Војната против свеста

Светот повторно гори. Војните не престануваат, само го менуваат името и географијата. Од Украина, преку Газа, па сè до најновите закани и сценарија околу Венецуела, секогаш е истата приказна: малкумина одлучуваат, милиони плаќаат. Зад тие конфликти ретко стои „безбедност“, а уште поретко слобода или демократија. Почесто стои нешто многу поедноставно и многу поопасно – желбата за моќ.

Но, од каде доаѓа таа желба? Дали сте се разбудиле некогаш со желба да освоите нешто, да потчините некој, да фрлите бомба? Веројатно не. Но, зошто на светот има такви луѓе? И што е најбитно – каков ментален процес ги води во насока на тие дела?

Зошто доминантната сила во светот е борбата за ресурси, борба за територии, желба за моќ над луѓето? Од каде доаѓа таа желба за доминација, материјализам, контрола, акумулација на богатство и влијание. Овие импулси не доаѓаат од некаква висока, развиена состојба на човечка свест, туку од нејзиното најбазично ниво – од стравот, од алчноста, од потребата да се владее над другите. И токму таа редуцирана, осиромашена состојба на свеста денес управува со светот.

Парадоксот е очигледен: цивилизација што се фали со разум, наука и напредок, носи одлуки кои се длабоко ирационални и самоуништувачки – и кои можат сите да не однесат во пропаст.

И токму тука се надоврзуваме на забранетото TED-предавање на Грахам Хенкок (Graham Hancock) – не како егзотична маргинална мисла, туку како дијагноза. Дијагноза на општество кое систематски ги отфрлило сите визионерски состојби на свеста, а ја прогласило една единствена – будната, „проблем-решавачка“, инструментална – за единствено дозволена и легитимна.

Подолу го објавуваме интегралниот превод на извадокот од неговото предавање The War on Consciousness – како документ, како предупредување и како покана за размислување дали кризата во која живееме е политичка, економска… или пред сè – криза на свеста.

Внимание: Ова не е текст за халуциногени супстанци кои ја изменуваат свеста. Ова е текст за кризата на свеста. За планета што гори, за општества што знаат да произведуваат профит и оружје, но не и смисла, рамнотежа или долгорочна грижа.


Тешко е да се замисли општество што е поразлично од општеството на древниот Египет отколку нашето денешно општество. Ние ги мразиме визионерските состојби. Кај нас, ако сакаме да навредиме некого, го нарекуваме сонувач. Во древните општества тоа било пофалба. […]

Не е дека нашето општество принципиелно се противи на возвишени состојби на свеста; на крајот на краиштата, се заработуваат милијарди од нечестивиот сојуз меѓу психијатрите и „големата фармацевтска индустрија“ преку прекумерно препишување лекови за контрола на таканаречени синдроми како депресија или нарушување на вниманието кај тинејџерите.

Нашето општество има љубовна афера со алкохолот; ја славиме оваа, можеби најдосадна дрога, и покрај страшните последици што често ги носи. И, секако, ги сакаме нашите стимуланси: чајот, кафето, енергетските пијалаци, шеќерот – околу овие супстанции се изградени огромни индустрии токму поради начинот на кој ја менуваат свеста.

Но, она што им е заедничко на сите овие одобрени изменети состојби на свеста е тоа што ниту една од нив не противречи или не се судира со основната состојба на свеста што ја вреднува нашето општество – она што јас би го нарекол будна, „проблем-решавачка“ состојба на свеста. Таа е добра за пообичните аспекти на науката. Добра е за водење војни, добра е за трговија, добра е за политика.

Но, мислам дека сите сфаќаат дека ветувањето на едно општество што е претерано монополски засновано на оваа состојба на свеста се покажало како празно. Овој модел повеќе не функционира – тој е скршен во секоја можна смисла на која еден модел може да биде скршен.

И итно мораме да најдеме нешто што ќе го замени. Огромните проблеми на глобалното загадување што произлегоа од еднонасочната потрага по профит, ужасите на нуклеарното ширење, сенката на гладот – милиони луѓе секоја ноќ легнуваат гладни – а ние не можеме ни овој проблем да го решиме, и покрај нашата будна, „проблем-решавачка“ состојба на свеста.

И погледнете што се случува во Амазонија, белите дробови на нашата планета, овој скапоцен дом на биодиверзитетот. Старите дождовни шуми се сечат и се заменуваат со плантажи со соја за да се хранат говеда, за ние сите да можеме да јадеме хамбургери. Само навистина луда глобална состојба на свеста може да дозволи да се случи такво злосторство.

За време на Војната во Ирак направив една брза, приближна пресметка – ми се чини дека шест месеци трошоци за таа војна засекогаш ќе го решеа проблемот со Амазонија; ќе беа доволни да се обештетат народите од Амазонија, така што ниту едно дрво никогаш повеќе немаше да мора да се исече, туку тие да ја негуваат и да се грижат за тој неверојатен ресурс.

Но, ние не можеме да ја донесеме таа одлука како глобална заедница. Можеме да потрошиме безброј милијарди за војување, за омраза, за страв, за сомнеж, за поделби – но не можеме да го собереме колективниот напор за да ги спасиме белите дробови на нашата планета.

И можеби токму затоа шаманите од Амазонија сега започнуваат еден вид обратна мисионерска активност. Кога сум ги прашал шаманите за болеста на Западот, тие велат дека е сосема едноставно:

„Вие ја прекинавте врската со духот. Ако не се поврзете повторно со духот – и тоа наскоро – ќе ја урнете целата куќа од карти врз вашите глави, и врз нашите.“

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *