Разговор со бељаџијата RASK, цртач на графити од екипата ЕБСФ

Во урбаниот пејзаж на градот Скопје, името RASK/PACK се јавува како талентиран графити цртач, член на енигматичната ЕБСФ екипа од 2017 година. Успеавме на кратко да ѕирнеме во неговиот свет на спрејови, тагови и урбана култура. Фотографиите се преземени од групата „Графит.мк“ и Instagram профилот на RASK.


Како новинар на арно.мк, често се наоѓам во необични ситуации. Работници низ градот ме прашуваат зошто ги сликам, ми се закануваат нелегални истурачи на отпад или се варам на 40 степени целзиусови на отворањето на Националната опсерваторија на Косово (за тоа подоцна). Но, разговорот со еден графити цртач преку Instagram беше нешто сосема поинакво. Се затекнав како зјапам во екранот од компјутерот (како и секој бумер не се снаоѓам баш на телефон), обидувајќи се да ја придобијам довербата на човек чие вистинско име не го знам, ниту знам како изгледа, но добро го знам неговиот таг. Сум го среќавал на многу места низ Скопје – RASK.

Приватен детектив на задача да го разоткрие тајниот свет на графити уметноста

Кога првпат го контактирав RASK преку Instagram, неговиот скептицизам беше очигледен, дури и преку текстуалните пораки. „Дали ќе биде анонимно?… Е што ти текна толку да се заинтересираш за графитите? До сеа никој го нема правено ова…”, коментираше тој. За момент се запрашав дали мисли дека сум инспектор кој се крие зад лажен профил и прибира податоци за него.

„Од истата причина од која се интересирам за градењето Астрономска опсерваторија во МК, некој мора,“ му одговорив.

За да ја разбијам тензијата, решив да бидам искрен. Му раскажав за моето минато. Како дете, и јас цртав графити. Бев панкер, израснат на хардкор панк музиката, Bad Religion, Snuff, Gorrilla Biscuits, дури имав и бенд наречен Social Imbecillity. Го жигосував Скопје со SK/HC (Скопје хардкор) графити, иако бев тотален аматер и никогаш немав свој стил.

„Ми фали тоа“, му напишав на RASK, „но се чувствувам престар да продолжам. Животот ми забега во друга насока.“ Тогаш забележав промена во тонот на неговите пораки. Неговиот став омекна и ме охрабри дека никогаш не е доцна. Така почна полека да споделува работи со мене. Му поставив неколку прашања, а тој ги одговараше, најчесто кратко. Меѓу другото, ми објасни дека се викаат „цртачи“, а не „графитџии“.

Кој е RASK?

RASK активно почнал да се занимава со графити во 2017 година. Неговото име, како што дознав, е кратенка од “rascal”. Но бидејќи често црта на кирилица, многумина го читаат како PACK (ПАК). Сум го среќавал неговиот потпис во Скопје на многу места, посебно или заедно со ЕБСФ, ПСЖ или Престиж. Го прашав кои цртачи ги почитува.

„За мене, најдобри цртачи во Македонија се моите многу добри пријатели Вутар и Микс“, ми одговори тој. „А интернационално има премногу, но Swet и Rime се луѓето што секогаш ме воодушевуваат со нивните креации.“

RASK/PACK со посвета на Graffiti Shop Hrom (и на раперот 2PAC?)
ЕБСФ: рап и цртање

Кога разговорот се сврте кон ЕБСФ, забележав промена во неговото изразување. „ЕБСФ,“ објасни тој, „е повеќе од само графити и рап група. Тоа е започнато од луѓе кои се другари и делат ист начин на живот“, напиша тој. За значењето на кратенката ми објасни дека „има многу различни варијанти. До ден денес уште не е дефинирано што точно значи ЕБСФ.“

Дознав дека групата вклучува разновидни креативци – од рапери како Мајк и Маљо, цртачи и рапери како Вутар и Worm, и нашиот цртач Rask. Но, групата е флуидна и се менува. „Дарма беше член“, објасни тој, „кој го напушти ЕБСФ и со Микс го оформија ПСЖ.”

Човекот зад цртачот

Како што разговорот се продлабочуваше, открив дека RASK е многу повеќе од само графити уметник. Кога го прашав за музика, без двоумење одговори: „Олд скул рап, се разбира.“ Неговиот вкус за литература ме изненади – последната книга што ја прочитал e „Приказна за два града,“ роман од Чарлс Дикенс кој ги истражува темите на правда, револуција и жртвување преку приказната за два града, Париз и Лондон, за време на Француската револуција.

Но, најголемото изненадување дојде кога спомена дека го читал и “Светото писмо”. “Wow, баш интересно”, напишав изненадено, а тој само одговори: „Да бе, чичо.“ Секако постоеше можност дека ме трола, но еј! – ме потсети на Смики од култниот рап бенд САФ. Учевме во исто училиште и еднаш ми кажа дека додека лежел во болница со скршеница, како тогашен осмоодделенец, ја прочитал целата Библија – од чиста здодевност!

Во тој момент сфатив колку малку всушност знаеме за луѓето зад графитите што ги гледаме секој ден. За повеќето од „нормалните“ луѓе тие се само вандали. Вистината е дека во една држава во која има толку малку креативност, цртачите на графити треба да се ценат и поттикнуваат. Но, тоа веројатно не би им се допаднало на нив самите – кој анархист сака да биде дел од естаблишмент?!

Промена на перспектива

Додека го завршував нашиот разговор и ги разгледував графитите на RASK кои сум ги сликал во Скопје или гледал на неговиот инстаграм профил, одеднаш ми се видоа поинакви. Секој графит, секоја шара на ѕидот, сега носеше потенцијална приказна. Тоа е еден свет кој постои паралелно со секојдневниот живот на работни обврски, носење деца во училиште, скари, турбофолк и политички муабети – свет на слобода, дружба и креативност на граница на легалното.

Можеби никогаш нема да го знам вистинското име на RASK, или точното значење на ЕБСФ. Но, она што го научив е дека зад секој таг, зад секој графит, стои личност со свои страсти и приказни. Мојата задача е да ги споделам тие приказни, зашто се инспиративни и вредни за споделување. И конечно, да му одговорам на RASK – ете, затоа се интересирам.

Разговорот го водел преку инстаграм: Берт Стајн

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *