Прво издание книжевни читања „Клинци“ во Europe House Skopje

Утре, среда (13.12), со почеток во 20 часот во Europe House Skopje ќе се случи првото издание на книжевните читања „Клинци“ во организација на неформалната младинска организација за култура „Култура бета“.

За „Култура бета“ веќе пишувавме, инспирирани од нивниот младешки занес. Како организација која стои зад некогашниот „Електролит“, како дел од Културниот Центар Точка и случувањата околу тогашната културната сцена, но и уште од порано собрани околу култното списание „Маргина“ – го поддржуваме овој нов бран некои нови културни „Клинци“! Но, тие не се само „занесени“, туку и сериозни, бидејќи веќе организираат свој фестивал.

На првото издание на „Клинци“ публиката ќе има можност да се запознае со поезијата и прозата на четворица млади автори и авторки, Ива Петреска, Стефан Спасовски, Ангела Бошкоска и Христијан Мурџески. Во рамки на настанот ќе биде поставена и изложба на младата уметница Тамара Блажевска.

Настанот ќе го модерира младиот поет Андреј Медиќ Лазаревски.

„Некои ќе речат, а можеби и ќе викнат, гордо ќе кажат „Ништо не прават децава денес…“ Инспирирани, испровоцирани и поттикнати од ваквите изјави почнуваме со еден нов концепт на книжевни читања наречен „Клинци“. Секое издание се запознаваме со четворица млади автори кои штотуку влегуваат на книжевната сцена, а на секој настан ќе може да се види и една помала изложба на некој млад уметник. Понатаму планираме настаните да ги збогатуваме и со музички перформанси на млади музичари и проекции на краткометражни филмови од млади режисери.“ истакнуваат од „Култура бета“.

Настанот е организиран во соработка и со поддршка на Europe House Skopje.

Во нашиот претходен текст за потенциравме дека „Народ кој има ваква младина не треба да се плаши за својата иднина!“ и, ако не не утепаат сите постариве со нивното турбофолк и еколошко загадување – се уште се согласуваме со тоа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *