Драги љубители на македонскиот јазик и на креативното пишување, со големо задоволство ви ја претставуваме нашата најнова јазична игра – „Збороколаж“.
Што е Збороколаж?
Тоа е интерактивна јазична игра која ви овозможува да создавате уникатни фрази и реченици на македонски јазик. Со едноставно кликање или влечење на зборовите, можете да создадете ваши оригинални „збороколажи“ и да ја истражите креативната моќ на нашиот јазик.

Зошто овие експерименти?
Оваа игра е дел од нашите тековни експерименти со вештачка интелигенција, со цел да покажеме како современата технологија може да го збогати нашиот културен и јазичен израз. Сето тоа е дел од нашите напори за дигиталниот идентитет на Македонија (во светот на ВИ) кои активно ги правиме веќе две години. Збороколаж е уште еден чекор во нашите обиди за креативна употреба на ВИ во културната сфера. Оваа игра е направена со помош на јазичниот модел Claude 3.5.
Овие креативни експерименти со АИ не се платени од никој, немаме профит од нив и ги правиме единствено со желба за збогатување на нашата култура и будење интерес за истата кај помладите.
Искрено веруваме дека културата и уметноста имаат моќ да трансформираат едно општество – а сите знаеме дека истите ни се потребни како дожд во овие сушни времиња!
Што го прави Збороколаж посебен?
- Едноставност: Интерфејс кој е лесен за користење и ви овозможува брзо и лесно да создавате. Целата игра „тежи“ 12KB!
- Креативност: Ограничениот број на зборови ја стимулира креативноста, зашто ограничувањата раѓаат слобода!
- Флексибилност: Можете да создавате сè, од кратки фрази до цели реченици или дури и стихови.
- Образовна вредност: Одличен начин за истражување на богатството на македонскиот јазик.
Што понатаму?
Иако оваа прва верзија има ограничен број на зборови, тоа е всушност дел од предизвикот! Колку интересни комбинации можете да создадете со дадените зборови? Во иднина, планираме да додадеме тематски збороколажи и да го прошириме фондот на зборови и граматички форми.
Збороколаж е повеќе од игра – тоа е алатка за креативно изразување, за учење и за забава. Без разлика дали сте писател кој бара инспирација, наставник кој сака да ги заинтересира учениците за јазикот, или едноставно некој кој сака да си игра со зборови, Збороколаж е за вас!
Што направивме досега на ова поле?
- Пишувавме панграми на македонски јазик со помош на јазични модели (ChatGPT, Claude 3.5, Мета АИ)
- Трениравме АИ модели за создавање слики во различни стилови од нашите културни дејци (Горан Стефановски, Петре М. Андреевски, Тоше Проески, Ѓорѓи Абаџиев, Ацо Шопов и други)
- Анимиравме слики (Личеноски)
- Направивме верзија на Fortune cookies на македонски јазик и со традиционални македонски поговорки (Генератор на поговорки)
- Втора верзија во која корисниците може да додаваат нивни зборови и да создаваат креативни и нови поговорки (Генератор на поговорки v 2.0)
- Кратко видео за демонстрација на потенцијалот за промовирање на македонските говори (Малешевско –пирински дијалект)
- Направивме краток филм со помош на Runway Gen-2
- Направивме графичка новела („3 минути и 53 секунди“)
- Едукативни видеа (Исак Њутн, Никола Тесла)
- Визуелни приказни (Фармацевтот, Скопје, град на депонии, Скопје, град без мостови)
И некои други работи, но да не бидеме здодевни, напротив, целта е да инспирираме. Затоа, не чекајте! Посетете го „Збороколаж“, започнете да создавате ваши креативни дела и споделете ги вашите креации со нас. Кој знае, можеби ќе создадете нова македонска поговорка или ќе напишете почеток на следниот голем македонски роман!
сонце со љубов во душа се буди да се чувствува радост и гласно преку илјада планинаи вика браво само храбар од кон слобода
ете, толку ‘на прва’ 🙂
Интересна понуда на зборови и навистина треба добро познавање на јазикот за да се изведе интересна мисловна целина .
Ми се допаѓа предизвикот, и ви посакувам успех!!!
Одлично Сунчица, ни се допаѓа! Ти благодариме 🙂