„Замаглено скенирање“ (A Scanner Darkly, 1977) е антинаркомански роман за дрогите. Се разочаравте? Сакате нешто како Up in Smoke (1978), преку Half Baked (1998), Dude, Where’s My Car? (2000), Jay and Silent Bob Strike Back (2001) до Pineapple Express (2008), па дури и Trainspotting (1996)? Ако очекувавте стонерска комедија која ќе ве насмее, расположи и направи да се чувствувате подобро, баталете – овој филм, па ни оваа критика не е за вас!
Филмот на Ричард Линклејтер е вознемирувачки, од некои сцени ќе ви се згади, а на други ќе зевате. Можел да биде рекламиран како:
Вашиот омилен вечерен филм кој ќе ве направи депресивни, ќе доживеете идентитетска криза и ќе се запрашате за природата на реалноста.
Расчистивме со тоа? Ок, одиме.
Прво за книгата
Филип К. Дик е можеби најфилмуваниот автор на СФ/фантастика. Чек, дали е така? Хм… да видиме. Стивен Кинг, 34 адаптации, Агата Кристи, 48, океј… Шекспир 410! Филип Дик, 23 филмувани дела (романи или раскази). Не е лошо за автор кој имал откачени идеи, користел дроги и страдал од параноја. Но еј, никој не е совршен!
„Замаглено скенирање“ е научно-фантастичен роман објавен во 1977 година. Се работи за полу-автобиографска приказна која се случува во дистописка (идна, 1994 година) во Калифорнија (која наликува многу на денешната).
Темите кои преовладуваат се дроги (и уште дроги), параноја, предавство, технологија, шпиунирање, набљудување и контрола од страна на државата.
Во романот/филмот се истакнува разликата помеѓу стрејтовите и наркоманите (зависни од Супстанцата Д) кои сочинуваат 20% од населението. Таа дистинкција се гледа во овој цитат од романот:
Стрејтовите, помисли тој, живеат во своите утврдени огромни станбени комплекси кои ги пазат нивните чувари, подготвени да пукаат на секој наркоман што ќе се искачи на ѕидот со празна навлака од перница за да им го украде пијаното и електричниот часовник и бричот и стереото за кое и онака не платиле, за да набави доза, да купи шит, кој ако не го земе можеби ќе умре, веднаш и безмилосно ќе умре од болката и апстинентска криза.
Романот е комплексен. Навидум се занимава со проблемот на зависноста, но пред се „Замаглено скенирање“ е книга за идентитетот. Главниот лик има неколку идентитети, заради професионалните обврски, но подоцна ја губи врската на едниот со другиот и тие стануваат автономни делови од него.
Главни ликови (Spoiler alert!)
Главната идеја потсетува на „Степскиот Волк“, но можеби кога Херман Хесе би земал некои потешки дроги. Секој од нас има потенцијал да биде светец и убиец, наркоман и ентеше агент, границата е тенка, т.е. замаглена. Тимоти Лири ги подучувал неговите следбеници пред ЛСД сесија да го читаат Сидарта и Степскиот волк. Филип Дик е далеку од пророк на нирваната, неговите визии се пеколни, од нив не можеме да научиме ништо за универзумот, но тие сведочат на една реалност, брутално и искрено.
Роберт („Боб“) Арктор (Фред или Брус, во други „инкарнации“) е таен агент за наркотици кој е на задача да разоткрие детали за дрогата наречена „Супстанца Д“. Во неговата куќа живеат неколку наркомани. Кога е на работа тој е облечен во т.н. „Скрембл-одело“, кое му овозможува анонимност. Оделото е како мембрана на која се проектираат фрагменти од различни ликови. Боб станува зависен од дрогата која ја истражува, супстанцата Д, и таа предизвикува промени кај него, т.е. предизвикува поделба на личноста. Во филмот го глуми Кијану Ривс.
Дона Хоторн е дилер на супстанцата Д. Харизматична, но емотивно недопирлива, таа е девојка (а воедно и не е) на Арктор. Подоцна се открива дека и таа е таен агент (и претпоставен на Боб!) за наркотици на владата. Винона Рајдер во филмот.
Џим Барис е еден од цимерите на Арктор. Тој е чуден, конфузен човек со теорија за се. Нема вистински пријатели, ги шпиунира, саботира, предава на властите, остава да умрат, вистински гад од човек. Во филмот го глуми Роберт Дауни Џуниор.
Џери Фабин е уште еден од познаниците зависници на Арктор. Тој халуцинира дека врз него (и неговото куче) има инвазија на бубачки. Сцената (во книгата и филмот) во која тој се бања со кучето во када и се обидува да ги измие бубачките е вознемирувачка и би требало да се искористи како кампања против дрогите.
Чарлс Фрек е уште еден (погодивте!) од пријателите наркомани на Арктор, кој решава да се самоубие, но наместо тоа халуцинира.
(Забелешка: Фрек во филмот го глуми Рори Кокрејн, како комбинација од ликовите на Џери, Фрек и Мајк, кој се појавува на крајот на филмот)
Ерни Лакман е комичен и опуштен лик кој создава контраст со поинтензивните и параноични индивидуи во групата. Во филмот го глуми Вуди Харелсон
Хенк е надредениот на Фред во агенцијата за наркотици. На крајот се открива дека е Дона (ликот на Винона Рајдер).
Зошто Филип Дик го напишал романов?
Романот изобилува со стонерски муабети, кои се по малку комични, но нивната цел не е да се искезиме од смеа, туку се во функција на прикажувањето на светот на наркоманите со сите нивни апсурдности и паранои.
По разводот со неговата сопруга Филип Дик паднал во депресија и неговиот дом во Оранџ Каунти станал собиралиште на локални наркомани, дилери и бездомници во раните 70-ти години. Дик не бил корисник на потешки дроги кои ја инспирирале супстанцата Д, туку тој бил сведок на тоа како дрогите ги уништуваат умовите и животите на тешките корисници. На крајот на книгата постои посвета на овие трагични ликови во која тој вели:
Ова е роман за некои луѓе кои беа казнети премногу за она што го направија. Тие сакаа да се забавуваат, но беа како деца што си играат на улица; можеа да видат еден по еден како ги убиваат – прегазени, осакатени, уништени – но сепак продолжија да си играат… Злоупотребата на дроги не е болест, тоа е одлука, како одлуката да се излезе пред возило во движење. Тоа не би го нарекле болест туку грешка во проценка. Овој роман нема поука; не е буржоаски; не вели дека тие грешеле што си играле наместо да работат; тој само раскажува кои се последиците.
Во една прилика домот на Филип Дик бил ограбен и уништен, што му предизвикало голем стрес. Со години потоа се обвинувал себеси дека си го уништил домот. Во делото (особено во филмот) се чувствува вистинско жалење (за уништениот дом и поранешното семејство кое го напуштил).
Друго искуство од животот на Филип Дик е исто така битно за романов. Во интервју за списанието Vertex во 1974 година, тој тврдел дека за центарот X-Kalay, куќа за рехабилитација за луѓе со проблеми со дроги, му кажал советникот со кој разговарал по телефон за време на неговиот обид за самоубиство. Како Филип К. Дик завршил таму, не е јасно. Неговото искуство во X-Kalay било основа за неговиот роман. Дури и името X-Kalay, што значи Непознат пат, во романот е пренесено како „Нов Пат“.
За насловот на делото
Можеби звучи чудно, но инспирацијата за насловот на делото е од Библијата.
For now we see through a glass, darkly; but then face to face: now I know in part; but then shall I know even as also I am known. – 1 Corinthians 13:12 (King James Version)
Ние сега гледаме нејасно, како во замаглено огледало, а тогаш ќе бидеме лице в лице со Бог, и се ќе ни стане јасно. Се што знам сега е нецелосно, а тогаш се ќе знам совршено, како што мене Бог совршено ме познава. – 1 Коринтјаните 13:12 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Овој цитат е и причината зошто се решивме да го преведеме насловот на делото/филмот како „Замаглено скенирање“. Се решивме за тоа следејќи го дејството на романот, скрембл-оделото, кое неговиот претпоставен го вика „нејасна замагленост“ (vague blur), како и главната тема на заматување граници помеѓу реалноста/ имагинацијата и тешкотијата јасно да се види и препознае сопствената личност (а се гледа во екран, кој е симбол на стаклото).
Главната тема е тоа заматено, нејасно гледање. Се гледаме себеси во огледало, но всушност го гледаме нашиот лик преку стакло, заматено. Така и Боб се гледа себеси (т.е. наркоманот Фред) преку екран и не може да се препознае. Во книгата Филип Дик вели:
Во самите очи на нешто; во видното поле на нешто. Што, за разлика од малата темноокa Дона, никогаш не трепка. Што гледа скенерот? – се запраша. Мислам, што навистина гледа? Во главата? Во длабочината на срцето? Дали… гледа во мене – во нас – јасно или замаглено? Се надевам дека гледа јасно, помисли тој, бидејќи веќе не можам да гледам во себе.
Делото е водич низ менталната дисоцијација на личноста како производ на дрогите.
Колку филмот е верен на романот/реалноста?
Коментарите на интернет од луѓе кои биле зависници во врска со делото/филмот изразуваат дека тој ја пресликува наркоманската атмосфера совршено, паранојата, расправањето за глупости во кои базичната логика губи смисол (расправијата околу брзините на велосипедот), бескрајни меѓусебни обвинувања итн.
Постои одредена трагедија кај сите ликови во ова дело. Сите се производ на системот кој ги уништува. Системот („Нов Пат“) е тој кој ја прави дрогата (тоа го дознаваме на крајот) и воедно истиот кој ја лечи зависноста од дрогата. Законот го жртвува главниот лик за да ја открие измамата. Во таа игра секој лаже секого. Наркоманите се лажат меѓу себе, Боб ја лаже Дона, а таа го искористува него.
Начинот на кој Дона го користи Боб е особено злобен и манипулативен. Во тоа можеби се гледа и одредена доза на женомразие кај писателот Филип Дик, особено што искуствата кои ги преживеал, кои ја инспирирале книгава, биле по неговиот развод. Дона го извршува својот план мајсторски, манипулирајќи го Боб и полнејќи му ја главата со сублиминални пораки низ целиот филм. Дознаеме дека целта била да го заглави Боб и да го отера до точка на горење за да биде примен во Нов Пат, а притоа да не биде свесен за каква било мисија. Таму би требало да го разоткрие Нов Пат како производител и дистрибутер на супстанцата Д. Боб така, поради неговата емоционална поврзаност со неа, станува само послушен робот на нејзините наредби кои ги остварува до крај.
Кинематографски техники
Техниката на „ротоскоп“ не е нова, се користи во во филмовите веќе 100 години, а најпознато од Дизни во анимираните филмови. Други познати анимирани и долгометражни филмови направени со оваа техника се Heavy Metal (1981), The Spine of Night (2021), Loving Vincent (2017), Renaissance (2006), и секако другиот (или првиот) долгометражен филм на Richard Linklater, Waking Life (2001).
Во „Замаглено скенирање“ оваа техника навистина одговара зашто дава совршен портрет на наркоманската состојба, како да ги гледаш ликовите преку замаглен филтер, стакло или буквално екран (скенер).
BTW. И Алекс Џоунс има камео во филмот, гледајте го 😊
Листа на изуми во делото
Се разбира, ниту една критика на дело на Филип Дик, не би била комплетна без листата на неговите изуми, па еве:
- Цефалохромоскоп (Цефскоп) – Уред за скенирање на мозокот со екран за прикажување на неурални шеми.
- Холо-коцка – Голем холографски дисплеј кој собира човек.
- Холо-печатење – Грешки во медиумите за складирање на податоци при снимање под несоодветни услови.
- Холо-скенер – Мал преносен уред со холографски надзорни слики.
- Супстанца Д – Психоактивна дрога која предизвикува тешка зависност, губење на контакт со реалноста и поделеност на личноста.
- Скрембл-одело– Костим за маскирање и добивање моментална анонимност. Се состои од повеќестрани кварцни леќи поврзани со минијатуризиран компјутер чија меморија содржи исецкани слики на физиономии на различни луѓе.
Повеќе детали пренесуваме со цитати од делото:
„Скрембл-оделото беше изум на лабораториите Бел, создаден случајно од вработен по име С. А. Пауерс. Тој пред неколку години експериментирал со супстанции кои го стимулираат нервното ткиво, и една ноќ, откако си вбризгал доза интравенозна инјекција за која мислел дека е безбедна и благо еуфорична, доживеал катастрофален пад на нивото на ГАБА течноста во мозокот. Субјективно, видел живописна фосфенска активност проектирана на далечниот ѕид од неговата спална соба, хаотична монтажа со сè поголем интензитет на она што во тој момент му личело на современи апстрактни слики.“
(Фосфен е феномен на гледање светлина без таа да влезе во окото. Зборот фосфен доаѓа од грчките зборови φως (светлина) и φαίνειν (да се покаже). Фосфените можат да се предизвикаат со механичка, електрична или магнетна стимулација на ретината или визуелниот кортекс. Исто така се појавуват кај јогини, луѓе кои издржуваат долги периоди без визуелна стимулација (затвореничка кинематографија), или кај оние кои земаат психоделични дроги. Најчестите фосфени се фосфени од притисок, предизвикани со триење или притискање на очите. – заб. прев.)
„Околу шест часа, воодушевен, С. А. Пауерс гледал илјадници слики од Пикасо како се заменуваат една со друга со неверојатна брзина, а потоа бил награден со Пол Кле, повеќе отколку што сликарот насликал за целиот свој живот. С. А. Пауерс, сега гледајќи како сликите на Модиљјани се заменуваат со бесна брзина, претпоставил (човек мора да има теорија за сè) дека Розенкројцерите телепатски му испраќале слики, веројатно засилени со напредни микрорелејни системи; но потоа, кога сликите на Кандински почнале да го вознемируваат, се сетил дека главниот уметнички музеј во Ленинград се специјализирал токму за такви необјективни модерни, и одлучил дека Советите се обидуваат телепатски да го контактираат.“
„Наутро му текна дека драстичниот пад на ГАБА течноста во мозокот нормално предизвикува таква фосфенска активност; никој не се обидувал да го контактира телепатски или преку микробранови. Но, тоа му даде идеја за скрембл-оделото. Во основа, неговиот дизајн се состоеше од повеќестрани кварцни леќи поврзани со минијатуризиран компјутер чија меморија содржеше до милион и пол исецкани слики на физиономии на различни луѓе: мажи и жени, деца, со секоја варијанта кодирана и потоа проектирана во сите насоки подеднакво на супер-тенка мембрана налик на мантија, доволно голема во неа да може да застане еден просечен човек .“
„Во секој случај, оној кој го носи скрембл-оделото е „секој човек“ и во секоја комбинација (до комбинации од милион и пол подбитови) во секој момент. Затоа, секое негово – или нејзино – опишување е бесмислено. Не потребно е да се каже, дека С. А. Пауерс ги внесол своите лични физиономски карактеристики во компјутерските единици, така што, закопани во френетичната пермутација на особини, неговите сопствени испливувале и се комбинирале… во просек, пресметал, еднаш на секои педесет години по одело, се прикажуваа и расклопуваа, добивајќи доволно време на секое одело. Тоа беше најблиску што дошол до бесмртноста.“
Извадоци од говорот на Бил пред граѓаните за неговата истрага:
„Тие не приметија никаква разлика, забележа тој, иако го батали подготвениот говор и луташе, без помош од пиар момците назад во Граѓанскиот центар на Оринџ Каунти. Всушност, каква разлика има? – помисли тој. Па што? Што, навистина знаат тие или за што се грижат? Стрејтовите, помисли тој, живеат во своите утврдени огромни станбени комплекси кои ги пазат нивните чувари, подготвени да пукаат на секој наркоман што ќе се искачи на ѕидот со празна навлака од перница за да им го украде пијаното и електричниот часовник и бричот и стереото за кое и онака не платиле, за да набави доза, да купи шит, кој ако не го земе можеби ќе умре, веднаш и безмилосно ќе умре од болката и апстинентска криза. Но, помисли тој, кога живееш внатре, гледајќи безбедно надвор, а твојот ѕид е заштитен со струја и твојот чувар е вооружен, зошто да размислуваш за тоа?
„Кога би бил дијабетичар“, рече тој, „а да немаш пари за инсулинска инјекција, дали би крадел за да дојдеш до пари? Или само ќе умреш?“
„Идентитетот на добавувачите на тие отрови направени од ѓубре кое го уништува мозокот, а кое секојдневно неколку милиони мажи и жени го инјектираат, голтаат, пушат – или, поточно, оние кои некогаш биле мажи и жени – постепено се открива. Но на крајот, жими Господ, ќе знаеме со сигурност.”
Глас од публиката: „Скршете ги од ќотек!”
Друг глас, подеднакво ентузијастички: „Комуњари во апс!”
„Секој ден,“ рече Фред, Роберт Арктор, како и да е, „оваа болест ни наплаќа арач. До крајот на секој изминат ден, заработката пристига – а каде оди таа, ние…“ Тој застана. Ни по цена на животот не можеше да ја заврши реченицата, иако ја повторил милион пати, и на часовите и на претходните предавања.
„Д,“ рече тој наглас на својата публика, „е за Супстанцата Д. Што значи дебилизам и дибидус очај и дезертација од пријателите, и себе од нив, секој од секого, изолација и осаменост и омраза и сомневање едни во други. „Д,“ рече потоа, „најпосле значи да умреш. Спора смрт, како што ние…“ застана. „Ние, наркоманите,“ рече, „ја нарекуваме.“ Гласот му беше рапав и несигурен. „Како што веројатно знаете. Спора смрт. Од главата до петици. Е, тоа е тоа.“ Се врати до својата столица и повторно седна. Молкум.
„Тие досега, според нивниот знак, го продале истиот оригинален бургер педесет милијарди пати. Се прашуваше дали го продале на истата личност. Животот во Анахејм, Калифорнија, беше реклама за себе, бескрајно репризирана. Ништо не се менуваше; само се ширеше се подалеку и подалеку во облик на неонска слуз. Она што секогаш го имаше сè повеќе, одамна беше застојано, како автоматската фабрика која ги изработуваше тие објекти да се заглавила на вклучено. Како земјата стана пластична, помисли тој, потсетувајќи се на бајката „Како морето стана солено“. Еден ден, мислеше тој, ќе биде задолжително за сите нас да продаваме Мекдоналдс хамбургер како и да го купуваме; ќе го продаваме едни на други засекогаш од нашите дневни соби. Така нема ни да мора да излегуваме надвор.“
(“Why the Sea is Salt”е традиционална Норвешка бајка собрана од Петер Кристен Асбјорнсен и Јорген Мое. Во приказната, еден сиромашен брат добива магична мелница што може да произведе сè. Тој станува богат, што го прави неговиот богат брат завидлив. Богатиот брат го измамува да ја предаде мелницата и бара од неа да меле сол. Неспособен да ја запре, ја фрла мелницата во морето, каде што таа продолжува да меле сол, засолувајќи го морето засекогаш. (заб. Прев.)
„За разлика од другите дроги, супстанцата Д имаше – изгледа – само еден извор. Беше синтетичка, не органска; значи, доаѓаше од лабораторија. Можеше да се синтетизира, а веќе беше синтетизирана во државни експерименти.“
Крај на цитатите и на текстот. Читајте, гледајте, сонувајте!