Понекогаш, истражувајќи ја уметноста, се наоѓаме на неочекувано патување низ просторот и времето. Така започна и моето откритие за графитите под Новата железничка станица во Скопје. Она што почна како едноставен обид да се документираат 100 графити, се претвори во интересна приказна за уметници, фестивали и неочекувани врски. Во центарот на (вториот дел од) оваа приказна се наоѓа Флим, талентиран графички дизајнер, чие учество на фестивалот “Бела ноќ” во 2009 година го означи почетокот на трансформацијата на овој сив, заборавен простор во живописна галерија на отворено.
Флим во филм!
Додека ги разгледував фотографиите што ги направив под Новата железничка и работев на текстот за истите, едно име особено ми го привлече вниманието – Флим. Ги препознав неговите карактери, кои се создадени под влијание на илустрираните книги за деца од 1960-тите години. Како љубител на ретро дизајнот кој имал влијание врз моите дела, особено ми се допаѓа неговиот стил. Но, освен некои површни познавања за него (знам дека се вика Иван Петрушевски, дека е графички дизајнер и илустратор), не знаев многу.

Откривањето на Флим и на неговата приказна беше како да откривам скриено богатство. Неговиот сајт е галерија на креативност – од дизајн на ликови до векторска графика, преку дизајнирањето на визуелниот идентитет на Скопје Џез Фестивал 2023 година (врв на кариера за секој графички дизајнер). Но, она што навистина ме воодушеви (веројатно сум субјективен!) беше неговата врска со графитите под железничката.
Во разговор со Хром, еден од клучните играчи во скопската графити сцена, дознав дека првите графити под железничката се појавиле околу 2008-2009 година. Тоа ме натера да се запрашам: Кој го направил првиот потег? Кој прв се осмелил да го разбие сивилото на овој простор со боја?
Одговорот дојде од самиот Флим. Ми прати фотографии од настанот „Бела ноќ“ во 2009 година, кога тој и уметничката Руки-Чуки ги создале првите вистински графити на овие голи столбови. Гледајќи ги тие фотографии, можев да го почувствувам возбудувањето на тој момент – празен простор полн со можности, уметници со спрејови во рака, подготвени да создадат нешто ново, заинтересирани луѓе кои случајно поминуваат и застануваат да бидат дел од магијата, па и едно дете кое со радост ги набљудува веселите ликови како оживуваат пред него.

Моите искуства
“Бела ноќ” – тие зборови ме вратија назад во времето, во 2004 година, кога за прв пат учествував на овој фестивал со моите “Вести во земјата на чудата“. Всушност, тоа беше годината кога започна овој настан. Се сетив на соработката со мојата тогашна пријателка, уметничката Олгица Димитровска, на рачно печатената хартија и на весникот кој подоцна стана мое самостојно издание. Тажно е како понекогаш уметничките дела ги надживуваат пријателствата кои ги создале.
Размислувајќи за тоа, сфатив колку е важно да ги чуваме овие дела, овие моменти. Можеби некаде во подрум сè уште го чувам тоа прво издание на рачно правена хартија, чекајќи да биде откриено и да раскаже приказна за почетоците на “Бела ноќ” во Скопје.
Приказната на Флим ме потсети и на мојата соработка со режисерката Александра Кардалевска за „Бела ноќ“ 2008 година, кога повторно моите измислени вести оживеаја во нов медиум. Исчезнатото ЦД од единствената филмувана копија на тие вести по настанот, сега ми изгледа како метафора за краткотрајната природа на уметноста – понекогаш создаваме нешто што исчезнува, оставајќи зад себе само сеќавања и траги во нашите животи. Токму како графитите – привремена сведожба за еден момент во времето и просторот – пред да бидат пречкртани со нови графити.

Уличната уметност како „тајна врска“
Она што особено ме фасцинира е како сите овие приказни се преплетуваат. Флим,Руки Чуки, Хром, па донекаде и јас – сите ние сме дел од истата креативна мрежа, иако можеби никогаш не сме се сретнале лично. Работевме во скопските маркетинг агенции (fun fact: братот на Иван, Јован Петрушевски, уште еден талентиран дизајнер, ми беше и колега во Бец Шолц енд Френдс), соработувавме со исти луѓе, создававме на исти места, а сепак нашите патишта само се допираа, никогаш целосно не се вкрстуваа.
Стиховите на ЕБСФ одекнуваат во мојата глава: „Таговите ни се добро познати, а фаците не ни се битни.“ Колку е тоа точно за графити сцената, но и за уметноста воопшто. Секој ден поминуваме покрај дела чии автори никогаш нема да ги запознаеме, но нивната уметност станува дел од нашето секојдневие, од нашиот град, од нашите животи.
Фотографиите што ми ги прати Флим ја откриваат суровата убавина на тој момент во 2009 година – голи столбови, неасфалтиран простор, и двајца уметници кои се осмелиле да донесат боја и живот во тој сив свет. Тоа беше почетокот на трансформацијата на овој простор, првиот чекор во создавањето на тој импровизиран музеј на отворено што го открив години подоцна.

Сега, гледајќи наназад, сфаќам дека мојата потрага по 100 графити под Новата железничка е само дел од поголема приказна. Приказна за уметници кои постојано го редефинираат градскиот пејзаж, за фестивали кои отвораат нови можности за креативно изразување, и за неочекуваните врски што ги откриваме кога ќе почнеме да го гребеме површинскиот слој на нашата урбана култура.
Можеби утре ќе поминам повторно покрај тие столбови под железничката. Ќе ги гледам графитите од нова перспектива, знаејќи ја приказната зад нив. И ќе се прашувам: Кој ли ќе биде следниот уметник кој ќе остави свој белег тука? Каква нова приказна чека да биде откриена во боите и линиите на овие урбани уметнички дела?

Ќе има ли приказнава трет дел?
„Еј, ја бев пред Флим!“ ми одекнува во главата, како претскажување на зборовите на некој цртач кој ќе ми се јави со коментар за мојот текст и ќе морам повторно да го ревидирам и надополнам. Но, тоа е таа убавина во грешењето, во истражувањето и откривањето нови нешта. Оваа приказна нè потсетува колку е богата и слоевита урбаната култура на Скопје.
Од првите потези на Флим и Руки Чуки под железничката, до денешната разновидна графити сцена, секој уметник оставил свој белег во ова импровизирано платно на градот. Нивните дела, иако често анонимни за минувачите, се неразделен дел од идентитетот на Скопје. Овој текст, заедно со другите слични, не само што ја открива историјата на еден специфичен простор, туку и нè поттикнува да размислиме за значењето на уличната уметност, за природата на креативноста и за неочекуваните врски што нè поврзуваат сите нас во мрежата на урбаниот живот.

Прочитајте ги и другите текстови за СК/МК графити на нашиот сајт:
- Бетонска галерија: графити под новата Железничка станица
- Скопје во тагови и рими: Вутар од ЕБСФ
- Разговор со бељаџијата RASK, цртач на графити од екипата ЕБСФ
- Хром, приказна за еден урбан графитџија и неговиот графити шоп во градот Скорне
- Графити во Струга. Димитрие Дурацовски. Горан Ристовски. Толку.
- Графити на патот Пинтија-Драчево, за трајноста, привременото, уметноста и политиката
- Скопскиот кеј и графитите од „другата“ страна на Вардар
- „ГРРФТ“, македонски магазин/фанзин за графити
- Најголем графит во Македонија!
- Графит-приказна за Рајна Мичуринска која ќе ви ја стопли душата