На денешен ден, 2 август, се навршуваат 122 години од Илинденското востание и 80 години од првото заседание на АСНОМ. Ден кој на хартија е полн со симболика и државничка тежина. Но токму затоа, токму денес, мора да се запрашаме – дали оваа симболика нè движи напред или ни служи само како историски декор?
Од борба за слобода – до апатија пред неправда
Во 1903 година, група селани, занаетчии, учители и сонувачи кренаа востание против најмоќната империја на Балканот. Без поддршка од надвор, без гаранции, без ресурси – само со идеја. Идеја за достоинствен живот, за глас, за заедница.
122 години подоцна, наследниците на тие визии живеат во држава каде што апатијата станала национален спорт.
Неправдата е секојдневие, а надежта – таа, нели, последна умира. Многумина од нас повеќе не веруваат дека нешто може да се смени. Но, таа генерација во 1903 не ни знаела дали ќе преживее до утре, а не дали ќе победи. И пак тргнала напред.
Ако нешто треба да нѐ потсети Илинден, тоа е дека слободата не се добива еднаш засекогаш. Таа се одржува секојдневно – со интегритет, со отпор, со здрава доза на инает, но и со труд.

Од шуми и реки – до бетонирано уништување
Илинденците не се бореле само за знаме или за територија – тие се бореле за подобар живот во својата земја, за простор каде што децата ќе растат без страв, каде што ќе можат да го слушнат шумот на реката и да се качат на дрво без некој да крене пушка на нив. Денес, тие исти реки се затворени во цевки, планините се сечат за печалба, а воздухот што го дишеме е тивок убиец. Тешко е да се зборува за слобода кога немаш каде да здивнеш.
Да се биде патриот во 2025 година, значи да се застане во одбрана на она што останало од оваа земја. И не, не е доволно да ја сакаш Македонија – мораш и да ја чуваш, да се грижиш за неа и да работиш секојдневно за нејзиното добро.

Од визија за свој глас – до постојано негирање
Илинден и АСНОМ беа гласно и јасно кажување на „ние постоиме“. На свој јазик, со своја историја, и со своја волја. Денес, тоа истото „ние“ е условено, преиспитано, негирано од надвор. Нè тераат да потпишуваме дека припаѓаме на Европската заедница, само ако се откажеме од себе.
Во оваа чудна европска бајка, ние сме дете што мора да има Ајфон 16 Про Макс, Најк Ер Џордан 4 патики, Монклер јакна и Луј Витон ранец за да го примат во снобовското друштво!
Но, тоа не сме ние! Ние сме македонци, скромни и гостопримливи, инаетџии и истрајни, зборуваме во деминутиви и консумираме „Леп и сол“, ајвар од баба, сарма за празници и грав во петоци. Зборуваме, пееме и сакаме на македонски јазик и, токму затоа, мора да се потсетиме дека идентитетот не е мит – тој е дел од нас и нашето човечко право. Да бидеш свој, да зборуваш на свој јазик, да си ја раскажеш својата историја. Не за да некој друг ја признаe, туку за да не ја заборавиш сам.

Од народна Република – до заробена држава
АСНОМ не беше само државотворен момент – беше визија за правична држава. Социјална, демократска, хумана. Република каде што сите се еднакви.
Денес, тоа „еднакви“ важи само на хартија. Во пракса, живееме во држава што често се однесува како приватна компанија во туѓи раце.
Корупцијата е автоматизирана, судството немо, а институциите се познати по тоа што не одговараат.
Во таков контекст, прашањето не е дали сме слободни – туку дали сме вопшто граѓани. И ако веќе некој го зграпчил нашиот дел од Републиката, време е повторно да го побараме назад.

Поуката од Илинден не е носталгија. Тоа е обврска.
Не ни треба уште еден празник со споменици и патриотски песни. Ни треба нов Илинден, со нова генерација што ќе знае зошто протестира, зошто се организира, зошто пишува, слика, пее или сади дрвја. Ни треба визија што не се плаши од вистината. Не визија на консензус, туку визија на храброст.
Ако оние од 1903 и 1944 можеле да сонуваат за Македонија во услови на ропство и војна – тогаш ние немаме изговор!
A sto da se kaze…
Bi sakala da ima poveke vakvi napisi i mladi luge koi bi ni pokazale kako vie Branko,kako treba da se saka,pocituva i slavi tatkovinata…
Respelt👏
Ви благодариме 🙏
Така е Бранко! Време е да се стане од комфорните фотељи, да се замолчи комшијата што ти кажува како да мислиш и да се послуша срцето што ти говори.