„Генерација П“ (некогаш преведена и како „Вавилeн“ или „Хомо Запиенс“) е дело на рускиот писател Виктор Пелевин.
Аудио книги (на англиски) од Пелевин се ретки. Направивме аудио верзија на романот „Генерација П“, се надеваме ќе ви користи за истражување.
Виктор Пелевин е руски автор од помладата генерација познат по неговиот карактеристичен спој на сатира, надреализам и постмодернизам. Роден е во 1962 година, и стекнал слава со својот роман „Омон Ра“, ја зацврсти својата репутација со дела како „Генерација П“ и „Светата книга на врколакот“. Неговото пишување често ги истражува темите на реалноста, идентитетот и консумеризмот, на позадината на постсоветска Русија. Океј?
По препораката на „Генерација П“ (од страсниот читател, колекционер, музичар, диџеј и консумер на популарната култура, Игор Стојановски) како комбинација помеѓу Вилијам Бароуз, Чак Паланик и Филип К. Дик веднаш се заинтересирав за книгата. Па ајде, да не должиме и веднаш да ја испитаме таа теза, како можност на кратко да го анализираме пишувањето на Пелевин во однос на тројцата американски класици.

Бароуз и Пелевин
Вилијам Бароуз се занимава со дрогите и со оклутното, како и Виктор Пелевин. Кај двајцата автори постои сатира, нелинеарна нарација, халуцинации и „муабети“ со суштества кои не постојат итн. Пред се и Бароуз и Пелевин се пост-модерни автори. Во согласност со тоа, кај Пелевин се среќаваме со интертекстуалност (референци на руската и американската поп-култура), метафикција (книгата изобилува со дискусии за природата на маркетингот) и мешање жанрови (реализам со фантазија).
Главната разлика е во јазикот. Јазикот на Пелевин е далеку посиромашен од тој на Бароуз.
Пр. Бароуз:
I can feel the heat closing in, feel them out there making their moves, setting up their devil doll stool pigeons, crooning over my spoon and dropper I throw away at Washington Square Station, vault a turnstile and two flights down the iron stairs, catch an uptown A train…
– Naked Lunch (1959)
Пелевин:
Once upon a time in Russia there really was a carefree, youthful generation that smiled in joy at the summer, the sea and the sun, and chose Pepsi.
– Генерација П (1999)
Океј, можеби не е фер да се избере „рандом“ реченица, но секој кој ги читал двајцата автори ќе се согласи дека Бароуз е далеку помоќен и подиректен. “Junk takes everything and gives nothing.” (Junkie, 1953) Бароуз е фрагментарен (кат-ап техника), хаотичен, креативен во терминологијата. Interzone, Mugwump, Soft Machine… Бароуз веројатно го популаризирал и терминот Heavy Metal кој подоцна станал име на цел музички жанр. Тој го прикажува сликовито распаѓањето на општеството, зависноста и општествената контрола… чек , па истото го прави и Пелевин, хм…

Полоник и Пелевин
Што е со Чак Полоник? Како голем фан на „Боречки клуб“, со години мислев дека филмот е ремек-дело. Потоа ја прочитав книгата, која толку ми се допадна што мојата „1 час и 30 минути“ ја напишав под директно влијание на „Боречки клуб“. Кратки, минималистички реченици, без непотребното, но со доволно сликовитост што речиси го чувствуваш вкусот на секој збор под јазикот. Го обожавав Чак.
Неговиот интелигентен темен хумор и сатиричниот коментар на општеството е незаменлив, а апсурдното и гротексното се чести. Директни, кратки и повторливи фрази кои остануваат во свеста како рекламни слогани кои создаваат ритмичко-хипнотички ефект на читателот. Полоник е всушност поет. Да видиме: апсурдизам, гротеска, сатира, рекламни слогани… океј, тоа е и Пелевин. Но, директен не, секако не е, ниту е концизен. Всушност Пелевин е анти-Полоник кога станува збор за економичноста и поетската нарација во раскажувањето.
Особено во седмото поглавје (Homo Zapiens) според кое е наречен романов на англиски (освен ако не е преведен како Generation P). Целото поглавје ја искажува теоријата на Пелевин (т.е. неговото алтер-его, главниот лик Татарски, кој работи како копирајтер во рекламна агенција) за влијанието на медиумите на свеста, за рекламите, за консумеризмот, за пазарната економија, па дури има и еден дел каде ги изнесува аргументите како а), б), в)… морам да признаам – едвај го дочитав! Толку ми се слоши што за малку ќе ја фрлев книгата во неповрат.
Башка, како некој кој работел во рекламната индустрија не ми е потребно да знам како се пишуваат реклами, а книгата изобилува (буквално изобилува) со описи на процесот на размислување при создавањето реклами. И при тоа се објаснуваат детално сите избори на зборови и концепти… Не ми треба проклет раскажан методот на адвертајзинг гуруто Дејвид Огилви, а во книгата буквално го има и тоа! Фали само да бидат раскажани методите од книгата „Пропаганда“ на Едвард Бернајз од 1928 година.
Деталните описи на адвертајзинг индустријата или снимањето реклами со техника на „motion capture“ е, исто така, непотребно од денешна гледна точка. Тогаш било нешто ново (иако се користи од рани 1990-ти), но денес е општо познато. Дали е оправдано во функција на апсурдното? На пример, актерот Аркадиј Коржаков, поранешен шекспировски актер во Младинскиот театар, се појавува како „тело“ кое потоа компјутерски ќе биде рендерирано како Борис Елцин. Дали истото би можело да се каже за технологиите на Филип Дик (холо-скенери и слично)? Кај него барем технологиите не се прост (детален!) опис на постоечките, туку се инвентивни и произлегуваат од неговата фантазија и визија на иднината. Пелевин системот за снимање го нарекува Стар Трак… ах.
Некои критичари дури го оцениле овој роман како недоволно уреден, како авторот да го објавил самостојно. Tоа го потврдуваат со наведување низа грешки, повторувања и пропусти во книгата.
Сепак, подоцна Пелевин се искупува… само имајте трпение!

Дик и Пелевин!
За среќа не ја фрлив книгата и продолжив, па да продолжиме и ние. Кога го споменавме веќе – што е со Филип Дик? Скоро пишував рецензија за неговото Замаглено скенирање (Scanner Darkly) и можам да кажам дека темите на замагленост помеѓу реалноста и фикцијата, длабоки филозофски прашања, паранојата, дрогите и изменетите состојби на свеста се присутни во двете книги (и општо во делото на Дик). Всушност, постојат големи тематски сличности помеѓу „Замаглено скенирање“ и „Генерација П“.
Но, повторно – стилот е различен. Дик никогаш не забегува во дигресии и размислувања за филозофските прашања, туку ги искажува преку неговите ликови или преку дејствието.
И Дик е концизен, конкретен и директен, поетичен, суштински американски автор.
‘“Everything is true”, he said. “Everything anybody has ever thought.”
– Do Androids Dream of Electric Sheep? (1968), Chapter 20 (p. 227
“Sometimes I wish I knew how to go crazy. I forget how.”
“It’s a lost art,” Hank said. “Maybe there’s an instruction manual on it.”
– A Scanner Darkly (1977), Chapter 4 (p. 56)
Да – сите тројца споменати автори се американски прозаисти, нарацијата им е во крвта. Ако нешто знаат добро да прават американците, тоа е муабетот. Пелевин е сепак руски автор, колку и да е пост-модернист, тој е надреалист во стилот на руските традиции и раскажува надолго и нашироко.
Тоа не значи дека не е интересен (освен седмото поглавје!). Па, ајде да видиме за што се работи во „Вавилeн/Генерација П/Хомо Запиенс“.

За што се работи всушност во „Генерација П“
Во делото „Генерација „П“ („П“ е кратенка од Пепси) главен лик е Вавилен Татарски, поранешен поет кој станува копирајтер (текстописец) во постсоветска Русија. Додека се движи низ апсурдниот и хаотичен свет на новата руска потрошувачка култура, Татарски балансира помеѓу влијанијата на западниот капитализам и остатоците од поранешната идеологија – а тоа не е лесна задача! Татарски се среќава со различни ликови од криминалното подземје и бизнис-фаци истакнувајќи ги корупцијата и апсурдноста на ситуацијата во која се наоѓа новата Русија.
За еден домашен читател ова е познато и од домашната сцена, нашата вечна (транзиција, пардон) Македонија. Романот ги истражува темите на идентитетот, реалноста/имагинарното и сеприсутната моќ на медиумите, консумеризмот и рекламирањето. Преку спој на сатира, мрачен хумор и филозофски размислувања, Пелевин ја критикува трансформацијата на руското општество во текот на 1990-тите.
Приказната започнува со тоа што Татарски дипломира за време на падот на Советскиот Сојуз и се бори да го најде своето место во новата капиталистичка Русија. Открива талент за рекламирање и дознава за манипулативната моќ на индустријата, што го наведува да работи на значајни кампањи за западните брендови како Кока-Кола и Пепси.
Како што напредува неговата кариера, Татарски се вклучува во креирањето на политички реклами, замаглувајќи ги границите помеѓу рекламирањето и пропагандата. Неговата работа го доведува во контакт со моќни олигарси, изложувајќи го на корумпираниот свет на руската политика и бизнис. Татарски се бори со етичките импликации на неговата работа, навлегувајќи во мистичните аспекти на медиумската манипулација и истражувајќи ги античките симболи што се користат во модерното рекламирање.
Подемот на Татарски во индустријата е обележан со надреални и окултни искуства, симболизирајќи го неговото подлабоко потопување во манипулативната машинерија на медиумите и политиката. Тој учествува во ритуал, претставувајќи ја неговата целосна асимилација во светот на манипулацијата. Неговиот идентитет станува се повеќе фрагментиран додека се движи низ дигиталното царство, нагласувајќи ја загубата на индивидуалноста во однос на медиумското влијание. Неговиот компјутерски генериран двојник се појавува наместо него на разни јавни настани и реклами.
Татарски сфаќа дека успехот доаѓа по цена на индивидуалноста и интегритетот.

Манипулацијата како медиумска алатка
Лажните вести се дел од општеството колку што се и вестите. Во „Генерација П“, јавноста е манипулирана преку различни средства, како одраз на распространетата медиумска и политичка контрола. Да натераш некој да купи Пепси е едно, но друго е да манипулираш вести, нели? Луѓето се манипулирани преку вести, каде што дури и политичките личности и настани се дигитално генерирани и контролирани. Агенциите создаваат рекламни и ПР кампањи со лажни наративи и пропаганда, за да ја сменат јавната перцепција и однесувањето. Политичките фигури често се целосно измислени дигитални конструкти, со нивните постапки и говори контролирани од медиумските агенции.
Овие методи, особено Deepfakes, се дел од реалноста денес, како што биле дел од книгата на Пелевин пред четвртина век!
„Телевизијата најверојатно ќе остане примарен канал за имплантација на шизо-единици на клиентите во свеста на руската јавност.“ вели авторот и во право е, освен во едно, телевизијата ќе биде заменета од интернетот, а ефектот на шизо-единици ќе биде засилен и мултиплициран до бескрај.

Главни и споредни ликови
Вавилен Татарски – Главниот јунак, поранешен поет кој станува копирајтер, претставувајќи ја новата генерација која се бори за опстанок во постсоветската реалност.
Сергеј Морковин – поранешен соученик на Татарски кој го воведува во светот на рекламирањето. Тој е вклучен во создавањето политички реклами.
Дмитриј Пугин – работодавец на Татарски, поранешен таксист во Њујорк, сега бизнисмен со амбициозни рекламни планови, кој ги цени креативните таленти на Татарски.
Андреј Гирејев и Григориј– се личности кои го воведуваат Татарски во мистичните искуства со помош на магични печурки и ЛСД.
Хусеин – Поранешен познаник на Татарски, вклучен во криминални активности, симболизира мудрост и мистерија.
Ви Вова – Криминалец која сака Татарски да му развие концепт за руската национална идеја.
Владимир Канин – Нов работодавец на Татарски по смртта на Пугин. Поранешен функционер на Комсомол кој води рекламна агенција.
Саша Бло – Конкурент на Татарски во рекламниот бизнис. Подоцна е на чело на Одделот за руски идеи.
Аркадиј Коржаков – Поранешен шекспировски актер сега работи како „кукла“ на Елцин.
Леонид Азадовски (Легија) -Мистериозна и влијателна личност во бизнисот со манипулации со медиумите, кој го надгледува Татарски.
Фарсук Сејфул-Фарсеикин -член на тајното друштво кој му го објаснува ритуалот и митолошката позадина на Татарски.
Имагинарни ликови – Иштар кој ја претставува античката мудрост и мистичните искуства, духот на Че Гевара, кој е обезбедува критички увид во современото потрошувачко општество; Сируф, суштество слично на змеј, кое му дава мистично знаење за консумеризмот и идентитетот на Татарски.
И разни колеги на Татарски во светот на рекламирањето…

Теми во „Генерација П“ од Виктор Пелевин
Идентитет и трансформација: Промената на идентитетот на Татарски од советски поет во постсоветски копирајтер ги одразува пошироките општествени промени. Неговата трансформација ја нагласува борбата за одржување на личниот интегритет среде општествените промени. Дали успева на крај, проценете сами 🙂
Егзистенцијална криза: Татарски се бори со значењето на неговата работа и површноста на рекламниот свет, размислувајќи за влијанието на потрошувачката култура и доведувајќи ја во прашање автентичноста на неговиот живот и работата.
Реалност vs. илузија: Романот ја истражува тенката линија помеѓу реалноста и измамничката природа на рекламирањето, како и изменетите состојби на свеста предизвикани од дрогата. Оваа тема ги нагласува заматените линии помеѓу реалноста, соништата и измислените медиумски наративи.
Манипулација со реалноста: Медиумите и политичките наративи се конструираат и манипулираат за да ја обликуваат јавната перцепција, истакнувајќи ја моќта на рекламирањето и пропагандата во контролирањето на општествените погледи.
Консумеризам и материјализам: Преминот од советските вредности кон западниот консумеризам ја симболизира културната транзиција. Романот ја критикува површноста на потрошувачката култура.
Цинизам и корупција: Се истражуваат распространетата морална дволичност во новата капиталистичка средина, прикажувајќи ги компромисите заради опстанок и успех во корумпираното општество.
Носталгија и загуба: Романот го одразува чувството на загуба за минатото и борбата да се најде смисла во новиот свет што брзо се менува
Моќ и влијание: Контролата преку рекламирање и политичка манипулација, паралелно со динамиката на моќ од советската ера.
Апсурд и сатира: Пелевин користи сатира за да ја критикува апсурдноста, нагласувајќи ги противречностите и иронијата. Темниот хумор ја открива бесмислената и надреална природа на рекламната индустрија и политичкиот пејзаж. Моментот кога Татарски се моли за инспирација и да напише добра реклама потсетува на песната “Mercedes Benz” на Џенис Џопин. Ликот на Пелевин, Татарски, наместо материјални богатства бара идеја – за реклама!
Мистицизам и симболика: Езотеричните референци и мистичните елементи додаваат длабочина, мешајќи ги античките митолошки теми со модерните поставки за да ја илустрираат безвременската борба за моќ. Пелевин е склон кон мистицизам, будизам, политеизам и архаичните религии на Египет и Месопотамија, учењето на Кастанеда, разни птици-демони, змееви, духови… додека конвенционалните монотеистички религии кај него се предмет на потсмев.
Разочарување и отуѓување: Татарски се чувствува отуѓен од неговата работа, доведувајќи ја во прашање нејзината вредност. Ова одразува пошироко чувство на разочарување од брзите социо-економски промени.

Некои поинтересни концепти од книгата
Мазума – сленг термин кој се однесува на пари. Се користи за означување на пари во широка смисла, готовина, богатство и економски трансакции.
Tampoko Shares – дел од апсурдниот и сатиричен елемент на романот. Ги симболизираат празните ветувања и површноста на постсоветската руска пазарна економија. Акциите се врзани за измислена компанија, TAMPOKO, која произведува безалкохолни пијалоци и сокови, а рекламната кампања за овие акции ја одразува шупливата природа на потрошувачката култура и манипулацијата со јавната перцепција во рекламната индустрија.
Институт за пчеларство – фасада за моќна и тајна организација (наречена „Меѓубанкарски комитет за информатичка технологија“), веројатно вклучена во софистицирани и големи операции. Taa ги надгледува и оркестрира политичките и економските стратегии на Русија.
Хрчак – сатиричен симбол на моќта, хиерархијата и апсурдите во бирократските и корпоративните структури. Хрчакот е украсен со мали медали, што укажува на исмејување на грандиозните почести во тривијални контексти.
Оддел за руски идеи – Одговорен за создавање и промовирање на националистички наратив кој се усогласува со интересите на владејачката елита. Ова вклучува изработка на идеолошка содржина што ги зајакнува патриотските теми и културниот идентитет, честопати користејќи медиуми и реклами за манипулирање со јавната перцепција и поддршка за владата.
Бизнис за манипулација со медиуми – Ова се однесува на систематска и стратешка контрола на медиумските содржини за обликување на јавното мислење и влијание врз политичките резултати.
Одделот за анално поместување – одговорен за креирање политички реклами и манипулирање со јавното мислење преку надреални и честопати смешни методи. Самото име на овој оддел е игра на зборови, истакнувајќи ја апсурдната и често сурова природа на задачите што ги извршува, фокусирајќи се на управување со јавното расположение во одредени насоки за да им служи на интересите на оние кои се на власт.
50 мегахерци – термин кој ја симболизира контролата и ограничувањето на протокот на информации од страна на надворешните сили, особено Американците. Тоа ја одразува манипулацијата со медиумската и политичката реалност преку технолошки средства. Прилагодувањето на фреквенцијата се користи метафорично за да се илустрира како повисоките сили можат да влијаат на медиумскиот излез и, следствено, на јавната перцепција и мислење.
Мерцедесот на Вавилен Татарски – одраз на социо-политичките и економските трансформации во постсоветска Русија. Мерцедесот е разнесен во лажен обид за атентат врз ликот Азадовски. Оваа одлука го истакнува степенот на медиумска манипулација и непочитување на личната сопственост во остварување на политички цели.
Заклучок
Оваа необична и интересна книга (и покрај здодевните делови!) е вредна да се прочита и анализира (повторно и повторно). Би можела да биде пократка и поконцизна, но сепак е одлична критика на реалноста и на она што може да стане ако неконтролирано се дозволи на една идеја, поткрепена од група луѓе, да завладее. Како и секоја добра дистопија и оваа е воедно и визија и предупредување, но и длабока слика во природата на човекот и неговите незаситни апетити. И, се разбира:
Пелевин е достоен на друштвото: Бароуз, Полоник и Дик!
Филм
Ако книгата не ви е доволна, погледнете го филмот, кој е добро оценет и опишан како „малку Matrix; малку Fear and Loathing in Las Vegas“, и Mad Men од 1990-тите, со примеси на Being John Malkovich, Fight Club, Thank You for Smoking и малку од Eyes Wide Shut…
Филмот „Генерација П“, во режија на Виктор Гинзбург, го следи дејствието во романот, но сепак има некои разлики. Според критичарите, „филмот ја доловува суштината на сатирата на книгата, фокусирајќи се на апсурдите на рекламната индустрија и подемот на консумеризмот. Сепак, филмот посилно ги нагласува визуелните и психоделичните елементи, особено за време на сцените со ЛСД. Оваа промена понекогаш може да направи наративот на филмот да се чувствува поневрзан и надреален во споредба со покохерентниот сатиричен коментар на романот за политички и општествени прашања.“ Трипувајте!