Адријан Божиновски за првите чекори на развојот на вештачката интелигенција и роботиката во Македонија

Адријан Божиновски е професор на Универзитетот „Американ Колеџ“ – Скопје. Има издадено две книги од областа на управување на роботи преку сигнали од мозокот на човекот. Тој е член на Менса Македонија, при што еден период имаше и претседателска функција во оваа организација.

Како ученик во основно училиште има освоено прва награда по физика на државен натпревар на ниво на Македонија. При уписот на Електротехничкиот факултет во Скопје бил прв на ранг-листата од сите кандидати.

Лично го познавам како Ади, необичен и интересен човек кој дома има роботчиња, сака кучиња, и е секогаш подготвен за авантури, како во светот на науката, така и во природата.

Во врска со второто, тој повеќе пати бил на пловење по Вардар од Скопје до Велес со гумен чамец, бил на рафтинг по Тара, како и на реката Нантахала во САД. Направил и банџи-скок во Швајцарија. 

Ади е сериозен професор и научник, но и човек со смисла за хумор и веројатно затоа прифати да биде рецензент за моите дела од серијата „Досие“ со цел едукација на помладите и ширење на вредни идеи и сознанија од науката и астрономијата на еден необичен и хумористичен начин. Иако сме пријатели и познаници повеќе од 30 години, не знаев доволно за неговото истражување во историјата на развојот на вештачката интелигенција во Македонија. 

За тоа дознав од неговото предавање на тема „Македонските придонеси за светските постигнувања во областа на Вештачка интелигенција и инжинерирана психологија“, како дел од онлајн дебата одржана на 28 октомври 2020 година организиран од МААА (Macedonian American Alumni Association) и Менса Македонија, со поддршка на Американската амбасада. Дебатата е споделена на Фејсбук страницата на Менса Македонија, како и линк за симнување (внимание: тежи 500 мегабајти!) Прашањето зошто истото го нема на YouTube е една од мистериите на (не)промоцијата на добри идеи од Македонија.

На англиската Википедија се наведени пионерски достигнувања од Македонија. Зошто истите ги нема на македонската верзија на Википедија, и за нив не се зборува(ло) по медиумите е исто така мистерија. Оние читатели коишто се интересираат за тоа кои податоци ги нуди Wikipedia, може да проверат на Wikipedia > Mobile robot > History.

Една од причините за овој разговор е и желбата да се дознаат и ценат повеќе нашите достигнувања во науката. Ни се чини дека е повеќе од потребен еден проект за промоција на науката и младите (идни) научници во една земја каде денешните млади немаат ни Бушава Азбука.

Во горенаведената дебата се споменуваат многу значајни моменти во македонската наука кои придонеле за развој на вештачката интелигенција на локално, регионално и светско ниво. Заинтересираните може да го погледаат видеото. Во меѓувреме, Ади ќе ни објасни повеќе.


1) Како започна твојот интерес за роботиката, вештачката интелигенција и сродните области?

Интересот првично се разви преку моите студии на Електротехничкиот факултет во Скопје. Откако потоа се вработив како демонстратор и лабораториски техничар на Медицинскиот факултет во Скопје, понатаму се разви мојот интерес во таа област. Потоа тој интерес продолжи во текот на моите магистерски и докторски студии во Загреб. 

2) Кои се иницијалните постигнувања на Македонија во полето на Вештачката интелигенција?

Моите истражувања во оваа област се базирани на опис на делото, а не на авторите. Со тоа го истражувам придонесот на народот и државата, а не на поединците. Овде ќе наведам неколку значајни почетни постигнувања, по хронолошки ред:

1968: Напишан е првиот труд на македонски јазик од областа на компјутерските науки и вештачката интелигенција. Темата која е обработена се Апстрактни автомати. Со тоа е почнат развојот на компјутерските науки и вештачката интелигенција во Македонија. 

1969-1970: Реализиран е шаховски програм (шаховска завршница) којшто прв во светот бил интерактивен и обезбедувал играње во реално време. Тоа било овозможено со помош на компјутерот IBM 1130 на ЕТФ во Скопје, којшто имал тастатура и брза IBM машина за пишување, па потезите се испишувале во рок од секунди. Пред тоа комуникацијата со шаховските програми била преку дупчени картички, што бил многу побавен процес.

1971: Направен е прв компјутерски програм за симулација на невронскa мрежa (Перцептрон) со којшто се врши распознавање на облици. Направен е во Македонија и Хрватска, а значењето било пионерско на ниво на Југославија. 

1976: Прво во светот воведување на методот на трансфер на учење кај невронските мрежи. Второ такво воведување е направено во САД, во 1991, 15 години подоцна. 

1981: Демонстриран е програм за учење на невронска мрежа да препознава 40 симболи, вклучувајќи букви, броеви и специјални знаци. 

1981: Прво во светот решение на проблемот на учење со задоцнето наградување (delayed rewards) кај невронските мрежи. 

1982: Прво во светот воведување на метод на самоучење (учење без совет и без поттик), кај невронските мрежи. 

1982: Прво во светот воведување на емоции во алгоритми на учење на невронски мрежи. 

3) Според твоите истражувања, кои се почетните и најзначајните постигнувања на Македонија во полето на роботиката?

1983: Реализиран е првиот мобилен робот во Македонија. Направен е од шасија на автомобил-играчка, на која се поставени сензори, и е поврзан со компјутерот IBM/Series 1, којшто во тоа време бил најдобриот компјутер за паралелно извршување (т.е. multitasking). 

1983: Реализирано е прво во светот паралелно (multitasking) програмирање на робот. Користен е програмскиот јазик EDL на компјутерот IBM Series/1.

1984: Доделен е првиот грант во Mакедонија од областа на компјутерски науки, имено за макропроектот Адаптивни индустриски роботи. Доделен е од страна на Македонската републичка заедница за научни дејности, чијшто наследник денес е Министерството за образование и наука. 

1986: Реализиран е првиот робот во светот чие движење било управувано со говорни команди. Говорните команди биле „тргни“, „лево“, „десно“, „назад“ и „стој“. Може да се каже дека „првиот робот чие движење било управувано со зборовни команди во светот бил Македонец“.

1988: Реализиран е првиот робот во светот којшто е управуван со сигнали од мозокот. Со тоа е дадено инженерско решение на предизвикот на психокинеза, односно управување на физички објекти со помош на ментална енергија. Пред 1988 ова беше во доменот на научна фантастика, а благодарение на истражувањето во Македонија од 1988 стана реалност во светот.

1988: Прв пат во светот е воспоставена врска меѓу истражувањето на биосигналите од мозокот на човек и истражувањето во роботиката. Дотогаш тие научни области не комуницирале. Врската е воспоставена со управувањето на робот со помош на сигнали од мозокот на човек. 

2002: Реализиранa e првата далечинска интерконтинентална настава по роботика. Студенти од Институтот за информатика на Природно-математичкиот факултет во Скопје управувале мобилен робот во Државниот универзитет на Јужна Каролина, којшто имал камера со која се гледале собите и ходниците низ коишто се движел роботот. Направено е и прво во светот селфи на робот, при што роботот со камера им се прикажал на студентите во Скопје преку огледало. 

Како најзначајни би ги навел првото управување на робот со говорни команди (1986) и првото управување на робот со директни мозочни команди (1988).

4) Според тебе, кои се твои најзначајни светски пионерски достигнувања во науката. 

Би ги издвоил следните: 

Во 2002 дадов придонес во првата далечинска роботска настава. За да се овозможи комуникација при далечинско управување на робот, дојдов до идеја за користење на платформата Espernet и помогнав истата да се прилагоди за реализација на комуникација при управување на роботот преку Интернет.

Во 2005 воведов реализирање на емулација на електронски уред (флип-флоп) преку CNV сигнали од мозокот на човекот).

Во 2009 остварив управување на два манипулативни роботи при решавање на проблемот на Ханојски кули преку CNV потенцијал на мозокот.

Во 2015 дадов придонес во реализација на EEG емулација на други електронички уреди, како Шмитов тригер и демултиплексер. 

Покрај роботиката, вештачката интелигенција и биоинформатиката, имам интерес и кон математиката. Во 2016 открив две целобројни низи од броеви, коишто се прифатени како такви на Енциклопедијата за целобројни низи (Online Encyclopedia of Integer Series – OEIS). Исто така, во 2022 открив формула за добивање на крајни вредности на бесконечни дивергентни редови од класата на триаголни редови. 

5) Дали сметаш дека роботиката е дел од нашите животи во Македонија или сме далеку од тоа?

Денес роботиката е неизбежна. Многу од нас купуваат роботи коишто се правосмукалки или се играчки за деца. Секој ден слушаме за летачки роботи, односно дронови, коишто се купуваат и се дел од секојдневниот професионален и личен живот.

6) Една од целите на нашево интервју е да придонесеме да се дознае повеќе за овие достигнувања, како и да се поттикнат нови. Дали според тебе во нашата средина се зборува доволно за тоа и дали преку тоа се мотивира помладата популација?

Засега нашата средина не е ориентирана кон пионерски достигнувања во науката. Тој значаен правец на развојот на науката не се истакнува доволно.

7) Што можеме да направиме повеќе како индивидуи од областа на науките, уметностите, екологијата, образованието итн. (да не речеме цивилизациските достигнувања), за да се крене перцепцијата и грижата за овие нешта кај нас?

Треба да се обрне внимание на историјата на развојот на науката во Македонија како инспирација за натамошен развој.

8) Што може да направи државата за истите прашања? Какви вложувања се потребни и дали според тебе државата вложува доволно во нив?

Државата треба да ги истакне научните достигнувања со коишто може да се натпреварува на светско ниво и коишто се гордост за државата. 

9) Постојат интересни проекти како Наука за сите, потоа лично со Владимир Карер ги покренавме агрегаторите за наука science.mk, и за уметност creative.mk. Дали ти се познати други вакви интересни проекти и индивидуални иницијативи кои ја креваат свеста и перцепцијата за науката/уметноста? Што би можело друго да се направи на такво „вонинституционално“ ниво?

До сега не сум бил запознаен со овие иницијативи. Секако дека истакнувањето на Македонија во светските достигнувања треба да е фокус на сите напори.

Разговорот го водел Бранко Прља

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *