Фантастичната „Госпоѓица Недопирка: Девицата од борделот“, стрип во издание на Темплум (едиција Лифт, 2018)

Госпоѓица Недопирка (Miss Pas Touche)

Госпоѓица Недопиркa (Miss Pas Touche) е стрип серијал со илустрации од Кераскует (Kerascoët) и во сценарио на Ибер (Hubert) кој содржи четири тома. На македонски, во издание на Темплум (едиција Лифт, втора инкарнација, книга 4), во 2018 година се издадени првите два тома од серијалот под назив „Госпоѓица Недопирка: Девицата од борделот“.

На кратко

Дејствието се случува во 1930-тите, во Франција. Бланш, срамежлива млада жена, е ангажирана во бордел за да ги пронајде убијците на нејзината сестра. Многу брзо, нејзиното одбивање на каква било сексуална врска ќе ја направи привлечна и барана за муштериите во борделот.

Еротско-детективски серијал

„Госпоѓица Недопирка: Девицата од борделот“ е еротско-детективски серијал кој го открива подземјето на градот на светлината и ниските страсти во кои како играчи се среќаваат сиромашни девојки без избор во животот, богати политичари и моќници, како и други луѓе од маргините на Париз. Во серија на комични, но и сериозни ситуации Бланш се покажува како „железна девица“, решителна во нејзината потрага по убиецот на нејзината сестра. Таа разоткрива мрежа на лаги, убиства, закани и измами.

Одличното сценарио и илустрациите брзо не вовлекуваат во тајниот живот на „ноќниот Париз“ помеѓу војните. Се среќаваме со низа интересни ликови, госпоѓата, нејзиниот сопруг, началникот и многу други, но пред се неверојатна палета на проститутки кои се однесуваат како тинејџерки во манастир.

Ибер успева да изгради интересна и автентична приказна без да западне во вулгарност или воајеризам. Приказната е динамична и се надоградува со фантазијата на Бланш. Третирањето на темите како злосторството, суровоста на мажите кон жените или на девојките една кон друга итн. го засилува емотивниот потенцијал на приказната.

За авторите

Ибер е колорист (La Voleuse du Père Fauteuil) и сценарист на сериите Le Legs de l’alchimiste и Les Yeux Verts. Зад псевдонимот Кераскует се крие дуо: Мари и Себастиен кои веќе работеле на цртаниот филм Petit Vampire и на албумот од серијата Donjon создаден од Џоан Сфар и Луис Трондхајм.

Оценка: 8.5/10

Препорачуваме, се голта во еден залак!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *