Иако не сме економски аналитичари, постојано читаме, слушаме подкасти и се едуцираме за глобалните текови и нивното влијание врз нашето општество. Нашиот портал беше првиот што го посочи извозот на македонски автобуси кон САД како можен фактор за високите царински давачки што ни беа наметнати – анализа што подоцна инспирираше и други медиуми (без воопшто да нè спомнат – но како мал, независен и непрофитен медиум, навикнати сме на тоа!). Во тој контекст, денес отвораме една поширока тема: како американските тарифи влијаат не само врз економијата, туку и врз самата природа и перцепција на трудот – и во САД, и глобално.
This Past Weekend е популарен американски подкаст кој го води комичарот Тео Вон. Со уникатен спој на хумор, искреност и длабоки прашања, подкастот нуди разговори со најразлични гости – од актери и музичари до мислители, работници и активисти. Во скорешната епизода на подкастот гостин му беше Мајк Роу.
Можеби се сеќавате на Мајк Роу од пред 20-тина години и неговата емисија Dirty Jobs, каде се пикаше по канализации и понекогаш пееше опера…
Но Роу е многу повеќе од тоа – тој е гласен поборник за враќање на достоинството на тешката, често занемарена работа. Преку својата фондација MikeroweWORKS и јавни настапи, Роу се обидува да ја подигне свеста за важноста на занаетчиството, производството и работната етика.
Што се случи со текстилната индустрија во САД?
Во разговорот со Тео Вон, Мајк Роу посочува застрашувачки податок: во 1988 година, 80% од облеката во САД се произведувала во државата, додека денес таа бројка е под 3%. Примерот на брендот American Giant, кој произведува 100% американска облека, служи како ретка надеж во индустрија која се потпрела на увоз од Кина, Виетнам и Бангладеш.
Дали тарифите на Трамп ќе го вратат производството?
Мајк Роу признава дека економистите генерално се против тарифите, но поставува пошироко прашање:
„А што ако постојат поважни нешта од економијата – како достоинството на трудот или иднината на малите американски градови?“
Тој прави споредба со укинувањето на ропството. Ропството било длабоко неморален систем кој економски функционирал. Кога аргументите би биле само економски – ропството немало да биде укинато!

Проблемот не е само во вештините – туку и во волјата
Роу го истакнува фактот дека во САД моментално има околу 500.000 слободни работни места во производството, а ако тарифите и враќањето на индустријата успеат – таа бројка може да скокне до неколку милиони.
Но проблемот е двоен:
- Недостиг на вештини – нема доволно луѓе обучени за овие работни места.
- Недостиг на волја – нема ентузијазам за „валкани“ или занаетчиски професии.
Универзитет или занает?
Роу жестоко ја критикува американската образовна политика која ги тера младите да мислат дека без факултетска диплома се осудени.
„Имаме 1.7 трилиони долари студентски долг, а 7.6 милиони отворени работни позиции, повеќето од кои не бараат диплома.“

Културна војна против трудот?
Роу предупредува дека постои културна војна против самиот поим „работа“. Во општеството владее перцепцијата дека треба да се „издржи“ работа до пензија, наместо да се гледа како извор на гордост и смисла.
„Работата не е непријател – она што е непријател е нашиот став кон работата“
Тој ја истакнува својата SWEAT (Skill and Work Ethic Aren’t Taboo) парола, декларација за лична одговорност, дисциплина и отпорност. Апликантите за стипендии мора да ја потпишат како дел од процесот.
Tрудот како идентитет
Мајк Роу не се залага само за економска обнова – туку за културна.
„Гордо да изјавиш: ‘Јас ја изградив таа зграда’, да го покажеш твоето дело – тоа е нешто што младите денес го немаат.“
Без вреднување на трудот, без вложување во обука и без враќање на работничката гордост – САД може да создаде работни места кои нема кој да ги пополни.

Случајот Македонија?
Иако Македонија е далеку помала и економски понеразвиена од САД, и кај нас сè поизразен е проблемот со недостиг на работна сила – особено во занаетчиски, технички и производствени професии. Млади луѓе сѐ поретко избираат стручно образование, а сè повеќе мајстори, техничари и градежни работници заминуваат во странство.
Тоа резултира со реален дефицит на електричари, водоинсталатери, автомеханичари, заварувачи и други еснафи кои се основа на функционално општество. Додека владите и стопанските комори размислуваат за долгорочни мерки, Македонија – слично како и Америка – има потреба од нова културна прерасподелба на вредностите, која ќе го врати угледот и смислата на практичниот труд.