Арно.мк во 2025 година: резиме

2025 година беше тешка. Почнавме како и секоја година – со планови, со идеи, со чувство дека можеби, конечно, работите ќе си дојдат на место. А потоа – шок. Се случи Кочани.

Тапо чувство на болка и безнадежност. Она што остана по Кочани не беше само тага, туку чувство дека се случи нешто непоправливо, нешто од што никогаш нема да закрепнеме. Како колективен прекин во нормалноста, каква и да е таа наша „нормалност“.

Потоа се случи Тораница. Загриженост, беспомошност, еколошка катастрофа од која ќе страдаат генерации. Не како изолиран инцидент, туку како уште еден потсетник колку лесно природата станува колатерална штета. Последиците не се спектакуларни, туку тивки, долготрајни и тешко поправливи.

Потоа го избришаа македонскиот јазик од извештајот на ЕУ. Не како грешка, туку како политичка неправдам уште една во низата неправди кон Македонија. Што чувствувавме? Бол и бес. И што? Никому ништо. Увезуваме отпад и го гориме сред град. Усје нѐ труе. И што? Никому ништо… Се случија и уште неколку други настани за кои, искрено, ни нема потреба да се прави список. Доволно е да се каже: ова беше година во која реалноста постојано нѐ потсетуваше колку сме кревки, заборавени и обесправени.

Лично, кога ќе погледнам наназад, немам чувство дека направив многу. Како да бев парализиран од безнадежност, од загриженост, од безволност. Во (далечната) 2008 година си ветив дека ќе издавам барем една книга годишно – и тоа ветување, го држев со години. Имав години со три, пет, па и повеќе книги. Оваа година – само една: Ѕидови што зборуваат: графити приказни од скопските улици. Освен тоа, бев претставен и како еден од македонските автори на саемот во Франкфурт. А да, со Графит.мк го издадовме вториот број на Графити магазинот. Толку. Но, вистинското прашање е: што направи Арно.мк?

Арно.мк – резиме на 2025 година

Годината ја почнавме со ентузијазам. Со текстови и тестирања на вештачка интелигенција, со нови јазични апликации, со рецензии на домашни книжевни дела, со графити, наука, технологија. Имавме чувство дека сите текови конечно си ги најдоа своите корита. Дека сè тече тивко, но сигурно – кон нешто поголемо. Како мали потоци што не брзаат, но знаат дека на крајот ќе станат езеро, море, можеби и океан од креативност, добрина и надеж.

Во тие први месеци, пред да се случи Кочани и светот да се стемни, Арно.мк функционираше како отворена лабораторија. Се пишуваше, се тестираше, се играше со идеи. Темите беа различни, но поврзани со истото прашање: што значи да се создава и размислува денес?

ВИ (Вештачка интелигенција)

На тема на ВИ (Вештачка интелигенција) објавивме можеби најмногу текстови, преку тестирање на апликации како Viggle.ai, Pika.art, ChatGPT imageGen, различни алатки за генерирање видеа, Google AI Studio, Грокпедија итн. Применувавме АИ за реставрација на стари фотографии, создавање нови врски помеѓу македонската и светската уметност и создавање песни. Анимиравме графити и покажавме дека вештачката интелигенција може да помогне во научното и лингвистичко истражување на македонскиот јазик и азбука, во унапредување на образованието итн.

Го создадовме и првото музичко EP на македонски јазик со помош на АИ.

Пишувавме аналитички текстови за природата, филозофијата и иднината на АИ и нејзината примена во технологијата и секојдневниот живот. Пишувавме дури и за тоа како „Ѕвездени патеки: следната генерација“, ги предвиде (предизвиците со) денешната генеративна ВИ и јазичните модели.

Се разбира, сетоа ова беше придружено и со нашите апликации за унапредување на јазикот, неговата креативна употреба, како генератор на благослови и клетви, игра за вежбање на македонската азбука, проверувач на палиндроми, генератор на анаграми, брз правопис и други.

И потоа – Кочани

Се случи Кочани и ентузијазмот спласна. Што е поентата? За кого работиме? Отсекогаш сме создавале со надеж дека ќе ги инспирираме младите, ќе им дадеме гордост и желба да останат тука и заедно да правиме интересни нешта. Но, како да се „натпреваруваме“ со нешто такво како случката во Кочани? Невозможно! Ни се чинеше дека балансот помеѓу доброто и лошото е засекогаш нарушен и натежнат во насока на лошото.

Во очај почнавме да пишуваме за работи што не ни беа природни. Влеговме во политика, без доволно дистанца, без доволно алатки, водени повеќе од револт отколку од јасна уредничка логика. Со текот на годината, без да планираме, тежиштето се помести. Од истражување и креативност – кон реакција. Од тивка анализа – кон гласен став.

Пишувавме за стратешката зависност од Велика Британија, за сведоштвото за прогонетите Македонци од Егејот, за тоа како Европскиот парламент го избриша македонскиот јазик и за хипокризијата на ЕУ и тарифите од 33% на САД. Беседевме за 122 години по Илинден и за независноста. Дури се занимававме и со глобалната политика со текстови за падот на Либија, воените акции на претседателите на САД, воените интервенции на Русија/СССР, интернетот како бојно поле, за Израеел и за американските војни на Блискиот Исток.

Science.mk и creative.mk

Обидот да се вратиме на себе дојде преку реактивацијата на Science.mk и Creative.mk – генераторите за наука и култура. Оживување на нешта што долго време мируваа. Science.mk и Creative.mk отсега на арно.мк! Тоа ни врати дел од креативната енергија. Повторно почнавме да правиме јазични алатки, да фотографираме графити, да пишуваме рецензии.

Графити приказни

Продолживме да ја документираме графити сцената, , разговаравме со ZIP, Зорк, Дамир Ујкановиќ, објавивме галерии со графити на UNC, Арис, SRK, графити и возила направивме графити патеписи за графитите на кулите карши Соборниот Храм, урбаниот хаос на „Буњаковец“, Железничката станица, Графити Маало итн. Пишувавме и за Vagabundler, германска платформа за документирање на пулсот на алтернативните сцени низ светот, и во еден момент Скопје/Македонија се најде во нивниот фокус.

Како екстензија на нашиот проект за Уметноста на временска капсула ги анализиравме графитите како сценографија во филмот „Снежана на крајот умира“ и графитите како сценографија во спотот Bolji Zhivot на Dre x Puka Kozmetika x DJ Slave.

Прославивме 1 година од архивата на СК/МК графити, започнавме нов проект „анимирани графити“, објавивме книга графити патеписи „Ѕидови што зборуваат“ и нов број на ГРРФТ – магазин за графити и урбана култура.

Рецензии (книги, музика, филм)

Графитите нѐ вратија во урбаната реалност на нашиот град и држава и нѐ потсетија дека и кај нас има убави нешта – не само грди или депримирачки.

Пишувавме рецензии за домашни автори од кои позначајни се Иван Додовски, Жарко Кујунџиски, Петро Алексовски, Алекс Букарски, Иван Шопов и други. Направивме плакат за „Роман на годината“ и уште еден музички родослов – овој пат за Two Sides & Denny Te Chuva. Се потсетивме дури и на Точка!

Проектот/рубриката „Уметноста како временска капсула“ заживеа и во вид на музички и филмски рецензии за графити Маало, Puka Kozmetika, Дупер, Д.Н.О. и Корка, додека со рубриката „Филмот како активизам“ ги анализиравме филмовите (не домашни, но релевантни за нашата состојба) Class Action (1991) и Erin Brockovich (2000). Пред крајот на годината ја започнавме и рубриката „Ретро вести“, како потсетување за тоа колку е архивирањето битно во нашиот контекст.

Технологија и наука

Полека се навративме и на нашата пасија за науката и технологијата. Пишувавме за Мистеријата на свесноста и човечкиот геном, за тоа колку е стар атомот? за Менделеев, Марија Кири и магичниот периоден систем и елементите кои ги содржи. Пишувавме за Starlink и интернетот како бојно поле, иднината на батериите, за Netflix и Disney и глобалните промени во светот на медиумите. Навлеговме подлабоко во технологијата и ги анализиравме возилата присутни на Парк „Авионче“ во Аеродромповторно), како и на Железничка станица.

Направивме и Калкулатор за трошоци за греење: што навистина е најисплатливо? и со тоа полека ја заокруживме годината.

Берт Стајн и Арно.мк – резиме на резимето за 2025

А јас? Ја објавив „Ѕидови што зборуваат: графити приказни од скопските улици“, што беше плод на повеќе од година дена истражување на графити сцената. Во меѓувреме пишував за Водно над маглата, за „Clerks“ и дигиталната уметност во Македонија, за будистичката мудрост и квантната физика, споделував лекции за истрајноста и го посетив Велес и пишував за неговата урбана археологија.

Сето тоа беше проткаено со многу сомнеж – кон себеси и кон иднината на државата во која што живеам и творам. Постојано растргнат помеѓу желбата да продолжам да создавам и искушението да се откажам. Дали сето тоа има значење, или само ја прифаќам состојбата на нештата и ја вклопувам во сопствената илузија дека нешто правам – искрено, не знам.

А Арно.мк? По обем – можеби помалку. По значење – тешко мерливо. Мерилото, ако воопшто постои, веројатно е влијанието врз реалноста што нè опкружува. А таа реалност и понатаму е иста: загаден воздух, улици полни со стари возила, бесмислен раст на цените, континуирано опаѓање на животниот стандард. Од таа перспектива, тешко е да се тврди дека нешто сме промениле.

Но ако прашањето е дали сме се обиделе да оставиме трага во културата, уметноста, во паметењето – тогаш одговорот е поинаков. Пишувавме, документиравме, архивиравме. Дали тоа значи нешто денес или ќе значи утре – останува на народот да одлучи.

До тогаш, не ни преостанува ништо друго освен да продолжиме да создаваме.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *