Боја и бетон: графити на кулите во „Лондон Маало“

Скопје, град на контрасти и скриени приказни, открива дел од својата душа преку графитите што ги красат неговите ѕидови. Од Олимпискиот базен до Лондон Маало, овие урбани уметнички дела сведочат за историјата, културата и духот на македонската престолнина. Низ слоевите на спреј се испреплетуваат приказни за младешки бунт, уметничка креативност и општествени превирања, создавајќи жив мозаик на една генерација во постојана транзиција. Секој графит е прозорец кон едно поинакво Скопје – град каде што минатото и сегашноста се судираат во бои и форми, раскажувајќи приказна за надежи, разочарувања и креативниот дух на неговите жители.

Ова е приказна за едни кули.


На 11 септември 2024, додека светот се сеќаваше на трагичните настани во Њујорк од пред 23 години, јас фурав со точак по булеварот јане Сандански, со звукот на панк-рок Spotify компилација на ушите. Два града, два света, а сепак поврзани со невидливата нишка на историјата и човечката потреба да остави трага, во која го сфаќа парадоксот дека ништо не е постојано. И пак создава!

Го паркирав точакот пред кулите карши Олимпискиот базен. Сеќавањата навираа како река што се излева од својот тек. Се најдов заробен помеѓу минатото и сегашноста, помеѓу бунтовниот тинејџер кој некогаш бев и средовечното мрчало што сум денес… има ли разлика меѓу мрчењето и бунтот?

Бевме тинејџери на 13 години. Се сеќавам на вресокот на девојчиња додека ги прскаме со вода на Олимписки, бесните погледи на чуварите и писокливиот звук на нивните свирчиња. А во позадина, како саундтрак на нашата младост, одѕвонуваа акордите на Pearl Jam, кои ги сакаа – тие, девојчињата, никако ние – машките.

Повеќе ме рокаше Nirvana и нивниот панк-рок звук на „Bleach“ или Mudhoney со „Every Good Boy Deserves Fudge“. Тогаш, како осмооделенци во 1991 година веројатно уште не ги слушавме овие албуми, како ни Soundgarden, Sonic Youth, Babes in Toyland, Alice in Chains, PJ Harvey или Melvins… но во прва средно секако ги рокавме – барем јас сигурно – металец кој глуми лажен алтернативец… или беше обратно? „Лажен алтернативец“ беше песна на Чиста околина, нели?

Можеби треба да го прашам Ацо, другарот од средно, за ова, си мислам додека пишувам. Сигурно ќе се насмее кога ќе го прочита ова. „Е бре, писателче,“ ќе ми рече, „па ти уште се мачиш со тие далечни спомени?“ Магливи сеќавања, искривени од времето.

Се тргнав од овој вртлог на минатото и го вперив погледот кон црвените тули пред мене. Извадив фотоапарат и почнав да ги ловам графитите, тие урбани хиероглифи што ја раскажуваат приказната на еден град и една генерација. Секој потег со спрејот, секоја линија и боја, зборуваше за немирот, бунтот и креативноста што се криеја зад нив.

Пред мене се отвори цел еден универзум – AFG, Spleen, еден избледеан графит на Флим, Dose, екипите како „Ecrem Fatma Rodeo“, „TFE/ПСЖ“, SRK и други. Имињата се редеа како војска од сенки, секое со своја приказна, своја болка, свој крик. Овие ѕидови беа сведоци на нашата историја – од крвавиот распад на Југославија, преку мачната транзиција, до денешните борби за идентитет и опстанок.

На еден ѕид, како графити споменик, стоеше графитот на Драш – еден од основоположниците на македонската графити сцена. До него, како негов женски пандан, се извиваше мистериозниот цртеж на мачка од Ина Нејмлес. Нивните дела беа како две страни на иста монета – машката суровост и женската мистерија на уличната уметност.

Фотографија на Гоце Тунт, мојот сопатник од групата „Графит.мк“ (со личен детал на фотката), кој веќе има документирано дел од графитите на оваа локација

Додека се движев меѓу кулите, погледот ми падна на КИЦ во близина. Сеќавањето на мојата ќерка, нејзината страст кон уметноста, цртеж-по-цртеж-по-цртеж, и соништата што ги имаше, ме погоди длабоко и тешко. Пандемијата ги згмечи тие соништа како цигара во пепелник. Но нели и самите ние, како нација, постојано живееме со уништени соништа?

Еден стенсил викаше „Гоце е Македонија“, а до него „Заедно!“ со ликот на Ѓорѓе Иванов гледаше право во мене. Иронијата беше толку е*бано тешка. Тука некаде се криеше и повикот „Во борба“ – како да не сме постојано во некаква борба, со себе, со другите, со светот.

Кога стигнав до градскиот ѕид близу болницата, ме пречека моќниот протестен графит „F*ck NATO / Free Palestine“. Се сетив на стихот „Оаза на мирот“ од САФ и горко се насмеав. Ма лажам, не се насмеав, само се сетив по онаа проклета младост мината во страв. Каква оаза сме ние – жедни за правда во пустината на геополитиката, секогаш на работ, никогаш во центарот.

Во еден мрачен пролаз, графитите се слеваа еден во друг како во некој урбан Рошахов тест. SOOR, „Enjoy Life“, анархистички симболи – сите тие беа како крикови во темнината, обиди да се остави трага во свет што постојано нè брише. Едно големо парче беше изедено од времето, малтерот паднат како кожа од змија што се пресоблекува, а под него потписот SRK, ASHE, едно столизирано мистериозно „К“ кое го среќавам на повеќе места низ градот.

Sex Pistols, NOFX, „Анархија“, Sk8 and Rock, стикер од Shepard Fairey со Andre the Giant од Obey Giant брендот – овие пораки беа како шамари за етаблишментот, секоја со свој ритам и своја мелодија на бунтот. На еден столб, „Smoke some weed“ стоеше како химна на една изгубена генерација. Типично, помислив, но кој сум јас да судам?

На крајот од мојата потрага, големо парче на SRK ме погледна како старо познанство. Извадив фотоапарат, но пред да успеам да фокусирам, еден глас ме прекина.

„Што сликаш?“ праша човек од блиската винарија, гласот полн со сомнеж

„Графитот,“ одговорив кратко.

„Зошто?“ потпраша, како да му должам објаснување.

„Ја документирам графити сцената. Ова е дело на познат цртач.“

Неговиот одговор беше типичен за оние што не ја разбираат оваа уметност. „Требаше да ме прашаат. Ќе им кажев да нацртаат грозје, маслинки, нешто такво.“

Му спомнав за Драш, но тој само одмавна со рака. Веќе на точакот, го оставив зад мене како симбол на светот што не нè разбира. Честопати ме гледаат сомнително кога ги сликам графитите, мислат дека им ги сликам колите, или куќите, не ме гонат како графити цртачите, но не го ни одобруваат моето присуство таму.

Да беше 1991 година ќе го вклучев вокменот и „Touch me I’m Sick“ на Mudhoney, но ја пуштив “Bad Disease” на Stiff Richard и фурав накај дома. Ритамот одекнуваше во мојата глава, совршена придружба на мислите што ми вриеја.

Ние сме навистина болни копилиња – јас, цртачите, сите ние скопски и македонски бунтовници. Болни од неправда, болни од занемареност, болни од потребата да оставиме трага во овој свет што постојано нè брише.

Sид со тагови на познати скопски цртачи на едно место: Ashe, SRK, Rodeo, Пипер, Skar, Corn, Darma…

Графитите што ги видов денес не се само шарени цртежи. Тие се манифест на една генерација, крик на една култура што одбива да биде замолчена. како што вели Вутар од екипата ЕБСФ, тие се начин да се каже „Сум бил тука.“ Тоа е таа постојана потрага за идентитет, за докажување, за оставање трага. Од пештерите и првата (графити) уметност, до ден-денес.

Можеби еден ден, кога Скопје ќе стане вистинска престолнина на културата, овие графити ќе бидат ценети како уметност. Или можеби не. Можеби нивната вредност лежи токму во нивната постојаната промена. Ништо не е вечно – ни графитите, ниту кулите.


Останатите графити од оваа локација можете да ги видите тука.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *