Датумот е 25 август 1989 година. Весникот е „Вечер“. Насловот: „Графитите меѓу нас“. Во рубриката „Бележиме“, новинарот Б. Ѓорѓевски прави нешто нетипично за тогашниот (често крут) медиумски простор. Наместо да ги осуди „вандалите“ и да повика милиција, тој нуди естетика на грдото.
„За нив, сепак, не би можело да се каже дека се грдост на градот,“ пишува тој, поентирајќи дека „неговиот изглед, сигурно, многу повеќе го наградуваат мрачните ѕидишта, обезличени од бетонот и стаклото“.
Текстот е редок мејнстрим документ каде се предлага легализација на уличната уметност – отстапување на поголеми ѕидни површини за „слободна креација“. Замислете, во 1989 година!
Погледнете ја добро фотографијата подолу. Тоа не е само „чкртање“. Тоа е музичка плејлиста на една генерација, врежана во малтерот пред да постои Spotify. „Ad Rock“ (Beastie Boys?), „Mötley Crüe“, „Tommy Lee“, „D.R.I.“, „RUN DMC“… На сивиот ѕид во Скопје, некој клинец (Јовче или Жути?) со спреј буквално го испишувал својот идентитет преку имињата на своите идоли. Ова парче хартија не е само вест, туку доказ за моментот кога западниот поп-културен бран дефинитивно ги преплави скопските маала, оставајќи физички траг врз социјалистичката архитектура.

Овој текст е важен затоа што го означува крајот на една ера на молк и почетокот на визуелната бучава. Тоа е 1989-та. Светот се менува, Берлинскиот ѕид ќе падне за неколку месеци, а скопските ѕидови веќе паѓаат под „нападот“ на младешката експресија.
Но, овој исечок од „Вечер“ не е осамен остров. Тој е само јавниот оддек на она што „подземјето“ веќе го живеело. За да ја добиеме целосната слика, мораме да се повикаме на она што претходно го објавивме тука, на Арно.мк, антологискиот текст „Скопски графити 2“, оригинално објавен истата таа 1989 година во списанието „Културолошки бележник“. Тоа издание на Културолошкиот клуб при УСО „Јосип Броз Тито“, напишано од Јане Теохаревски со фотографии на Дарко Митревски, останува најдлабоката анализа на оваа појава.
Додека „Вечер“ срамежливо признава дека графитите се подобри од сивиот бетон, Теохаревски и екипата од „Јосип Броз“ веќе ги деконструираа политичките, културните и социјалните аспекти на сцената. Овие два записа, едниот од училишниот клуб, другиот од градскиот весник, се ретките преживеани сведоци за скопската графити сцена пред 90-тите, период кој инаку ќе останеше избришан од времето и од новите фасади.
Затоа, да го зачуваме овој исечок, пред сè поради онаа црно-бела фотка најдолу. Некаде во Скопје, ако не настрадал во транзицијата или забегал во белиот свет, можеби сè уште шета некој поранешен „металец“ кој во 1989-та го напишал „Mötley Crüe“ на ѕидот, мислејќи дека го менува светот. И на некој начин, барем за тој ѕид, го сменил.
(Во продолжение ви го пренесуваме оригиналниот исечок и транскриптот од текстот)

Забелешка: оригиналните „колони“ се прередени за да се пополни просторот од другите статии на страницата
Графитите меѓу нас
Графитите, едни од мошне карактеристичните и визуелно леснопрепознатливи белези на современата цивилизација и урбаните градски простори, полека, но сè повеќе, ги „освојуваат“ и скопските ѕидови. Имиња на (не)познати музички групи, прекари и имиња, предупредувања, симболи, па и по некоја парола… Засега тие се единствени украси на (најчесто) сивите и неугледни ѕидови на згради и други станбени или деловни објекти.
Никулците на графитите во нашава средина, испишувани најчесто со раката на младите, без сомнение се своевиден израз на желбата на авторот — она што нему му се допаѓа и за што покажува афинитет да влезе во свеста и доменот на интересирање и на другите сограѓани. Колку се успева во тоа, тешко е да се каже. Но, уште нешто паѓа в очи.
Додека во лулката на графитите — Соединетите Американски Држави и земјите на Западна Европа — оваа фаза веќе поодамна е надмината и на ѕидовите осамнуваат и вистински филозофски пораки, при што се забележуваат дури и објавени книги, во кои се собрани умните мисли, испишани по ѕидовите, таквото нешто во Скопје, засега, сè уште изостанува или пак, најчесто, има варијанта во стилот на „Водете љубов, а не војна“.
Но, и такво нешто, некое утро, сигурно ќе се појави на некој дотогаш сив ѕид…
◉ Што да прави градот со графитите? За нив, сепак, не би можело да се каже дека се грдост на градот, бидејќи неговиот изглед, сигурно, многу повеќе го наградуваат мрачните ѕидишта, обезличени од бетонот и стаклото. Затоа, не е на одмет и решението поголеми ѕидни простори да им се отстапат на младите уметници и на нивната слободна креација…
Б. Ѓорѓевски СНИМИЛ: С. Десоски