Образованието ни е катастрофа, ама и кулата на ПИСА е крива!

Да се разбереме, ПИСА не е крива за состојбата во нашето образование, туку кулата на кои почиваат нејзините вредности е крива. Всушност, ПИСА е маркетиншка алатка и наскоро ќе разберете зошто.

Во краткава анализа (секако е потребна и поисцрпна) го креваме прашањето дека можеби треба да се отвори и една дебата околу тоа што е всушност ПИСА и колку тој „семоќен“ тест е релевантен.

ПИСА тестот е меѓународен програм на проценка на образовните постигнувања на учениците, а се оценува писменоста од математика и читање и знаењата од природните науки.

Во самата „мисија“ на ПИСА (на стр. 27 од еден од опширните извештаи од 500 стр. на ПИСА од 2015 година) стои: „ПИСА проценува до кој степен 15-годишните ученици, при крајот на нивното задолжително образование, стекнале клучни знаења и вештини кои се неопходни за целосно учество во современите општества.“

Се поставува прашањето како може да се одреди од едно несовршено и недоследно испитување на знаењето на децата да се предвиди што е неопходно за нивниот успех во иднината? Зарем ПИСА тврди нешто толку дрско? Со понатамошно читање на документот се чини дека го тврди токму тоа!

ПИСА е лекот за анксиозноста на родителите, наставниците и управителите на образовните системи во врска со непредвидливата иднина.

Со еден збор – ако резултатите на ПИСА се лоши, лошо ни се пишува! Но, дали е тоа навистина така?

Вистината е, ако размислиме логички, дека не е возможно да постои еден унифициран тест на светско рамниште кој ќе ги обедини сите национални финеси на образовните системи, условите во кои се настанати тие, различниот степен на развој во тие општества, националните политики, истории, превирања, менталитетот, условите на работа и други безброј фактори и со примена на една иста формула да го даде одговорот. Сето тоа се чини како невозможна мисија – зашто е!

Според Патрик Дерхам, директор на училиштето Вестминстер во Лондон, пристапот на ПИСА „може да доведе до верување дека краткорочните поправки можат да помогнат во подобрувањето на образовниот систем на една земја, додека истражувачките истражувања јасно покажуваат дека значајните промени траат со децении“.

Да заклучиме, мисијата на ПИСА како најрелевантна пансветска програма за влијание врз избрзани одлуки на сиромашните едукативни системи, како нашиот, е успешна!

Оваа тема е широка и има многу за истражување, за почеток проверете ги овие извори:

Пазете се од лажните идоли на извонредноста на образованието: земете ги резултатите од тестот ПИСА со резерва

Две децении хаос: Синтеза на критики против ПИСА

Дали децата престанаа да се обидуваат на PISA и NAPLAN?

Експерт: Како ПИСА создаде илузија за квалитет на образованието и ја пласираше на светот

Писа: Дали навистина може да им се верува на резултатите да ни кажат нешто за образовните стандарди?

Тестовите на ОЕЦД и Писа му штетат на образованието ширум светот – академици

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *