Графити како сценографија во филмот „Снежана на крајот умира“

Седам во „Кинотека“ и го гледам филмот „Снежана на крајот умира“. Лажам, всушност седам пред лаптоп и зјапам во лошата 480 пиксели резолуција на филмот на Youtube врз 15.9 инчен екран.. но првото поубаво звучи.

Да почнам одново. Го гледам филмот преку очите на една мува. Да, буквално. Таа е нашиот водич низ приказната, лебди над ѕидовите ишарани со графити додека тројца пријатели муабетат за бизнис идеи пред видеотеката „Слабо поведение”. Мувата слетува на графит од SRK, потоа преку море тагови врз еден троу-ап на ЕБСФ. Слоеви од спрејови, слоеви од години. Одеднаш, и јас како неа, се најдов на некое чудно патување низ времето и просторот.

43:09 SRK, ЕБСФ и други графити и тагови

И сега се јавува дилема, да ја напишам приказнава како Берт Стајн и пак да дрвам со детали од неговиот живот, но што ми е гајле, тастатурата е моја клавијатура, а јас сум импровизатор, во уметноста е лесно да поминеш со лага – никој не може да ти ги тестира резултатите со експеримент, па ајде!

Пред дваесеттина години и јас седев блиску до тоа место, карши Клубот на новинари, пред Соборниот храм, на клупите, пиејќи евтино вино од продавничето карши Ким (до поранешен Зот) и расправајќи за музика, за филмови, за тоа како ќе го промениме светот. А зад нас, ѕидовите беа прекриени со некои други графити. Денес се тоа ОКС – Драш, Мачка и SRK, кои оставија трага врз градот и уметноста – во филмот на Ристески.

23:20 Графити TSRV и SRK

Сега гледам како Горазд, Дејан и Никола седат на истото место каде што порано седевме ние. Нивните муабети скокаат од тема на тема, нелинеарно, како самиот филм – од видеотеки во 2022-ра, до расправии за тоа кој е вистинскиот Дејвид Линч на филмовите за возрасни. Дали е тоа Џо Д’Амато или Ендрју Блејк? (Ниту еден, според авторот на една критика за филмов тоа е Ринс Дрим)

Во меѓувреме во Македонија се случуваат пожари, а нашите ликови сонуваат да станат херои и да гасат пожари, но тоа не се случува. Наместо тоа работат на маркетинг кампањи за производи кои ги презираат и сонуваат да заминат во странство (колку типично!). Нивните соништа се поинакви од нашите, но позадината е иста – ѕидови ишарани од новата генерација: ЕБСФ со Вутар, RASK и АСК, Престиж со Дарма и Микс, па осамените волци како Зорк, Worm, Родео и Corn.

05:26 Графити Rodeo и Corn

Интересно е како филмот го користи овој простор – малиот плоштад зад Клубот на новинарите. Не е случајно што токму тука се одвиваат нивните разговори за иднината. Овој агол од градот секогаш бил место за такви муабети, за планови што најчесто завршуваат во ништо, за соништа што се распрснуваат во скопската жештина. Графитите на ѕидовите се неми сведоци на тие разговори, на тие надежи, а мувата е нивниот хроничар.

Се сеќавам кога Културниот центар Точка се пресели тука во 2006-та. Тогаш веќе бев „сериозен граѓанин”, татко, дизајнер и писател. Но, секој ден поминував покрај истите тие ѕидови. Ги гледав како се менуваат графитите, како доаѓаат нови генерации цртачи, нови стилови, нови пораки. Од ОКС до ЕБСФ, од старата школа до новите клинци.

23:38 Графити ЕБСФ

Сега, гледајќи го филмот преку очите на мувата, ми станува јасно дека тие графити не се само декор. Тие се летопис на градот, на генерациите што поминале оттука. Кога камерата ги фаќа муралите од проектот „Градот убав” во ГТЦ, тоа не е само естетски избор. Тоа е спој на институционалната и уличната уметност, на официјалната и неофицијалната историја на градот.

07:27 Мурали од проектот „Градот убав“

Графитите во „Снежана на крајот умира” се како временска капсула. Во нив се запишани различни периоди од историјата на скопската улична уметност – од ОКС и SRK од раните 2000-ти, преку ЕБСФ и Престиж од 2017-та, па сè до денес. Исто како што во филмот се преплетуваат различни приказни во стилот на „Pulp Fiction” (чекај бе, викам… каде бе, малку!… кога подобро ќе подразмислам, овие тројца пред видеотеката многу повеќе ме потсетуваат на филмовите Clerks или Be Kind Rewind!), така и на ѕидовите се преплетуваат различни временски периоди, различни генерации, различни начини на разбирање на градот.

23:56 Стенсил на BRK? како еден од попознатите стенсил автори во Скопје и еден графит на кама и револвер

И можеби токму затоа филмот ме погоди толку силно. Затоа што во него го препознав не само градот, туку и времето – моето време, времето на генерациите пред и после мене. Сите ние сме оставиле некаков траг на тие ѕидови, буквално или метафорично. Како мувата што лета низ филмот, така и графитите се неми сведоци на сите наши мали истории, надежи и разочарувања во овој град што постојано се менува, а некако останува ист.

01:31:35 Графит на Worm

Останатите сцени кои се одвиваат на позадина од графити, мурали, стенсили и тагови од филмот „Снежана на крајот умира“ погледнете ги тука.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *