Арно.мк е познато по необични идеи на повеќе полиња како литература, јазик, култура, екологија итн. На полето на истражувањето и документирањето графити ги воведовме проектите и рубриките: групата „Графит.мк“, мапа на графити, првиот МК графити магазин, графити приказните (урбана археологија), графити како сценографија, Графити времеплов…
А сега, најново изненадување – „Анимирани графити“! Нашата идеја е едноставна, но моќна: да ги анимираме познатите (но и заборавените!) графити и мурали од македонската сцена и да им дадеме нова димензија.
Маестро, анимација!
Проектот го започнуваме со еден од највпечатливите и најубави мурали во Скопје – портретот на легендата на македонската современа музика, Александар Џамбазов. Овој шарен и весел мурал, кој го краси срцето на Дебар Маало, е дело на уметниците Драган Китановски – Драш и Марјан Димиќ – Мачка. Сцената оживува со „златни славејчиња“ што пеат околу маестро Џамбазов.
Анимацијата на овој мурал не е само визуелен ефект – тоа е начин да се зачува и сподели духот на градот, да се приближи уличната уметност до публиката на нов начин и да се потсетиме на културните икони кои го обликувале нашето време. Се разбира, незибежен беше изборот на „Рингишпил“, како една од најлегендарните песни од Фестивалот „Златно славејче“.
Пред тоа, за промоција на идејата, ја оживеавме и едно постаро дело на Мачка – провокативниот графит кој го нарековме „Скопје се дави во чад и ѓубре“. Ова дело стана одличен вовед во она што следува – серија видеа кои ја спојуваат уметноста на ѕидот со дигиталната анимација.
Повик до цртачите
Доколку сте автор на графит или мурал и сакате да го видите оживеан, споделете го со нас во групата Графит.мк! Веќе имаме документирано значителен дел од македонската улична сцена, но секогаш има дела кои сè уште не сме ги регистрирале. Споделете фотографии, локации и информации за вашите дела, и можеби токму тие ќе бидат дел од следната анимација.
Со оваа иницијатива, сакаме не само да ја документираме, туку и да ја оживееме уличната уметност – да ја претвориме во визуелно искуство кое ќе ги инспирира и оние кои никогаш не застанале пред оригиналниот ѕид.
Графит.мк – место каде што графитите зборуваат, а сега и се движат.