Со својата неконвенционална структура и беспоштедна критика на институционализираниот активизам, книгата #Антианархистички манифест на Алекс Букарски го привлече вниманието на алтернативните книжевни кругови во Македонија. Сега, ова манифестно одбивање на манифестноста, оваа хроника на идеолошка исцрпеност, ја добива и својата англиска верзија, подготвена да ги предизвика читателите и надвор од постјугословенскиот контекст.

Да се дефинира книгата #Антианархистички манифест на Алекс Букарски е многу тешко. Таа претставува (анти-)манифест, автофикција, анти-политичка исповед, пост-идеолошки есеи, дневник збирка на фејсбук-статуси, (анти-)филозофски белешки, афористички раскази, тек на свеста, поетска фикција , анти-литература во 13 поглавја – таа е сè тоа – и ништо од тоа!
„Антианархистички манифест“ на Алекс Букарски не е манифест. Тоа не е книга која подучува, мотивира или раководи. Тоа е дело кое деконструира, одбива, руши. Нема херои, нема теории, нема одговори. Нараторот не е револуционер. Не е жртва. Не е пророк. Неговото дело се сведоштва на еден човек кој има горчина во себеси. И тој пишува.
Во книгата има по малку Емил Сиоран, Семјуел Бекет, Жил Делез, Ги Дебор, Џорџо Агамбен и листа други имиња кои сме ги среќавале како деца на Маргина и Точка. И Букарски е нивно дете, иако веројатно би мразел да биде окарактеризиран така. „Антианархистичкиот манифест“ е една студија на балканско-македонско-битолско-скопската состојба која како хируршки пресек воден од опсесивно компулсивен хирург пресекува низ скапаното ткиво и вади делчиња кои ни ги изложува на увид.
За крај, ќе се согласиме со реномираниот критичар и теоретичар на уметноста, Небојша Вилиќ, кој во поговорот вели: „Кај нас, онолку колку што јас го следам книжевното/литературното и мејнстрим и алтернативното писателско творештво… не сум сретнал до сега вакво нешто.“
Ви ја препорачуваме книгата која е издадена на македонски, а сега и на англиски!