Симболиката во расказот „Нос“ од Гогољ: од Фројд до надреализмот

Расказот „Нос“ од Николај Гогољ, дел од збирката „Петроградски раскази“ (1843), се издвојува како уникатна мешавина на надреализам и сатира. Кај нас овој расказ е присутен во повеќе збирки раскази на Гогољ од издавачите како Матица македонска, Феникс и Антолог. Овој текст не се обидува да направи длабока анализа на творештвото на Гогољ, туку фрагментиран увид во дел од аспектите на раскaзот „Нос.“

Гогољ како претходник на магичниот реализам и апсурдистичката литература

Наративните техники на Гогољ во „Нос“ го сместуваат меѓу раните претходници на магичниот реализам и апсурдистичката, па дури и надреалистичка литература. Апсурдноста на ситуацијата на Коваљов – откривањето дека неговиот нос не само што исчезнал, туку и се претставува како висок службеник – воведува надреален елемент.

Понатаму, серијата апсурдни настани во приказната, како интеракцијата на Коваљов со неговиот нос и неговото одбивање да ја објави загубата поради грижа за неговиот углед, создава сатирична критика на општествените норми. Овие елементи се во согласност со подоцнежната апсурдистичка литература, која често истражува теми на егзистенцијална фрустрација и бесмисленоста на општествените конвенции. Гогољ го истакнува произволниот карактер на социјалните хиерархии и апсурдните напори на поединците да го задржат својот статус.

Но, зошто преку еден нос? Што симболизира тој?

Послушајте ја аудиокнигата (ако читањето ви е премногу напорно) и донесете сопствен заклучок.

(Лажната) Теорија на фаличната инспирација

Интерпретацијата на носот како фаличен симбол има корени во психоаналитичката теорија, под влијание на идеите на Сигмунд Фројд. Фројдовата концепција за фаличниот симбол, која тврди дека различни објекти во соништата и литературата претставуваат машки гениталии, е широко дебатирана и често неправилно применета.

Според психоаналитичките критичари, носот може да се смета за симбол на мажественост. Оваа перспектива нашла особено признание во американските литературни кругови, каде што Фројдовите теории стекнале значителна популарност уште од почетокот на 20-тиот век.

Сепак, оваа интерпретација може да биде претерано редуктивна кога се применува на делото на Гогољ. Самата приказна обезбедува поедноставна интерпретација. Гогољ пишува:

„Замисли си како е да бидеш без толку видлив дел од твоето тело! Ако беше само мал прст, тогаш можев да ја облечам чевлата и никој немаше да знае.“

Тука, Гогољ ја истакнува видливоста и социјалното значење на носот, карактеристика што не може да се сокрие. Ова сугерира дека носот симболизира социјален идентитет и углед, а не прикриен сексуален симбол. Носот не е „ИД“, туку…

Носот како симбол на суперегото

Носот во приказната на Гогољ го претставува суперегото, концепт воведен од Фројд кој се однесува на делот од психата одговорен за самоперцепција и општествени норми. Во „Нос“, главниот лик, мајор Коваљов, е преокупиран со својот изглед и социјален статус, и двата се инкарнирани во неговиот нос. Неговата вознемиреност поради загубата на носот ја истакнува неговата зависност од општествената перцепција за сопствената вредност.

Словенските јазични нијанси (на кои нашите колеги критичари од американскиот континент можеби не се свесни) обезбедуваат дополнителен увид. Фразата „го кренал носот“ е вообичаен идиом во словенските јазици, што значи некој да се однесува арогантно или претенциозно. Ликот на Коваљов е персонификација на овој идиом, бидејќи неговата грижа за неговиот социјален ранг и титула мајор ја илустрира неговата „самобендисаност“ и опседнатост со надворешното.

Во првата епизода на подкастот „Tipsy Tolstoy“, насловена „Нос“, водителите Мет Гарасимович и Камерон Лалона go искажуваат нивното мислење за надреалистичката кратка приказна на Николај Гогољ.

Словенски, наспроти американски херој

Наративот на „Нос“ е во остар контраст со типичните американски наративи. Додека американската литература често се фокусира на личниот раст, надминување на потешкотиите и морални поуки, заклучокот на Гогољ е дијаметрално спротивен. И покрај наизглед среќниот крај каде што носот на Коваљов се враќа на своето место, тој останува исто толку суетен и самобендисан како порано (дури и повеќе!), без да научи нешто од неговото искуство.

Овој заклучок ја одразува пошироката тема во руската литература, која често ги прикажува протагонистите победени од нивните мани или околности. За разлика од американскиот херој кој триумфира над предизвиците и станува посилен, рускиот/словенски/па дури и европски херој често се соочува со непремостливи пречки и останува непроменет или завршува уште полошо. Оваа тематска разлика ги истакнува културните финеси во наративните традиции и филозофските ставови.

Неколку значајни адаптации на „Нос“ од Гогољ
  • Опера на Дмитри Шостакович: „Нос“, првпат изведена во 1930 година.
  • Краток филм во режија на Александре Алексеиф и Клер Паркер со техника на пинскрин анимација, 1963 година.
  • Анимиран краток филм во режија на Мордикај Герстајн, 1966 година.
  • ТВ филм во режија на Ролан Биков, 1977 година.
  • Радио драма напишана од Аванти Кумар, продуцирана од RTÉ, 1995 година.
  • BBC Radio 4 комична серија: Адаптација со Стивен Мур, 2002 година.
  • Театарска претстава напишана од Том Свифт, 2008 година.
  • Стоп-анимација „Носот или заговорот на бунтовниците“, во режија на Андреј Хржаноски, 2020 година.
Заклучок

„Нос“ од Николај Гогољ е расказ кој нуди сатирична и надреалистична критика на општествените норми и личниот идентитет. Симболиката на приказната, особено носот како претстава на социјалниот статус и суперегото, обезбедува длабока критика на површинската природа на човечките интеракции. Преку испитување на апсурдот и обичното, Гогољ претставува забавна и провокативна приказна, а се воспоставува како клучна фигура во развојот на модерните литературни движења.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *