Пред една година ја отворивме групата Графит.мк со цел да ги документираме, архивираме и споделиме графитите од Скопје и Македонија. Групата ја водат Бранко Прља, Го Це Тунт и Небојша Гелевски – Бане.
Што направивме за овие година дена?
1) 1.140 постови – тоа се минимум 1.140 објавени графити. Но, некои објави содржат 2-10 или повеќе графити, а објавите поврзани со арно.мк содржат и 50-100 графити секоја посебно.

Бидејќи не постои брз метод да се утврди колку вкупно графити се објавени – решивме да ги преброиме! Методот беше ваков: ако на една фотографија има 2 или повеќе графити, ги рачунавме само како 1. Ако објавата е линк до друга галерија од друг сајт – ја рачунавме како 1 графит. Исклучок беа само нашите текстови на Арно.мк и таму рачунавме колку графити се објавени посебно.
Според пресметките, вкупната бројка на објавени графити во групата Графит.мк за 1 година е 3.000 графити (точно 2.971 графит)!
2) Направивме „Мапа на графити“ во која графитите кои ги фотографираме ги споделуваме со точна локација. Оваа мапа е отворена и на неа може да споделува секој, сепак до сега на неа се објавени само (дел од) графитите кои сме ги сликале ние.
3) На арно.мк објавивме 27 графити приказни – во кои споделивме многу графити и ги анализиравме од историски, културолошки, уметнички и личен аспект. Во овие текстови претежно се споделени помеѓу 10 и 100 графити.
4) Во април 2024 го објавивме и „ГРРФТ“, првиот македонски магазин/фанзин за графити. Магазинот на некој начин е екстенизија на графитите кои ги објавувавме во групата.

5) Направивме интервјуа со цртачите Хром, RASK и Вутар од ЕБСФ, Флим, Зипер… Од овие автори дознавме многу за сцената во СК/МК, за почетоците и првиот графити шоп (особено од Хром), за екипите и можните насоку во кои ќе се движи графити сцената кај нас.
6) Го направивме првиот Графити времеплов: плакат за 30 години македонска улична уметност. Овој плакат беше производ на една цела година интензивно истражување. Информациите за графити сцената во Македонија се многу скудни, до информации тешко се доаѓа – се работи за неформална сцена, а ликовите инволвирани во неа честопати тешко споделуваат информации, со исклучок на неколку цртачи.

Графити галерија на Го Це Тунт Тунт + БОНУС КАЛЕНДАР 2025 „МАЧКИ И ГРАФИТИ“
За крај бонус календар „Мачки и графити“ од нашиот фантастичен Го Це Тунт, админ и највреден член во групата Графит.мк!

Во продолжение галерија од фотографии на графити од Го Це Тунт.


































































Мисијата продолжува!
Продолжуваме посветено да работиме во архивирањето на нашата уметност, наука и култура, преку проектите како:
- Графити времеплов: плакат за 30 години македонска улична уметност (1995-2025)
- Времеплов низ наградата „Роман на годината“ (1999-2024)
- 30 години Суперхикс, визуелен музички родослов (1994-2024)
- Времеплов низ развојот на астрономијата во Македонија (1949-2020)
- Времеплов низ развојот на вештачката интелигенција и роботиката во Македонија (1968-2002)
- Времеплов низ неверојатната историја на Астрономската опсерваторија во Македонија (1960ти-2020ти)