Филмот како временска капсула: „Томе од бензинската пумпа“

Филмовите се временски капсули кои сведочат за минатото преку најситни детали: од луѓето до предметите од секојдневието, преку компании, производи и облека до автомобили итн. За жал, во Македонија нема сериозна анализа или база на податоци за ова поп-културно наследство (најчесто вакви иницијативи се „раштркани“ на Фејсбук, по групите како „Стари Скопјани“, форумите на Кајгана или во делата на независните уметници).

Истражувајќи го филмот „Томе од бензинската пумпа“, се соочивме со недостиг на информации и критики. Иако се работи за телевизиски филм, сценарист е познатиот Горан Стефановски. Општо гледано, и покрај постоењето на истакнати филмски критичари, во Македонија не постојат систематски обиди за сериозна поп-културна анализа. Со овој текст нашиот автор Берт Стајн и нашиот портал го започнуваат тој процес, надевајќи се дека други ќе го продолжат ова важно културно документирање.

Внимание – текстот функционира на две нивоа, наративен (главен текст) и податочен/аналитички (текст на маргините), затоа не заборавајте ги фуснотите! Пр. во нултата фуснота [0] пренесуваме дел од топонимите, автомобилите и брендовите присутни во филмот (со линкови до сцените од филмот). Кога „кликот“ ќе ве однесе долу, со кликање на бројката се враќате повторно назад.

Пишува: Берт Стајн

Спачек на скопскиот асфалт: Томе и бензинската пумпа

Во една врнежлива есенска ноќ во Скопје, 1979 година, започнува приказната за „Томе од бензинската пумпа“. Тогаш сум имал само две години. Како дете живеев во Сараево, немајќи поим за постоењето на Скопје, освен како далечно место од кое потекнува мајка ми. Но, гледајќи го филмот денес, чувствувам носталгија за едно време и место кое никогаш не сум го доживеал, но кое некако ми е блиско и познато. Можеби затоа што братството и единството не правеше сите еднакви? Сепак, Скопје беше посебно.

Истура како од кофа. Светлата на бензинската пумпа „Југопетрол“ трепкаат како ѕвезди во темнината.[1] Тука го среќаваме Томе, млад бунтовник без причина, студент заглавен помеѓу светот на работничката класа, во кој е верен за девојка наречена Неда, и копнежот по нешто повеќе.

Бензинска „Југопетрол“, како еден од главните топоними во филмот

На бензинската застанува автомобил Спачек[2], со неговите озлогласено тврди сопирачки, како совршена метафора за животот (на работ на губење контрола) на личноста која излегува од автомобилот – професорката по пијано, Весна, која станува „фам фатал“ за Томе. Двајцата, збунети и нерешителни, се судруваат како два автомобили на крстопатот на животот.

Режисерот Јане Петковски [3] ни нуди временска капсула на една Југославија каде што се среќаваат социјалистичките идеали со западните влијанија. Се прашувам како би било да сум растел во тоа време, наместо да го запознаам Скопје единаесет години подоцна, кога дојдов како тринаесетгодишно момче, бегајќи од војната што ѝ се закануваше на Босна. Низ објективот на камерата, Скопје оживува како град на контрасти – од сивите бетонски блокови до преполните самопослуги. Градскиот Трговски Центар, со своите ескалатори и модерни продавници за плочи стои како симбол на модернизацијата.

Братислав Димитров [4] како Томе е совршено отелотворување на младешката неодлучност и копнеж. Неговиот лик е како да излегол од некој филм на Годар [5], залутан во балканските реалности. Додека се движи помеѓу бензинската пумпа и модерниот стан на професорката по пијано (Весна, маестрално одиграна од Костадинка Велковска [6]), Томе ја отсликува внатрешната борба на една цела генерација.

„Лорд“ и леб: ноќна шопинг одисеја

Самопослугата во која Томе пазари е како сведожба за успехот на „средниот пат“ на Југославија меѓу комунизмот и капитализмот. Рафтовите се преполни со производи, создавајќи впечаток на изобилие кое го надминува она што можело да се види во останатите земји од Источниот блок.[7]

Касиерката, со својата сина кецела која делува како униформа на една цела класа работници, и шминката која е премногу силна за денешните стандарди, е олицетворение на југословенската работничка жена – горда, самоуверена и без трошка сервилност. Звукот на касата, кој потсетува на фабричка машина, создава речиси надреална атмосфера. Сметката од 4.250 динари која Томе ја плаќа е како мал споменик на инфлацијата која тивко го поткопува привидниот просперитет. Кога Томе бара цигари „Лорд“, а продавачката остро му одговара дека треба да купува наутро, а не на полноќ, гледаме една страна на југословенското општество која често се заборава – директноста која граничи со грубост, отсуството на она што денес би го нарекле „грижа за купувачите“.

Гуми и мечти: мали „службенички“ разговори на „Југопетрол“

Сцената со Томе и неговиот другар Љупче на бензинската пумпа „Југопетрол“[8] е како предвесник на американските независни филмови од 90-тите. Нивниот дијалог, суров и директен, потсетува на “Службеници” (Clerks, 1994) на Кевин Смит.

Љупче, зборлест и брлив, и Томе, замислен и тивок, се како балканските предци на Зборлестиот Џеј и Тивкиот Боб, до толку што „Томе од бензинската пумпа“ може да се нарече македонскиот претходник на „Службеници“ (Clerks).

Контрастот помеѓу двајцата пријатели е остар и значаен. Љупче, и покрај неговата брлавост, ги исполнил сите општествени очекувања – отслужил војска, се оженил, има дете, куќа и кола. Томе, од друга страна, е нерешителен, не знае што сака и се чини дека се’ што прави е заради некој нејасен бунт против општествените норми.

Шефот на бензинската, уште еден колоритен лик, ја заокружува сликата на овој микрокосмос. Неговата расправија со редовниот и здодевен муштерија, додека истовремено ѕирка во нозете на жена му во Трабантот, е како мала комедија во поголема драма.

Оваа сцена, колку и да е кратка, е богата со детали кои зборуваат за времето – од фиќовците на авто-школата на АМСМ, до мини-радиото во колата и модата на кратки здолништа и чизми. Петковски успева да долови цел еден свет во неколку кадри, создавајќи портрет на едно време кое истовремено изгледа и блиско и неверојатно далечно.

Од рок до винил: во ПГП-РТБ е забранета класика!

Сцената во продавницата за плочи „ПГП-РТБ“[9] сведочи за поп-културата на времето. Томе, во потрага по „клавирска музика“ (да ја импресионира професорката), се соочува со резигнираниот поглед на продавачот. Во позадина, како звучна кулиса на овој културен судир, одекнува хитот од 1979 година, „Апсолутно твој“ на бендот Мирзино јато.[10]

Кога Томе, во обид да ја премости културната бездна, избира случајна плоча и бара да ја чуе, продавачот го гледа со поглед кој граничи со презир и остро одговара: „Класична не пуштаме“. Оваа кратка размена е како мала драма која ги отсликува културните тензии на времето. Дури и шефот на Томе на бензинската станица, претставник на една поинаква генерација, го изразува својот скептицизам кон класичната музика: „Ова има крај или не? Се’ тоа па тоа. Не ти чини! Вигу-лигу…“. Наместо тоа, тој посегнува по вечното решение за сите проблеми на Балканот (во недостаток на ракија) – шише Кавадарка, зелено стаклено шише полно со утеха за душата измачена од модерните времиња.

Вкусот на еднаквоста во мензата „Самоисхрана“

Мензата “Самоисхрана” во срцето на Скопје, сместена во близина на плоштадот помеѓу некогашните „Рубин Кармин“ и „Алија Хоџиќ“, а од спротива „Ловец“, е повеќе од обично место за јадење. Долгиот шанк, претрупан со разновидни домашни јадења, супи и „најбоља руска“, е како гастрономска панорама на едно исчезнато општество – со задолжителниот сутлијаш на менито. Со доаѓањето на новото време и поставувањето на модерните сендвичари околу плоштадот, оваа “менза” полека се повлекува во сеќавањата, оставајќи зад себе вкус на носталгија за едно поедноставно, можеби попрактично време.[11]

Петковски не се плаши да го прикаже и гротескното. Разноликоста на лицата и гестовите создаваат речиси надреална атмосфера која потсетува на делата на Столе Попов. Овие моменти се како визуелна поезија, која ни зборува за општеството повеќе отколку илјада зборови. Во крупните кадри на физиономијата на народот и гротеската на јадењето се наѕираат идните тенденции на режисерот кои ќе ги изрази како еден од пионерите на видео-артот во Македонија. [12]

Мостови и брутализам: Скопје како урбана сцена

Томе кој трча по мостот „Гоце Делчев“ и е испрскан од цистерната за чистење на улиците [13] ме потсетува на моите први впечатоци за Скопје – град кој се обидуваше да биде чист и уреден, нешто што денес, за жал, е само далечно сеќавање. Се прашувам што би рекол Томе кога би го видел денешното Скопје, со неговите валкани улици и хаотичниот сообраќај.

Понатаму во филмот Томе повторно ќе се најде на мостот и таа сцена е како визуелна поема за модерното Скопје. Во позадина, Градскиот Ѕид, Телекомуникацискиот центар и Поштата се издигаат како монументални сведоци на визијата на Кензо Танге за новото Скопје. Овие елементи на “Градската порта” не се само згради – тие се симболи на еден град кој се издигнал од пепелта на земјотресот, прегрнувајќи го бруталистичкиот модернизам како свој нов идентитет. „Скопје, малиот град кој (не)можеше…“ да стане дел од поголема визија.

Пиво и патријархат: живот во социјалистичката барака

Домот на Љупче, другарот на Томе, е како жива слика на југословенското секојдневие во 1970-тите. Во собата со детето, каде се пие „Скопско“, се пуши и се игра шах (детето е „натунтано“ да не го убие промаја, а за цигарите никој нема гајле), гледаме одраз на едно општество каде родовите улоги се строго дефинирани. Ентериерот е како музеј на социјалистичкиот дом – масичката со кафени нозе и беж површина, која можела да се најде во секој втор дом во Македонија, белите варосани ѕидови со едвај видливи слики, застаклената витрина со кристални чаши и порцелански садови. Лустерот од хартија во форма на топка и зелениот леген на подот го заокружуваат овој автентичен амбиент, создавајќи атмосфера која е истовремено позната и носталгична.

Деталите во филмот ме фасцинираат. Фиќото на другарот на Томе, Љупче, кое го мие со толкава посветеност, е повеќе од превозно средство – тоа е симбол на скромните амбиции и гордоста на работничката класа. Денес, тие возила се заменети со џипови, симбол на новото време и новите вредности. Во исто време, сопругата Ленка пружа гази за пелени на жица, и тука се одвива една мала драма на домашниот живот. „Стави кафе, Ленка“ – оваа наредба од сопругот е како ехо на патријархалните односи кои доминирале во тоа време. Томе, во својата меланхолија, стои како контраст на овој „идиличен“ семеен живот, неговата неодлучност и внатрешен немир се судираат со јасно дефинираните улоги на неговите пријатели. [14]

Религија и култура: аристократски привид во социјалистичкото Скопје

Лифтот и ходникот во типичната пост-земјотресна социјалистичка зграда се како портал кон еден поинаков свет. Томе, со своите гербери, е симбол на работничката класа која се обидува да навлезе во еден поразличен социјален круг.

Домот на професорката е како мала галерија на модерниот југословенски живот на високата класа – кожени фотелји, апстрактни слики и дури икони (социјалистичко светогрдие!) создаваат атмосфера на софистицираност. Деталите како таписеријата, клавирот, белиот телефон, часовникот, скулптурата на Афродита и семејните слики кои сугерираат аристократско потекло, полека се откриваат, создавајќи слоевита слика на еден привилегиран живот.

Сцената на семејната драма, каде професорката се разведува, додава уште еден слој на комплексност. Дијалогот помеѓу отуѓениот сопруг и Томе – „Фала богу! Еден да не пишува песни!“ – е како мал прозорец во светот на културната елита, истовремено саркастичен и прониклив, откривајќи скриени детали. [15]

Оваа мини-драма мајсторски ги доловува општествените тензии на времето – привлечноста помеѓу различните класи, но и неможноста тие целосно да се спојат. Културниот јаз што Томе се обидува да го премости е метафора за пошироките општествени поделби во Југославија – поделби кои транзицијата подоцна ќе ги замени со нови, уште подлабоки.

„RIZ Grandcolor 777“ под лозницата на средната класа

Домот на вереничката на Томе е жива слика на југословенскиот среден слој од доцните 70-ти. Куќата во поприградска средина, можеби Тафталиџе, со лозница и подземна гаража. Ентериерот е ризница на автентични детали: огромен фикус на влезот од терасата, телевизор RIZ Grandcolor 777, порцелански пингвин, сад за овошје со милјенце, скулптура на бедуин. Витрината е богата со разновидни кристални предмети и задолжителните комплети книги во секој југословенски дом. [16]

Томе, изгубен во овој свет кој е истовремено познат и туѓ, е како метафора за младиот човек кој се обидува да го најде своето место во општеството. Неговото барање утеха кај вереничката само кога ќе го „откачи“ професорката, ја нагласува неговата внатрешна борба и несигурност.

Леснина и „Леб и сол“: анатомија на студентска соба

Собата на Томе сведочи за југословенската младешка култура од доцните 70-ти. Легендарниот зелен мебел од „Леснина“ доминира во просторот, украсен со еклектична мешавина на предмети – од старинска пегла до грамофон и работна ламба. Постерите на Мерилин Монро, Леб и Сол и Џејмс Дин се како мала галерија на неговите идоли и тежнеења.

Додека се обидува да учи, класичната музика и мислите за професорката го одвлекуваат. Деталите како тетрапак млекото, јогуртот, стакленото шише Пелистерка, малото решо и ѓезвето за кафе натрупани на малата масичка создаваат автентична слика на студентскиот живот. Сцената со претеченото кафе од малото бронзено ѓезвенце за турско кафе додека Томе вежба со пружина е како мала метафора за неговиот хаотичен внатрешен свет.[17]

Чадори и копнежи: љубовта во дождливо Скопје

На крајот (spoiler alert!) Томе конечно ја освојува Весна – со цвеќиња, ами со што друго! Додека таа мечтае за нивната прва средба, надвор тој е сред дождливите улици на Скопје, опкружен со шарени чадори кои внесуваат боја во сивиот урбан пејзаж. Режисерот вешто вплетува детали кои го доловуваат духот на времето – (само) една пластична кеса, војниците на ЈНА, љубопитните минувачи. Овие елементи создаваат автентична слика на Скопје од доцните 70-ти, град кој дише смог и издишува колоритни карактери.

Заклучок: филмот како временска капсула

„Томе од бензинската пумпа“ не е само филм – тоа е временска машина која нè враќа во едно Скопје кое повеќе не постои, нè носи во умот на луѓето кои се дел од минатото. Тоа е потсетник за сите соништа, надежи и разочарувања на една генерација која се обидува да најде смисла во светот кој забрзано се менува.

Можеби најголемата вредност на филмот лежи токму во неговата способност да ги долови малите, навидум безначајни детали од секојдневниот живот – од шишето „Кавадарка“ кое шефот го вади за да го утеши Томе, до каранфилите кои чинат 30 динари. Овие детали, повеќе од големите историски настани, се она што го прави филмот вистинска временска капсула.

На крајот, „Томе од бензинската пумпа“ е филм кој нè тера да размислуваме за нашето место во светот, за нашите желби и стравови, за нашите односи со другите. Како што Томе стои на крстопатот помеѓу својот скромен живот и своите големи соништа, така и ние стоиме на недоизграден транзициски пат на кој од едната стана се дупките од нашето минато, а од другата страна – нашата недоградена иднина!


ФУСНОТИ
[0] Табелата со топоними, возила и производи присутни во филмот „Томе од бензинската пумпа“:
ТопонимиВозилаПроизводи
Бензинска пумпа “Југопетрол”Спачек (Ситроен 2CV)Цигари „Лорд“ (само се споменуваат)
Градски Трговски Центар (ГТЦ)Фиќо (Застава 750)Плочи (музички албуми на Мирзино јато, Едвард Григ)
АМСМТрабант 601Кавадарка (вино)
Самопослуга/продавница (можно во Стоковната куќа)Цистерна за чистење улици (веројатно ФАП 1314 или 1414)Скопско пиво
Продавница за плочи „ПГП-РТБ“Вартбург (Wartburg) 353Јогурт и млеко во тетрапак
Менза „Самоисхрана“Застава Стокец (Zastava 101)Пелистерка (вода во шише)
ФризерЗастава 1300 (Фиатка, Тристаќ)Млечно чоколадо „Краш“ со лешници, 200г
Мост Гоце ДелчевГолф КецЦигари „Југославија“
Телекомуникацискиот центар и ПоштатаБубаТелевизор кај Неда, марка RIZ Grandcolor 777
Улица АјнштајноваКамп приколка ТрескаПостери во собата на Томе (Мерилин Монро, Џејмс Дин, Леб и Сол)
Продавница за сувенириКомбе (IMV 1600)Говорница со хауба
ЦвеќарницаПони велосипедМебел од Леснина
Optima и UltraFLX, брендови за моторни масла
“Tigar” и “Trayal” гуми
Еве ја табелата со актерите/актерките и нивните улоги во филмот „Томе од бензинската пумпа“:
Актер/каУлога
Братислав ДимитровТоме (главниот лик, работи на бензинска пумпа, студент)
Костадинка ВелковскаВесна (професорка по пијано)
Ѓокица ЛукаревскиЉупче (најдобриот пријател на Томе)
Емилија АндрееваНеда (?)
Илија ЏувалековскиШефот на Томе
Стојна КостовскаЦвеќарката
Илко Стефановски(улога непозната)
Виолета Шапковска(улога непозната)
Соња КаранџуловскаКасиерката во самопослугата
Душко КостовскиБербер/фризер
Димитар КостовСопругот на Весна
Ликовите ги толкуваат: Братислав Димитров (Томе, главниот лик, работи на бензинска пумпа, студент), Костадинка Велковска (Весна, професорка по пијано), Ѓокица Лукаревски (Љупче, најдобриот пријател на Томе), Емилија Андреева (Неда?), Илија Џувалековски (шефот на Томе), Стојна Костовска (цвеќарката), Илко Стефановски, Виолета Шапковска, Соња Каранџуловска (касиерката во самопослугата), Душко Костовски (бербер/фризер), Димитар Костов (сопругот на Весна).

[1] Ланец бензински пумпи кои подоцна станале „Макпетрол“. Да не се меша со српскиот Југопетрол, целосното име на македонската компанија е „Југопетрол - Скопје“. Повеќе информации за производите и слоганите присутни на бензинската (што се открива подоцна во дејствието) во фуснота 8.
[2] Спачек (Citroën 2CV). Почнав да правам листа на возилата во филмот, што е дел од мојата идеја за поп-културно архивирање, но случајно налетав на фасцинантен сајт наречен Imcdb (Internet Movie Cars Database), што е одлична идеја - и замислете, таму го имаше и нашиот „Томе“. На сајтот за секое возило има податок дали е дел од главното дејствие, или е споредно, видено во некој момент, шпица или слично. Се разбира, филмот не го додал некој од Македонија, туку од Босна, бидејќи зошто да се грижиме ние за сопствената блиска (поп-културна) историја!
Се разбира, главната улога во филмот ја има автомобилот Спачек, додека се појавуваат многу Фиќовци, дури и како дел од автошколата на АМСМ. На сликата се прикажани Ѓокица Лукаревски (Славче) и Братислав Димитров (Томе), во улога на најдобри другари во филмот.
[3] На Википедија нема податоци за режисерот Јане Петковски. Можеби кинофилите и професионалците од светот на филмот знаат кој е, но еден обичен љубител на поп-културата не знае. На imdb како негови филмови се наведени: Големата соба (1977), Жена од малтер (1979), Томе од бензинската пумпа (1979), Тумба, тумба дивина (1982, исто така по сценарио на Горан Стефановски), Ѕвездите на 42-та (1987), а како асистент-режисер е наведен за филмот „Белиот ѕид“ во режија на Љупчо Билбиловски. Од споредни извори (претежно благодарение на архивата на Заум), дознаваме дека бил вработен во МРТВ кон средината на 80-тите и почетокот на 1990-тите. 
Јане се јавува на повеќе настани со видео проекции, како во Музеј на современата уметност и Радио телевизија Скопје во 1984 година со делата „Доаѓам и јас“ и „Рок спот“. Првото македонско видео арт дело е насловено „Видео ослободување“ на ликовниот уметник Венко Цветков и телевизискиот режисер Јане Петковски, во траење од 15 минути. И така во Македонија, уметноста и видеото се сретнаа во Телевизија Скопје, во Редакцијата за култура и уметност. (Арт република, бр.4, 2005) Се чини дека Јане е пионер на видео-артот во Македонија, а таа денес не знае ништо за него!
[4] Филмот „Томе од бензинската пумпа“ во општата јавност е познат најмногу според главниот актер, Братислав Димитров, македонски театарски и филмски режисер, писател и драматург, но најмногу како колумнист (во Жена, Дневник, Утрински весник, Теа модерна и Публика. Издал пет книги со колумни). За оваа улога добил и главна награда на ТВ-фестивалот во Порторож.
[5] Kомплексниот и апсурден однос кој го градат Томе и професорката по пијано, Весна, може да е изваден од кој било филм на Жан-Лук Годар или францускиот Нов бран (Луис Мал, Ерик Ромер, Франсоа Труфо), неверство, комлицирани односи, апсурдни ситуации, садизам, мазохизам и така натаму.
[6] Костадинка Велковска, која ја глуми главната женска улога во филмот, исто така нема нејзина страница на македонски на Википедија (има на хрватски и српскохрватски). За неа се зборува повеќе во нашите медиуми по нејзината смрт.
[7] Во продавницата дури има и облека, плински боци, закачалки, лулашки итн. така што е можно да се работи за Стоковната куќа, со што треба да се сфати претходниот коментар за изобилието на социјализмот со резерва. 1 ќеса чини 1 динар, што е премалку според денешни стандарди, но со оглед на тоа дека Македонија го усвојува законот против ќесите дури 40-тина години подоцна, и тоа е нешто.
[8] Бензинската пумпа „Југопетрол“ (подоцна во самостојна Македонија позната како „Макпетрол“) е повеќе од обично место за полнење гориво - тоа е микрокосмос на југословенското општество во доцните 70-ти. Знакот „Супер 98“ и натписите „Не се послужувајте сами“, „Полнете во Југопетрол Скопје“ и „За сите видови масла“ се како временски капсули на една ера. Рекламите за „Tigar“ и „Trayal“ гуми нè потсетуваат на успешната индустрија на некогашна Југославија кога домашните производи доминирале со пазарот.

[9] Сцената во продавницата за плочи, која првично ја идентификував како „Југотон“, се покажа како уште побогата со културно значење благодарение на сеќавањата на музичките авторитети Тошо Филиповски и Костадин Шурбановски. Всушност, се работи за продавницата на ПГП-РТБ, лоцирана до денешното кино Милениум - место кое за генерациите од тоа време било светилиште на музичката култура.

Шурбановски, со носталгична нота во гласот, ја лоцира продавницата во просторот и времето: „Секако дека ми е позната бидејќи добар дел од џепарацот ми одеше таму.“ Трансформацијата на овој простор од храм на музиката во туристичка агенција е повеќе од обична промена на бизнис - тоа е метафора за поширока културна транзиција во Македонија. Од општество кое вложувало во културно издигнување, постепено сме се претвориле во заедница фокусирана на површни задоволства.
[10] Сараевски бенд инспириран од Бони Ем. Овој хит од 1979 година, продаден во повеќе од 400.000 примероци, не е само песна - тоа е химна на една ера, толку популарна што ја пуштале дури и во Стоковната куќа во Белград, секој ден пред затворање.
[11] Оваа легендарна менза/ресторан се споменува на неколку места, пред се' на форумот на Кајгана (благодарение на корисникот Anco) и во групата „Стари Скопјани“. Во неа е снимен и скеч на К-15. Се разбира, се' ова е расфрлано и несистематизирано, што ја потврдува тезата која ја изнесов на почетокот на текстот. Немаме сериозни, научни, систематски, архивски... истражувања на темата. Текстот „Скопски топоними: Самоисхрана“ е наш мал придонес да се подобри тоа!
[12] Колаж од сцените со јадење во филмот во кои се наѕираат идните тежнеења на авторот кон видео-артот:
Јадењето, „гледано под микроскоп“ е чуден чин. Замислете вонземјани кои со чудење  ги набљудуваат луѓето како јадат! И навистина, во содржината на златната плоча која со Војаџер замина во празнината на вселената - во потрага по вонземјани, има и такви слики. Сликата подолу ги прикажува луѓето како лижат, јадат и пијат како начини на хранење. Тоа е дел од колекцијата слики на златната плоча на Војаџер што замина во вселената со вселенските летала Војаџер 1 и 2 во 1977 година.
[13] Зошто е напуштена оваа пракса никој не знае, но најверојатно заради скапите автомобили чии сопственици, новопечени богаташи и владетели на транзициска Македонија, не сакале да им бидат испрскани. Тогаш се возеле Дијани и Варбурзи, а побитна била колективната отколку приватната сопственост.
[14] Кулминацијата на оваа сцена, кога Томе заминува, а Љупче и Ленка остануваат да стојат пред својата жолта барака, е кадар кој потсетува на „Портретот на Арнолфиниеви“ на Јан ван Ајк, но со југословенски призвук. Секој детаљ - од полурасипаните ролетни и запуштената градина, до зелените гумени чизми на другарот и шарениот фустан на Ленка, со ѓердан од штипки - е сцена која би требала да биде овековечена во некое поп-културно дело!
[15] Појавата на ќерката на професорката која на Томе му нуди „Краш“ млечно чоколадо со лешници од 200 грама, во контраст со неговите цигари „Југославија“, создаваат атмосфера која ги нагласува класните разлики. Овие наизглед обични предмети стануваат моќни симболи.
[16] Белите врати со црни пластични кваки, црвената кујна, откриеното бојлерче, лустерот и зелениот линолеум создаваат жива слика на епохата. Шпоретот за жал не се гледа од блиску, но на врв јазик ми е!
[17] Во една претходна сцена Томе е во продавницата за сувенири каде што работи девојка му. Таа е загрижена за неговото однесување, како и нејзините родители, а Томе тука го отелотворува Џејмс Дин, молчалив, навидум безгрижен „бунтовник без причина“. Одлична мини-вињета е со „госпожата“ која бара подарок со комично изговарање на фразата „па нешто... за сваадба“.
Уште една таква „вињета е сцената кај берберот, која е брилијантна студија на генерацискиот јаз. Берберот кој се жали дека никој веќе не носи „машка фризура“ и дека сите само се шампонираат е гласот на една генерација која не може да ги разбере промените што се случуваат околу неа. Загриженоста на Томе за првутот берберот комично ја превртува со коментарот дека е добро што со таква фризура нема и вошки!
За авторот

Берт Стајн е автор на книгата „3 минути и 53 секунди“, која беше финалист за наградата „Роман на годината“ во 2015, како и на голем број критики и анализи од областа на културата и уметноста.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *