На 2 август, Илинден – денот кога се потсетуваме на востанието и борбата за слобода – по скопските ѕидови се испиша уште една приказна. Но, не со пушки и знамиња, туку со спреј, бит и стих. Оваа графити приказна го следи спотот Bolji Zhivot на Dre, Пука Козметика и DJ Slave, каде што секоја сцена е сведоштво за нашите улици, нашите борби и генерациите што ги оставија трагите на бетонското платно.
Пишува: Берт Стајн
Илинденска прошетка: Реонски Центар виа Ново Лисиче кон Кејот на Вардар
2 август 2025 година, само што го објавив текстот 122 години по Илинден: каде застанавме, каде треба да тргнеме? на Арно.мк и тргнав на мала празнична прошетна до Кејот на Вардар. Поминав покрај Центарот Лиса, додека од десната страна ме демнеше духот на петнаесет години недоизградената црква – окована со бодликава жица, како да е некој транзициски Прометеј.
Продолжив во правец Ново Лисиче (будало), присетувајќи се на истоимената песна на Пука козметика, додека пред мене блескаше новиот графит од Смут Летерс на трафостаница – уште една новолисичанска позната фаца.

Поминувајќи покрај првиот графит што го објавив во групата Графит.мк, се присетив што значеше Ново Лисиче за рап и хип-хоп културата во 90-тите.

„Ново Лисиче е македонскиот Бронкс,“ изјави еднаш Слаткар, некогашен член на групата „Единствена опција“. „Нашите први хип-хопери започнаа од таму и кој не слуша рап во Ново Лисиче, го тепаат на улица.“ И навистина, Чиста Околина, Пука Козметика, Токсикологија, ТХЦ, Слаткаристика (Единствена опција), Маријачи (Клан Исток), Тони Зен, Кацар (Остар Звук) и Скит (Единствена опција)… сите се од Ново Лисиче. А графитите и хип-хоп културата се нераскинливо сврзани.

Се симнав кај мостот Близнаци кој вечно се гуши во својата смрдеа, единствена артерија која го поврзува истокот на Скопје со автопатот. Се симнав на Кејот и смрдеа на канализација ме „удри“ директно во ноздрите, а на неколку чекори – справи за вежбање, каква иронија: нездрав здив во здраво тело! Прошетката на Кејот на Вардар е како молитва на урбаниот човек. Таму, меѓу вандализмот и уметноста, ги препознав старите пријатели што никогаш не сум ги запознал – цртачите на градот Скопје. Повеќето ги знам по таг, некои по стил, некои само по чувство.
Мислите ми дивееја и наместо, ко секој нормален човек, да уживам во празничната тишина, ставив слушалки и отворајќи YouTube – здогледав Bolji Zhivot – соработка меѓу Dre, Пука Козметика и DJ Slave. Не било кој ден – токму на 2 Август, Илинден, ден на востание, слобода и револуција, ден кога низ историјата се бруси колективниот гнев и надеж. И баш на тој ден – една урбана химна за подобар живот, со позадина од графити што понекогаш зборуваат исто толку гласно како зборовите. Таг&тапан!
„Дугарице и другови, до гуша сме у г*мна. Не знам како до сега не сме фрлеле бомба!“ – оваа строфа ми се повторуваше ко мантра во главата додека се враќав дома. Како генијален идиот, со една мисла во главата: да го преслушам, прегледам и да напишам нешто за спотот. Сепак, јас не сум тука за музиката, тоа го оставам на музичките критичари, јас зборувам за она што другите не го забележуваат – ѕидовите во позадина.
Секогаш некаде брзаме, имаме некоја работа, секогаш одиме некаде, со идеја и цел, а сето тоа се случува на некоја позадина, некој визуелен шум што не го забележуваме. Честопати тоа се графитите од нашиот град – цртежи кои раскажуваат приказни за генерациите кои живееле, кои живеат тука и оставаат свој печат на бетонското платно. Сега застанувам, воздивнувам длабоко и – почнувам!
Графитопис на еден „подобар живот“
Од првиот кадар (0:04) – Бурек на Кеј. Го имам сретнато првпат во Дебар Маало, или на кулите карши Соборниот Храм, кој знае, некаде во моите неделни аџилаци со велосипед под нозе и фотоапарат на рамо. Го препознав веднаш – таа тврда линија, гордост на UNC (Urban Ninja Crew). Екипата од Кавадарци (JANE, Mars, Burek/Kerub, Piper, Nola/Alone/Srba, Borat и Monk) го остава своето срце на Скопскиот бетон, од Хром, преку Карпош, Дебар Маало и Центар, на Кеј и понатаму. Графити како овој се како белези од патување, само што не се на хартија, туку по зградите.

Следува сцена од Скејт паркот (0:05). Момент на брзина – непознат автор, можеби Pesa? Можеби некој нов. Па Бафо Бар, типографски комерцијален мурал – го имам фотографирано минатата година, во муабет со газдата на барот, кој ми откри дека авторот е Матеј (Смут Летерс). Се потсетувам на текстот На маргините на сеќавањето: Дебар Маало во графити.


На 0:06 се појавува графит на Драш (ОКС) под новата Железничка станица и повторно се присетувам на случајните средби и истражувања на стари и познати простори со нов поглед. За оваа „Бетонска галерија“ веќе имам пишувано, ама таа постојано расте и се менува – како да има свој пулс.


Кадрите на Кеј, кај фонтаната, (0:16 и 0:25) откриваат заеднички графит на SRK и другарите – троуапови и тагови што се како автограми на една генерација која уште не се откажала (иако голем дел од нив веќе не живеат тука).


Скејт паркот и неговите веќе (одамна) уништени шперплочи (0:44 и 0:55) се прекриени со знајни и незнајни графити.


Додека стиховите одѕвонуваат „Мора сите да се бориме за промена. Подобро утро, за послетол ден,“ во позадина (1:09) се редат и исчезнуваат, како вагони, графити во минување.


„Дугарице и другови, до гуша сме у г*мна
Не знам како до сега не сме фрлеле бомба.“
Рефренот одѕвонува, додека во позадина се наѕира графит на Plug, познат по неговите дебели, цврсти карактери (1:32) кои како да велат „тука сум, и ќе останам“. Толку ретко во нашата средина, толку значајно.


„Тука се знае за мака, по нас е крстена така.
И Трпе, и Стојанка, и Трајанка, и Цака“
На 1:49, графит на Мачка – мајсторот на илустрацијата, ја третира површината на ѕидот како платно. Го видов еднаш додека ја црташе „веселата зграда“ во Дебар Маало. И никогаш не заборавив колку беше тивок и сконцентриран – како монах со спреј наместо пергамент. А можеби само мене така ми се причини, можеби сонував…

„Да платат за своите злодела,
лоповите во кошули и одела.“
Под Железничката станица, сонот на Кензо Танге претворен во кошмар, графитите си го заземаат своето место, правејќи една галерија на отворено, давајќи боја на тој простор, денес пренатрупан со ѓубре и хаос. И таму некаде, на 2:31, се јавува Pack од EBSF, екипа што е веќе 10 години на сцената и екипата ПСЖ која произлегла од неа.

RWRZ се провлекува низ повеќе кадри (2:35-3:20), тивко и моќно – како рефрен без зборови. Музиката, како контрапункт бесно и по малку во немоќ крикнува:
„Се бориме со песните и со клетвите.“


Се враќаме под Железничката (3:37), каде што камерата фаќа сцена со сепиа тоналитет – бетонските столбови изгледаат како стар урбан храм, обележан со графити кои ја држат тежината на еден цел град. Таму времето тече поинаку – како да си во тунел помеѓу минатото и иднината, а таговите се единствените сведоци на тие две епохи.

И повторно во Дебар Маало, каде што на 4:08 го гледаме графитот на Рубик, а на 4:20, едно улично куче лежерно позира пред муралот посветен на Александар Џамбазов. Во тој миг, уметноста и секојдневието се спојуваат – едно куче од дебармаалските улици и еден мајстор на македонската музика, како случајна симбиоза.



На крајот – графити на воз во заминување (4:36). Се прашувам, дали има симболика во таа сцена… и тогаш ми светнува.

За жал, возот одамна замина… со себе ги однесе вагоните исполнети со соништа, надежи за подобар живот, револуции и промени. А ние останавме на перонот, со стихови во мислите.