Веќе четврти ден чадот од пожарот на депонијата Дрисла се спушта врз скопските населби, особено во деловите под самата депонија. Иако на моменти се чини дека пламенот е под контрола, ноќните часови откриваат поинаква слика: густ чад, неподнослив мирис и алармантни мерни вредности на квалитетот на воздухот. Зимно време сме навикнати на овие состојби, разликата е дека сега загадувањето не е од дрва, туку токсично.
Зошто огнот не згаснува?
Пожарите на депонии не се како обичните шумски или урбани пожари. Тие имаат сосема поинаква динамика. Во основата лежат неколку клучни фактори:
- Подземни жаришта – Огнот на Дрисла не гори само на површината. Органскиот отпад, пластиката и гумата тлеат на повеќеметарска длабочина. Ваквите жаришта се невидливи и водата со која пожарникарите полеваат површина не може да стигне до нив. Затоа тлеењето продолжува и по привидното гаснење.
- Метан и гасови – Депониите постојано испуштаат метан и други запалливи гасови. Тие се собираат во џебови под површината, каде што може да предизвикаат експлозии или повторни палења.
- Токсичен состав на отпадот – Пластиката и гумата согоруваат со високи температури и создаваат густ чад полн со канцерогени честички и диоксини. Органскиот отпад, пак, ферментира и продолжува да го храни огнот.
- Непристапност – Теренот на депонијата е нестабилен и ризичен за пожарникарите и механизацијата. Во внатрешноста има шуплини кои можат да пропаднат, а чадот е толку токсичен што ограничува и минимални интервенции.
Последици врз жителите
Иако дење загадувањето не секогаш се регистрира како алармантно, навечер и во раните утрински часови, поради температурна инверзија, чадот се спушта во населбите. Жителите се принудени да дишат воздух со концентрации далеку над дозволените граници, а здравствените ризици се особено високи за хронично болните, децата и постарите лица. Зимно време сме навикнати на овие состојби, разликата е дека сега загадувањето не е од дрва, туку токсично.
Временска динамика на загадувањето
Екстремното загадување започнува секоја вечер околу 19 часот, кога првите облаци од чад се спуштаат врз населбите под депонијата. Во периодот меѓу 21 и 23 часот загадувањето достигнува свој прв пик, а облакот се шири кон Лисиче, Ново Лисиче, Реонски Центар, Кисела Вода и Аеродром.


До полноќ чадот се движи и кон Маџари и Гази Баба, каде околу 00 часот се регистрира највисокото ниво на загадување. Особено драматично беше вчера во Драчево, каде што околу 23 часот загадувањето го достигна максимумот од 400 PM10 честички – вредност која спаѓа во категоријата „опасно“ според сите меѓународни стандарди.
Овие пикови остануваат стабилни и траат сè до раните утрински часови, оставајќи ги граѓаните со чувство на безизлезност и загриженост за сопственото здравје.
Апсурдот на јавната дебата
Додека загадувањето од Дрисла секоја вечер ги гуши жителите на Скопје, во меѓувреме жителите на Аеродром протестираат против депонијата Вардариште. Но експертите предупредуваат дека вистинскиот извор на сегашниот еколошки хорор е токму Дрисла, чиј чад и гасови се шират по целото Скопје. Така јавноста е ставена во парадоксална состојба – вниманието е свртено кон една локација, а најголемиот проблем гори на друга.
Драчево бара помош
Вчера жителите на Драчево излегоа на протест пред поштата, алармирајќи за неподносливите услови во кои живеат. Но одѕивот беше слаб – во протестот учествуваа мал број луѓе. Свесноста за сериозноста на ситуацијата останува ниска, иако токму таму загадувањето е најинтензивно.
Активистите предупредуваат дека поурбаните населби кои секоја вечер го чувствуваат чадот – Лисиче, Аеродром, Кисела Вода, Реонски Центар, Маџари и Гази Баба – мора да ја дадат својата поддршка. Не заради Драчево како предградие, туку заради себеси. Зашто иако пожарите избиваат на Дрисла, временската динамика на загадувањето покажува дека најтешките последици ноќ по ноќ ги трпат токму овие густо населени делови на градот.
Што може да направат властите итно?
Експертите велат дека е неопходна координирана акција, со чекори кои можат да се преземат веднаш:
- Вонредна мобилизација на противпожарните сили – засилување со дополнителна механизација, цистерни и специјализирана опрема за инјектирање вода и пена во длабочина.
- Покривање со земја и инертен материјал – систематско затрупување на жариштата за да се намали доводот на кислород.
- Измерување и јавување во реално време – поставување мобилни мерни станици во Драчево, Аеродром и Кисела Вода, со транспарентни резултати достапни на јавноста.
- Јавноздравствени мерки – итни препораки до граѓаните: намалување на активности на отворено ноќе, носење маски со филтер, итно предупредување за ризичните групи.
- Стратегија за извлекување метан – итно планирање и набавка на системи кои ќе го извлекуваат гасот од депонијата за да се спречат нови палења. Еј одговорни – ете ви идеја за бизнис со метан!

Итноста на системско решение
Пожарот на Дрисла повторно ја отвори болната тема на управувањето со отпад во Македонија. Наместо модерни постројки за селекција и преработка, државата сè уште се потпира на депонии кои се жаришта на загадување. Овој пожар е само симптом на длабокиот системски проблем: недостиг од стратегија, инвестиции и контрола.
Додека огнот тлее во недрата на Дрисла, чадот и натаму ќе се шири секоја вечер низ Скопје. А прашањето што останува е: колку уште ќе се толерираат вакви „негасливи“ пожари?
Потпишете ја петицијата, иако според нас постои само едно решение – да се затвори Дрисла и да се отвори нова модерна депонија далеку од населени места.