Анимирани графити: Лисицата што избега од Струмица

Некогаш, на ѕидот на една трафостаница во Струмица, во близина на Црвен крст, стоеше прекрасна лисица. Не беше обична – нејзиниот поглед и движење зборуваа за слобода, за природата, за тишината што ја нема во нашите градови. Авторот, Сашко Николовски, ја наслика со едноставни линии и топли бои, но со порака што се памети.

Денес, тој ѕид е поинаков. Лисицата ја нема. На нејзиното место – навивачки графит со череп и натпис „Ајдуци Струмица“. Уметникот Никола Пијанманов алармираше: „Сега видов дека најубавата слика/графит во Струмица, ,,Лисичката” на Сашко Николовски е прекриена, префарбана преку ноќ со овој бизарен и грд графит. Ужас!“

Уметноста на слободата заменета со симболика на фанатизмот. Источна Македонија, опустошена од пожари, затруена од депонии и немилосрдно експлоатирана, останува со сè помалку места каде што убавината може да преживее.

Нашата анимација ја враќа лисицата за миг – само за да ја видиме како заминува.

„Или лисицата сама избега,
барајќи небо без чад и магла,
таму каде багер нема да демне,
каде спокој и тишина владее…“

Во видеото, лисицата скока од трафостаницата и исчезнува во зимската шума. Празниот ѕид останува, а потоа се појавува новиот, навивачки мурал. Контрастот е болен, но реален.

Со „Анимирани графити“ сакаме да ја документираме оваа промена – не само како загуба на едно уметничко дело, туку и како огледало на она што се случува со нашата околина, култура и заедница.

Погледнете го видеото и размислете: „Дали сакаме повеќе лисици или повеќе черепи на нашите ѕидови и во нашите животи?“

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *