е-хемија (ehemija.mk), како сајт за материјали по хемија за основно, средно и високо образование, но и статии и интересни факти за деца и возрасни, е вистинска ризница на знаењето од областа на хемијата, а што се прави со ризница? Се чува и почитува. Дали нашата држава го прави тоа?
Зад е-хемија стои „Здружение за унапредување и развој на образованието и науката „Е-ХЕМИЈА“ – Прилеп“, но всушност мозокот зад операцијата е професорот Блаже Димески.

Кој е Блаже Димески?
На сајтот за Блаже Димески стои дека има „24 годишно искуство во наставата по хемија е еден од најтрофејните професори по хемија во Македонија, со многу освоени награди на неговите ученици на различни државни или меѓународни натпревари по хемија.
Од 2013 година, за потребите на наставата по хемија во гимназиското образование, професор Блаже Димески, пионерски, на интернет започна да прави база со презентации која за неколку години достигна бројка од над 800 презентации, користени во наставата по хемија ширум Македонија.“
Тој е добитник на награди (и скромна финансиска поддршка од Прилеп, кој е неговиот матичен град), но за обемот и квалитетот на содржините кои ги прави нема многу поддршка од државата.
За презентациите на е-хемија
Презентациите на Блаже Димески се концизни, конкретни, но и исполнети со хумор со кој тој ги доближува комплицираните содржини на хемијата кон децата. Хемијата, како една од поапстрактните науки е навистина тешка за разбирање. Но, нека не ве залаже хуморот, тоа е само алатка, а презентациите на Блаже се многу корисни и на еден суштински начин ги објаснуваат поимите.
Не сме сигурни колку Блаже Димески бил инспириран од професорот Бојан Шоптрајанов чии учебници по хемија за средно училиште имаа легендарен статус. Тој, исто така, се залагаше на еден пристапен и сликовит јазик да ја објасни хемијата на учениците.

Популаризација на науката (во Македонија)
Улогата на популаризаторите на науката во светот е многу почитувана. На врвот на тронот е астрономот Карл Саган (со неговата популарна серија „Космос“), а веднаш до него се Ричард Фајнман (теоретски физичар), Исак Асимов (биохемичар), Сер Дејвид Атенборо (натуралист), Дејвид Белами (ботанист), Стивен Хокинг (теоретски физичар), Нил де Грас Тајсон (астрофизичар), Мичио Каку (теоретски физичар), Бил Нај (инженер), Брајан Кокс (физичар), Џим Ал-Калили (теоретски физичар), Шон Керол (космолог), Брајан Грин (физичар), Сем Харис (невролог) и многу други.
Во нашата средина можеби најзначајно место во популаризацијата и поддршката на науката и доближувањето на истата до младите има Кантарот.
Сајтот е-хемија, исто така, има значајно место, особено заради содржините (презентациите) кои се корисни за учениците и се поклопуваат со дидактичкиот материјал. За содржините на сајтот стои „Професионално изработени, современо обликувани, со многу визуелни и звучни ефекти, на разбирлив начин прифатливи за сите, со доза на хумор и со интересни факти, презентациите поставени на оваа веб страна ја прават хемијата, како предмет, интересна за сите.“
На сајтот има огромен број презентации од кои можете да дознаете се што ви е потребно не само да добиете 5-ка туку и да ги разберете на суштински начин поимите во хемијата. Освен тоа, Блаже Димески, редовно пишува и статии за различни интересни откритија и личности од светот на хемијата.
Твитер (Икс) на е-хемија
На популарниот Икс (Твитер) на е-хемија секојдневно можете да се сретнете со интересни факти од хемијата и науката. Таму Блаже ги споделува неговите статии, но честопати и други „залачиња знаење“ и ги поврзува со различни празници или актуелни настани, како скорешниот пост за денот на жената.

Еден навистина редок пример за човек од нашата средина кој прави интересни нешта за науката и ја доближува до младата (и општа) публика на начин кој е модерен. Вакви луѓе треба да се чуваат, поддржат и стимулираат од државата и институциите.