Роден сум 1977 година. Значи, 1970 година ми е туѓа – како фотографија од албум пронајден во некое социјалистичко претпријатие што денес е во руини. Гледам лица, улици, зборови, ама не знам што им претходело, што следело, и каде точно ми е местото во тој свет. Моите лични сеќавања на Југославија се врзани за осумдесеттите – за една земја што веќе влегуваше во сопствената зрелост (или во сопствениот замор, како сакате), со телевизиски студија што мирисаа на лак за коса и државна сигурност, со фабрики кои уште работеа, и со градови што сè уште веруваа дека иднината е договор, а не игра на среќа (иако живеевме на позајмено време, а не го знаевме тоа).
И затоа ме удри јако кога ја отворив папката од септември 1970 година во една библиотека – со очекување дека некаде помеѓу пожолтените страници на весникот Вечер ме чека приказната за Аполо 10 (и беше таму, точно на средина на папката, на 16 септември, но таа приказна веќе ја знаете). Почнав од почеток, и како што ги вртев страниците полека сфатив: Македонија во 1970-тата не е само „стара Македонија“. Тоа е Македонија во средината на еден голем систем кој истовремено гради, контролира, казнува, образува, организира гроздобери, сообраќа автобуси на Водно или во Драчево (и тоа ноќе!), ги образува квалитетно младите, се грижи за новороденчињата, и ја негува идејата дека сè може да биде подобро – ако редот се почитува.
Овој текст е обид за пресек: што значи еден ден во Скопје и Македонија, на 1 септември 1970 година, гледано низ исечоци, рубрики и ситни детали. Нема да се задржувам премногу на „моето“ (како што многу често знам!) – тука поважно е „нашето“, тогашното, дневното. А културата и кината, намерно ги чувам за крајот, како што често и во животот си ја оставаме утехата за на крај.
Насловна страница: големите светови и малите прекини

Дознаваме какво било времето на почетокот на септември 1970 година. Облачно, повремени дождови. Македонија 18–23, Скопје до 22. Влажни тротоари, мокри прозорци, ден кога луѓето носат јакни и чадори „за секој случај“, како што дознаваме во еден од текстовите.
Но, најсилната реченица на насловната (барем за мене) е онаа што изгледа како техничка забелешка, а звучи како пресуда: „Железо нема — прекинато градење.“ Недостиг од бетонско железо, запрени градби, запрени населби, запрени индустриски објекти (иако она „Запрена градбата на цементарницата „Скопје“, звучи повеќе како сегашна желба, отколку мината реалност). Тоа е моментот кога социјалистичкиот мотор – кој на хартија секогаш е непрекинат – признава дека има прекин. Дека материјата, суровината, ланецот на снабдување, не се идеологија. И дека „градиме“ понекогаш значи „чекаме“.
Понатаму следат вести од Југославија (Трогир, Ќилипи), а тие ќе ги оставиме на тамошните хрноничари. Посетата на турскиот премиер, изјави, У Тант, Обединети нации, официјални посети. Македонија е и локална и светска, истовремено. Денес таа двојност ја живееме преку интернет и во нашите глави (Македонија нема значење на интернационалната сцена); тогаш ја живееле преку весник и реалност.
Страници со „живот на терен“: инспекции, казни, ред и морал
Оној дел од весникот што мене најмногу ме интересира – бидејќи е најблизок до тоа како изгледа една држава во секојдневие – се приказните за казни, инспекции, затворања и „неправди“.
Во 1970, системот не се плаши да биде строг и јавен: угостителски објекти се контролираат, се казнува, се затвора. Бифето со интересно име, „Мечкина дупка“, е затворено – и тоа е реченица што звучи како мала градска митологија. Заради што – заради користење вода од бунари, замислете! (Памтете го муабетот, ќе се надоврземе).

И тука е еден друг, важен слој: социјализмот не значи „нема криминал“. Има човек што краде по цркви. И весникот го бележи тоа, со име и презиме, а така биле ословувани сите сторители на кривични дела тогаш – јавно и гласно, сите да знаат, наместо скриено и тајно, со иницијали! И тоа замислете, криминал по религиозни објекти во социјализмот кој бил жестоко санкциониран.

Покрај тоа, се пишува за неправдите кон осигурениците, за „непотполни записници“:
Честопати сопствениците на моторни возила тешко можат да ги остваруваат своите права од Осигурителниот завод „Македонија“. Таков е случајот со Петар Цорковски. Тој пред четири месеци доживеа сообраќајна несреќа, односно во неговото „фиќо“ удрил еден автобус. Штетата изнесувала неколку стотини илјади стари динари. Веднаш по судирот сообраќајните милиционери дошле на местото каде се случила сообраќајката и направиле записник. Потоа тој се обратил до Заводот „Македонија“ за да му биде исплатена штетата од задолжителното осигурување на „фиќото“. Меѓутоа, до денес не го остварил своето право. (© Вечер)
Македонија што работи: фабрики, колективи, традиции на наградување
Ова е можеби најсилната слика што ја дава 1970: Македонија како простор на работни организации, фабрики, комбинати, колективи и промет. Куманово, на пример, не е само град – туку индустриска реченица составена од имиња што денес звучат како архив: фабрика за заварени цевки „11 Октомври“, фабрика за чевли ЧИК, свињарска фарма на ЗИК „Куманово“ итн. Тоа не се само информации – тоа е екосистем: метал, кожа, аграр. Слика на град што има причина да станува наутро.
И таму некаде стои и фактот дека „Технометал – Македонија“ била меѓу 15 најголеми по промет „работни организации“ во цела Југославија – реченица што денес звучи како научна фантастика за тие што пораснале во транзицијата. Не затоа што не можеме да замислиме успех, туку затоа што ретко го замислуваме успехот како колективна работа, туку како индивидуална „снаодливост“.

Во ГП „Бетон“ со часовници се наградуваат луѓе што долго години непрекинато работат. Еве ја таа социјалистичка поетика: верност кон работата како морална категорија. Денес наградите се најчесто за „иновативност“ и „брзина“. Тогаш наградата е за истрајност.
И паралелно со тоа: недостиг од железо и прекинато градење – но за кратко. Скопје се градело многу и забрзано! Бројот на жителите за само 6 години по земјотресот се зголемил за три пати. Кризата со железото ја открива суштинската контрадикција на системот: дури и со фабрики, комбинати и самоуправни колективи, материјата понекогаш доцнел. Железото било таму, но не и таму каде што требало да биде, и не во моментот кога било најпотребно. Социјализмот ветуваше контрола над ресурсите; реалноста потсетуваше дека ниедна идеологија не може целосно да ја скроти логистиката.
ГП „Маврово“ (исто така) престанало со изградбата на системот на шарските води, на новиот студентски дом во „Тафталиџе“, училишта, Крил Пешковиќ и на училиште во населбата Драчево. Прекината е градбата и на повеќе станбени згради, а поради немање бетонско железо не може да почне изградбата на други објекти. Од вчера престана градбата на нови згради и гимназијата „Јосип Броз Тито“ и „Раде Јовчевски — Корчагин“, што ги изведува ГП „Пелагонија“, потоа на ладилникот во Гевгелија, топилницата во Титов Велес, како и на новиот мост на Вардар и други објекти. И ГП „Гранит“ престана со градбата на неколку крупни објекти, а фабриката „Карпош“ поради немање бетонско железо и потребни монтирања и елементи во населбата „Карпош IV“ и на спојката на населбата во Титов Велес, како и на далекуводите Куманово — Прешево и Кочани — Виница — Делчево. (© Вечер)
Во градење на новото, изумира старото
Весникот зборува и за напуштање на старите професии и занаети.
Шеесетипетгодишниот Ибрахим Аједин и 60-годишниот Мемед Весели од Скопје, се единствените луѓе кои денес се занимаваат со ретка професија — со копање бунари. Со еден занает кој повеќе нема наследници и кој постепено умира. Деновиве ги посетивме во нивниот дом во Скопје и ги замоливме да ни раскажат нешто за себе и животот на еден бунарџија.
— Зошто ви е потребна приказната за нас? Кого уште го интересира нашиот живот, — веднаш на почетокот не праша мајстор Ибрахим Аједин. — Нема тука што да се раскажува… Се е тоа поминато и заборавено… Само кога ќе се сетам каков убав живот имавме пред десетина и повеќе години, колку многу се бараше нашата услуга. Денес за бунарџиите нема живот… Никој не нѐ бара повеќе. Техниката ни го зеде лебот. А и времињата се променија. Во годината одвај бунар два ќе ископаме во некое село и тоа е сѐ. Верувајте ми, некогаш не можевме сѐ да постигнеме. Луѓе со денови нѐ бараа по нивите и полјаната, по два-три дена не чекаа пред куќниот праг со молба да им помогнеме и да им извадиме добра и здрава вода.
Текстот е многу интересен и живописното раскажување на бунарџијата Ибрахим вреди да се прочита во целост.

Образование и млади: прв училишен ден, буквари, празни автобуси за Водно
1 септември е датум што и ден-денес го препознаваме по звук: чанта што тропа, избањати, со чисти уши и потсечени нокти, испеглана облека и избелени патики, и со задолжителните пепрутки во стомакот. Во весникот се чувствува тој пулс.
БИТОЛА, септември. — Почетокот на новата учебна година уште еднаш ја повтори старата слика, што со децении се јавува во ова време: голема мешаница во книжарниците. Секој од купувачите е заинтересиран на време да се снабди со потребниот број книги, тетратки и друг училишен материјал. Не треба да се нагласува дека најголемиот дел од потрошувачите се ученици. Но, тука се и родителите. Тие најчесто ги снабдуваат првачињата и оние од пониските одделенија. При купувањето на чанта и буквар за прваче, присуствуваат сите домашни, зашто тоа претставува свечен чин!
„Во Виница има слабо интересирање за гимназијата.“ Тоа е уште една реченица што може да биде безвременска – денес ја кажуваме за други насоки, други училишта, други причини. Но тогаш е интересно што тоа се бележи: државата внимателно ги следи бројките на иднината.
И тука некаде се појавува и таа реченица што ме насмеа и ме натажи истовремено: автобусите до Водно возеле празни. Значи имало линија, имало план, имало идеја „народот да оди на воздух“ – ама реалноста си имала своја логика: луѓето или немале време, или немале навика, или немале потреба. Системот може да креира инфраструктура, но не може да произведе желба.

Социјална грижа и здравје: прва помош, а и темните бројки од Теарце
Има нешто силно во тоа што весникот на ист ден може да слави организираност и да запише трагедија.
Во Струга – „оспособени 350 подмладкарци“ (веројатно тоа значи младинци) за прва помош. Тоа е идеја за општество што се тренира да биде подготвено. Црвен крст, курсеви, дисциплина. Грижата како организација.

Но, во Теарце се пишува за смртноста на децата, за новороденчиња што умираат, за застареност на сфаќањата и ретка вакцинација. Таму, во неколку реда, се гледа јазот меѓу центарот и периферијата: држава што може да организира школи за пливање и прва помош, но не успева да ја пробие најтврдата материја – навиката, традицијата, недовербата, сиромаштијата, недостапноста.
И тоа е важно да се каже: 1970 не е само „романтична Југославија“. Тоа е и реалност во која некои места живеат со ризици што денес би ги сметале за недозволиви.
Политика на неврзаните во практика: палестински дарители на крв
Овде има момент што денес ретко се чита со истата тежина: палестински дарители на крв помагале во Скопје. (А како Македонија им враќа денес!?)

Тоа не е само хуманитарна вест. Тоа е политичка слика: неврзаните како конкретна солидарност, не само како говор на конференции. Скопје по земјотресот останува меѓународна точка – град што прима помош, но и град што живее во симболиката на глобална солидарност. Тоа е Македонија што е дел од светот на поинаков начин: не преку инвестиции и фондови, туку преку гестови.
Градот во последните 24 часа доби вкупно 25 новороденчиња! Во Гинеколошко-акушерското одделение во Чаир, шест родилки станаа среќни мајки. Син добија: Сава Апостоловска, Марина Милевска и Ратка Кузмановска. Ќерки добија: Македонка Георгиевска и Берка Лазарева, додека две ќерки близнаци доби Ирмизад Сулејмани. (може тие родени во 1970 година ќе се препознаат!) © Вечер
Возови, автобуси, авионски врски: „plains, trains, automobiles“ – македонска верзија
Една од најубавите (и најтажни) рубрики во стар весник е онаа што денес ја замениле апликации: итни броеви, болници, домашна посета, тв програми, дежурни служби, возен и ред на јавен превоз, авионски врски… Сето тоа е испечатено како да е карта за преживување. И навистина е.
Во рубриката со возови и автобуси има нешто што денес звучи речиси неверојатно: ноќни автобуси на ГСП (денешно ЈСП). Линии што одат по полноќ. И да – ако денес последниот автобус за Драчево (бр. 41) е во 23:10 – тогаш, пред 56 години (и тоа кон една населба периферна населба) сообраќале цела ноќ!

И тука, како мала хумана нота: пријавување на новороденчиња. Во ист кадар со возови и автобуси. Животот како администрација, ама и администрацијата како грижа.
Доколку детето е родено дома, родителите се должни да го пријават во рок од 15 дена, а ако е родено во болница тогаш рокот изнесува 30 дена од денот на раѓањето. Пријавувањето на децата се врши во матичната служба на ул. „29 Ноември“ бр. 14 (до кино „Карпош“). Родителите на домашно родените деца добиваат од бабицата пријава за раѓање, со која се врши пријавување на детето. © Вечер
Социјалистичката економија
Во истиот број на „Вечер“ курсната листа е мал, но моќен документ за тоа како изгледала економијата „на хартија“. Британската фунта во 1970 е најсилната валута на листата и тоа без дилема: со вредност од 30 динари, таа е речиси десет пати посилна од германската марка, која се движи околу 3,4 динари.
Тоа, сепак, не значи дека марката е „слаба“ валута – туку дека силата не се мери само во номинална вредност, туку во стабилност и економска доверба. Марката тогаш веќе е валута на една извозно ориентирана индустриска сила и токму затоа подоцна ќе стане темел на еврото. Особено впечатлив е ирачкиот динар, кој со 35 динари ја надминува и фунтата: тоа не е аномалија, туку реален одраз на тогашната состојба – нафтена држава пред децении војни, санкции и распад, со валута што важела за исклучително силна.
Американскиот и канадскиот долар се речиси израмнети (12,5 и 12 динари), што покажува дека САД сè уште не се апсолутен монетарен хегемон каков што ќе станат подоцна. Така, курсната листа станува снимка на светот во 1970.

На крај: културата како огледало (кина, радио, ситни луѓе)
Намерно ја оставив културата за крај, затоа што таа најдобро покажува каков бил духот на градот кога ќе ги тргнеш „големите вести“.
Радио Скопје: денот има ритам
Во програмата се чувствува една поинаква медиумска логика: утринска програма, вести, музика, детски содржини, емисии на албански и турски, спорт, вечерни сегменти. Радиото тогаш не е „позадина“. Радиото е време. Тоа е саатник за домаќинства. И тука е оној дел што ме фасцинира: најави за музика од Чајковски, де Фаља и Хачатуријан. Ти кажува нешто директно: културата не била ниша, туку стандардна понуда. Не „елитна“, туку нормална.
„Луѓе во фокусот“: мали детали што прават време
Една од најубавите рубрики е токму таа – ситни анегдоти што денес би биле твитови, но тогаш се печатени со тежина на весник. Легендарниот спикер Иван Антонов носи хартиено шамивче во горниот џеб од свечен костум, за малите екрани, бидејќи е попрактично од класичното. Тоа е реченица што ја обожавам: во неа има и телевизија, и стил, и рационалност, и човечка комичност. Еден детал што го прави времето живо.

Кината: град што има избор
И конечно – кино програмата. Тоа е, за мене, еден од најважните „индикатори“ за тогашниот урбан живот. Не затоа што филмовите се „подобри“ по дефиниција, туку затоа што има мрежа: Култура, Вардар I, Вардар II, Карпош, Влае, Бамби, Бутел, Маџари, 26 Јули, Дом на градежници, Кино-парк, Напредок, Кисела Вода, Драчево…

Да направиме мала анализа на репертоарот.
Култура: „МОИ ДЕЦА, ТВОИ ДЕЦА, НАШИ ДЕЦА“ (Yours, Mine and Ours), САД, 1968 (Комедија / семеен филм), Режија: Melville Shavelson; Во главни улоги: Lucille Ball, Henry Fonda
Вардар I: „ЉУБОВ ВО СЕНКАТА НА ПИРАМИДИТЕ“ (веројатно Love in Karnak, Египет, 1967(Романтичен / мелодрама)
Вардар II: „СТАНИЦА НА КОМАНЧИТЕ“ (Comanche Station), САД, 1960, Вестерн, Главна улога: Randolph Scott
Карпош: „БАГДАТСКИОТ КРАДЕЦ“ (The Thief of Bagdad), Велика Британија, 1940, Фантастика / авантура
Влае: „ПОДВИЖНА МЕТА“ (Bersaglio mobile), Италија, 1967, Криминалистички трилер
Бамби: „НАСОКА САНТА КОСТА“ (можеби Sursis pour un espion), Франција, 1965, Авантуристички / криминалистички
Бутел: „ЗЛАТОТО НА МАККЕНА“ (Mackenna's Gold), САД, 1969, Вестерн, синемаскоп, со Gregory Peck, Omar Sharif
Маџари:„СКОРОЕВЦИ“ (Les nouveaux riches), Франција / Германија, 1938, Комедија
26 јули: „АВАНТУРИСТИ“ (Les aventuriers), Франција, 1967, Alain Delon, Lino Ventura
Дом на градеж.: „ПРИЈАТЕЛСТВО“ (Dosti) Индија, 1964, Драма
„ШЕРИФ ВО ЊУ ЈОРК“ (Coogan's Bluff), САД, 1968, Clint Eastwood
Кино-парк: „ДОБРОВЕЧЕР ГОСПОЃО КЕМБЕЛ“ (Buona sera, Mrs. Campbell), Италија / САД, 1968, Комедија
Напредок: „ГОЛЕМОТО ОГРАБУВАЊЕ НА БАНКАТА“ (The Great Bank Robbery) САД, 1969, Комедија / вестерн, Clint Eastwood
К. Вода: „ПАТОТ КОН СЛАВАТА“ (Granada, addio!), Италија, 1950, комедија
Драчево: „ГЛЕДАН ГОЛО“ (Vedo nudo), Италија, 1969, комедија
Во кино-репертоарот на Скопје на 1 септември 1970 јасно се гледа доминација на американските и италијанските филмови, но без монопол во денешна смисла. Американските филмови се присутно преку вестерни и комедии со ѕвезди како Хенри Фонда, Грегори Пек и Клинт Иствуд – сигурен жанровски избор за масовна публика – додека италијанските филмови носат полесни комедии, криминалистички приказни и сатира, блиски по менталитет и вкус. Француските авантуристички и криминалистички филмови, британска класична фантастика, индиски хуманистички филм и дури египетска мелодрама ја прошируваат сликата: тоа не е репертоар на еден културен центар, туку полифонија на Западот, Европа и светот на неврзаните, распоредена по населбите на градот – нешто што денес, со сведениот избор и централизираното холивудско кино-прикажување, делува како заборавена културна инфраструктура.
Заклучок што не го затвора, туку го отвора текстот
Во 1 септември 1970 Македонија изгледа како држава што се обидува да биде систем: да гради, да контролира, да казнува, да наградува, да организира, да образува, да поврзе, да информира, да понуди култура, да одржи јавни услуги. Но истовремено, под таа организираност, се гледаат пукнатини: недостиг од железо, трагедии во периферијата, слаб интерес за гимназии, административни неправди.
И можеби токму затоа овој број на „Вечер“ е толку добар документ за „слика на еден ден“: затоа што не е разгледница. Не е ни пропаганда, ни цинизам. Туку мешавина од конкретен живот: дожд, линии, фондови, фабрики, казни, буквари, аптеки, музика и кино.
А некаде таму, во папката што ја листам, ме чека Аполо – во бројот од 16 септември – како симбол на едно модерно, светско Скопје кое исправено гледа во иднината.

