текст ќе инспирира нови истражувања и ќе поттикне развој на уште посистематски пристапи за документирање на богатата историја на графитите во Македонија.