Зоолошката градина во Скопје: меѓу кафезите и графитите

Урбан простор меѓу дивото и градот

Зоолошката градина во Скопје е простор во кој со децении се преклопуваат различни светови: институцијата и улицата, дивото и урбаното, тишината на кафезите и гласот на ѕидовите. Основана во 1926 година, а со денешниот концепт и изглед оформена во 1966 година, таа расте заедно со градот, минувајќи низ трансформации, контроверзии и нови читања.

Сместена во срцето на Градскиот парк, меѓу дрвореди, велосипедски патеки и детска врева, Зоолошката градина е жив сведок на урбаните промени на Скопје. Простор кој за некого е институција, за друг спомен од детството, а за трет – проблематична точка во современите дебати за правата на животните.

СНЕЈК од цртачката екипа ЕШТ (163)
PAIN
Институционална меморија и дигитално досие

Во истиот овој простор е лоциран и Природонаучниот музеј – уште еден симболички пол помеѓу живиот свет и неговата научна архива. Токму по повод стогодишнината на овие институции, неодамна беше обновена и значително проширена статијата на Википедија за д-р Станко Караман, нивниот основач.

Иако Караман е одамна присутен во бројни текстови, научни трудови и јубилејни прилози, неговото дело на Википедија со години беше фрагментарно. Обновата на статијата не е носталгичен чин, туку обид за систематизирање на институционалната меморија во дигиталниот простор – таму каде што денес се информираат, учат и пребаруваат новите генерации.

КОСКА
Паркот како сцена, ѕидот како глас

Градскиот парк одамна не е само простор за рекреација. Тој е сцена на социјален и културен живот. Многумина од нас како млади „искачале“ во парк со пиво или вино во рака, седнати на клупа, со муабети за музика, филмови и живот.

Во таков контекст, графитите околу Зоолошката градина функционираат како визуелен коментар на просторот – судир меѓу контролираното и слободното, меѓу институцијата и улицата. Тие се глас таму каде што институциите најчесто молчат.

Hrom и Смут, како едни од позначајните претставници на графити сцената
Мурали и графити: официјално и неофицијално

Важно е да се направи разлика меѓу спонтаната улична интервенција и курираната уметност. Муралите во самата Зоолошка градина се насликани од мексиканскиот уметник Фарид Руеда, автор кој има реализирано јавни уметнички интервенции во повеќе од 35 земји низ светот. Неговите мурали, инспирирани од животинскиот свет и екологијата, се официјален, институционално поддржан слој на визуелна комуникација.

Наспроти нив, графитите што се појавуваат околу комплексот доаѓаат од улицата – нерегулирани, често анонимни, но искрени реакции на просторот. Токму тој паралелизам меѓу „дозволеното“ и „недозволеното“ ја прави оваа микролокација особено силна во визуелната меморија на Скопје.

Арис, продуктивен член на екипата ЕШТ
Мич Игнорант и неговиот познат „бељаџија“ кој порачува: Анархија сега!
Визуелна архива на една микролокација

Фотографиите на графитите во и околу Зоолошката градина се дело на Небојша Гелевски – Бане и беа објавувани во серијал од десетина делови во групата Графит.мк.

Тие функционираат како визуелна архива – не како курирана галерија, туку како документ на траги што ги оставаат различни генерации, стилови и урбани гласови. Интересно е што на еден простор се среќаваат графити од 2015, но и од 2025 година и тоа ја прави оваа локација вредна.

Корбо, кој честопати го среќаваме во друштво со Вутар од ЕБСФ
Простор што постојано се препрочитува

Односот меѓу Зоолошката градина и Природонаучниот музеј веќе подолго време привлекува внимание и од други автори и медиуми. Одличен текст на оваа тема може да се прочита и на порталот „Херој на еден ден“, каде просторот се разгледува низ призма на културната и институционалната меморија.

На Арно.мк, пак, претходно му пристапивме од поинаков агол, преку текстот Уметноста како временска капсула: спотот ‘Може, може, може’ на Дупер и ретро-футуризмот на Природонаучниот музеј, каде музејот е третиран како сценографија, визуелен архив и носител на еден специфичен ретро-футуристички слој на градската меморија.

Во комбинација со муралите, графитите и живиот урбан пулс на Градскиот парк, целиот овој комплекс функционира како отворена временска капсула – место каде што науката, уметноста и улицата коегзистираат, понекогаш во хармонија, понекогаш во тензичен дијалог.

Kuchen, еден од најпознатите странски автори на Скопската графити сцена
Кафези, ѕидови и јавни дилеми

Кога зборуваме за графитите на Зоолошката градина, зборуваме за дијалог меѓу различни светови: тишината на кафезите и гласот на ѕидовите, природата и градот, институцијата и субкултурата. Дополнителна тежина на просторот му дава и фактот што со години постојат иницијативи и јавни дебати за целосно затворање или радикално преосмислување на Зоолошката градина – во име на правата на животните и поинаков однос кон нив.

Во тој контекст, графитите не се вишок или вандализам, туку симптом – белег на простор што одамна престана да биде еднозначен.

Blest или Blast? за нас непознат автор, веројатно странец. Го пренесуваме зашто овој графит и околните околу него се од 2015 година, која е значајна бидејќи тогаш настанува третата генерација во СК/МК графити сцената.
Графит „Jake the Dog“ од анимираната серија Adventure Time

Бонус мурали на мексиканскиот автор Фарид Руеда, на Зоолошката градина (фото: Трајан Трајановски)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *