Во ерата на вертикалните екрани, виралните Reels и деца-инфлуенсери со милионски публики, брзата видео-продукција стана норма, а не исклучок. Токму тука влетуваат AI-алатките за генерирање видеа кои од ден на ден стануваат се подобри. Веќе многу тешко се разликуваат видео генерирани содржини, од постарите луѓе во секој случај, но и луѓе кои работат со овие технологии од почетокот на нивната популарност – дури и ние веќе не сме сигурни што е реално, а што генерирано видео. Сето ова звучи лесно, сè додека не се соочите со лавина од платформи, различни ценовници и резултати што честопати се разлеваат далеку од вашата замисла.
Затоа решивме да ја изодиме патеката наместо вас. Ги одбравме најдобрите имиња, им дадовме идентичен промпт и внимателно ги измеривме цената, брзината и верноста кон сценариото. Подолу ќе ги најдете нашите победници, поразени и корисни „фајнал бос“ совети, спакувани во табела и куси препораки што ќе ви заштедат часови тестирање и нерви.
Нашата листа на победници (и поразени) за 2025 година
Во последниве денови го истуркавме експериментот и тестиравме седум популарни AI-платформи кои ветуваат брзо креирање кратки видеа од текстуален опис. Ги напоивме со исти промптови, броевме грешки, ги пресметувавме цените и конечно направивме рангирање.
Табела: споредба на 7-те тестирани алатки
Ранг | Алатка | Точност на следење на промптот | Месечна цена | Годишна цена | Видеа месечно | Цена по видео | Белешки |
---|---|---|---|---|---|---|---|
1 | Pollo.ai | Одлична | 15 USD | 120 USD | 60 | 0,25 USD | Пристап до повеќе модели; најверно следи упатства |
2 | Vmake.ai | Добра (мали отстапки) | 10 USD | 69,99 USD | 40 | 0,25 USD | Ниска цена; минимални грешки |
3 | aivideogenerator.me | Просечна | — | 69,99 USD | ≈ 50 | ≈ 1,40 USD | Лабаво следи промпт; скапо по видео |
4 | Hailuoai.video | Просечна | — | 108 USD | ≈ 33 | ≈ 3,27 USD | Слично на #3, но уште поскапо |
5 | OpenArt.ai | Слаба | 14 USD | 84 USD | 40 | 0,35 USD | Не ги почитува промптовите |
6 | RunwayML | Слаба | 15 USD | 144 USD | 60 | 0,25 USD | Истата цена како #1, но далеку полош извод |
7 | Google AI Studio (Veo 2) | Просечна | Бесплатно (ограничено) | — | Ограничено | 0 USD | Добро за проба; недефинирана ценовна шема |
Што не можевме да тестираме?
За жал Pika.art и app.klingai.com не влегоа во финалната трка – иако претходно ни даваа солидни резултати, овојпат free-trial генерирањето траеше премногу долго и до крајот на тест-периодот не дочекавме видеа.
Исто така, LumaLabs Dream Machine повеќе не нуди бесплатни генерирања, па исчезна од листата достапни опции за брзо пробување.
Ако сакате да експериментирате без трошок, можете да ѕирнете и на HuggingFace Spaces – пример е проектот Framepack – но, резултатите таму не се гарантирани и зависат од оптовареноста на серверот.
Sora ветуваше многу, но нам не ни даде добри резултати – можеби затоа што пробавме да анимираме илустрација. Сепак оваа апликација заслужува и втора шанса, но за тоа друг пат.
Клучни увидувања
- Pollo.ai е „all-round“ шампион – совршен баланс меѓу прецизност и цена (0,25 USD по видео) плус бонус: повеќе генеративни модели на едно место.
- Vmake.ai е „буџет-херојот“ – исто евтин/клип како Pollo, малку поскромен во точноста, но одличен ако квотата од 40 видеа ви е доволна.
- Google AI Studio (Veo 2) е „слободниот играч“ – за ad-hoc проекти или „тест-драјв“ без трошок; внимавајте на лимитите и на тоа дека моделот сè уште е во експериментална фаза. Тоа што се наоѓа на последно место е условно, заради нејасната цена.
- Средната зона (aivideogenerator.me & Hailuoai) носи повеќе разочарување отколку вредност: скапи видеа и средна изведба.
- OpenArt.ai и RunwayML за жал паднаа на нашите промптови – многу креативен шум, малку корисен сигнал. Ова беше особено зачудувачки за Runway кои се приусутни на сцената од почетокот и беа солидни.
- Pika.art и KlingAI би можеле да заслужат место високо на листата ако подобрат брзина, а Dream Machine останува премиум-опција ако сте подготвени да платите.
Наши препораки
Потреба | Препорачана алатка | Зошто? |
---|---|---|
Секојдневно YouTube Shorts / Reels производство | Pollo.ai | Најстабилно го „слуша“ сценаристот и останува евтино при голем обем. |
Хобист со мал буџет | Vmake.ai | Нискa месечна такса, а резултатите се доволно чисти за социјални мрежи. |
One-off / експеримент | Google AI Studio (Veo 2) | Бесплатно да „осетите“ што може AI-видео, без кредитна картичка. |
Премиум квалитет без ограничувања | LumaLabs Dream Machine | Сѐ уште моќен модел, но од скоро само со платен пристап. |
Како тестиравме?
- Унифициран промпт
- Автоматско споредување на клучните објекти, ликот и боите во финалното MP4 со оригиналната инструкција.
- Рачна оцена за визуелен квалитет и стабилност со систем на поени.
- Бенчмарк за цена: пресметавме колку чини едно видео при максимална месечна квота.
- Време до прв резултат: брзите алатки добија бонус-поени.
Заклучок
Pollo.ai е апликација со најголемо враќање на инвестицијата. Vmake.ai и Veo 2 се веднаш после тоа, додека алатките под #3 – #6 нека ви служат како потсетник дека „повеќе пари“ не значи „повеќе креативност“. Ние ги пробавме овие апликации за да не морате вие – сега топката (и видеото) е кај вас.
Сакате подетален туторијал или совет како да ги искористите максимумот од опциите? Слободно пишете ни во коментари или на редакцискиот мејл!